Економија
Бочварски: Инвестираме над 87 милиони евра за патната мрежа во Крива Паланка и околината
„Инвестираме преку 87 милиони евра во изградба на нови и реконструкција на постоечките патишта во овој регион, со што Крива Паланка станува центар на Коридор 8, кој е од стратешко значење за регионалното поврзување и економскиот развој на државата“, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој денеска заедно со вицепремиерот за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, и градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, изврши увид во повеќе инфраструктурни проекти во општина Крива Паланка.
За време на посетата на општина Крива Паланка, министерот Бочварски, вицепремиерот Николовски и директорот Бабовски извршија увид во градежните работи за рехабилитација на повеќе регионални патни правци кон граничните премини кон Република Бугарија и Република Србија.
„Овој регион е од особено значење за целокупниот економски развој, па поради тоа инвестициите во патната инфраструктура што ги реализираме тука се од огромна важност не само за подобар живот на локалното население, туку и за целата држава. Градежните работи за изградба и рехабилитација на 110 километри патна мрежа во околината на Крива Паланка, за што инвестираме преку 87 милиони евра, се одвиваат непречено и со добро темпо. Регионалното поврзување на земјата е приоритет на Владата и во таа насока посветено работиме на модернизација на патните правци кон граничните премини со соседните земји. Покрај изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, го реконструираме и градиме трета лента на патниот правец од Крива Паланка до Деве Баир, а во меѓувреме работиме на рехабилитација на регионалниот пат Куманово – Страцин. Нашата работа е целосно насочена кон интересот и потребите на граѓаните и продолжуваме посветено да работиме на реализација на капиталните инвестиции и изградба на инфраструктурата на државата, за економска стабилност на земјата и подобар живот за сите граѓани“ – изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Министерот Бочварски истакна дека покрај инвестициите во патната и железничката инфраструктура, интензивно се работи и на подобрување на комуналната мрежа во Крива Паланка, за што се инвестира преку еден милион евра.
Вицепремиерот за борба со корупција, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, стави акцент на заложбите на Владата на Република Северна Македонија за развој на инфраструктурата и враќање на животот во руралните средини.
„И во новиот мандат, Владата останува силно посветена на унапредување на целокупната инфраструктура и подобрување на условите за живот во руралните места. Овој регион, кој со години беше заборавен, изолиран и запоставен од страна на институциите и државата, сега станува центар на крупни капитални инвестиции. Со проектите што ги реализираме во Крива Паланка и околината во делот на патната, железничката и комуналната инфраструктура придонесуваме за развој на Североисточниот Регион, подобри услови за живот и работа на граѓаните и подобро регионално поврзување. Граѓаните се сведоци на нашата работа и на овој начин, преку партнерство и соработка на централната и локалната власт ќе продолжиме со реализација на крупни капитални проекти од значење за економскиот раст на државата и остварување на поставените стратешки цели“ – изјави заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
Директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, истакна дека преку Програмата за рурален развој Крива Паланка реализираше четири проекти со вкупна вредност од околу 50 милиони денари, од кои три самостојни проекти на општината и еден во партнерство со Центарот за развој на Североисточниот Регион.
„Преку овие проекти овозможуваме подобар живот на жителите на општина Крива Паланка, подобри услови за раст на стопанството, развој на руралниот и манастирскиот туризам и генерално зголемена конкурентност на регионот“ – истакна директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.
Градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, се заблагодари за поддршката што општината ја добива од Владата и истакна дека инфраструктурните проекти што се реализираат во овој регион се од огромно значење за локалниот економски раст и квалитетот на живот на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

