Економија
Бочварски и Николовски од Крива Паланка: Градот го живее своето модернизирање, инвестираме во изградба на квалитетна патна и железничка инфраструктура
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, и градоначалникот на општина Крива Паланка, Сашко Митовски, денеска изврши увид во активностите за реконструкцијата на главната улица Св. Јоаким Осоговски во општина Крива Паланка.
Ако претходно Североисточниот Регион од минатите влади беше заборавен, денес оваа Влада посветено реализира големи инфраструктурни проекти, со кои силно се развива овој регион инвестирајќи во патната и железничката мрежа, нови фабрики и многу значајни проекти за целата држава.
„Работиме на изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, инвестицијата е повеќе од 62 милиона евра. Исто така, во завршна фаза е проширувањето на државниот пат од Крива Паланка до Деве Баир, инвестиција од 12 милиони евра. Активно ја градиме пругата од Куманово до Крива Паланка , каде што на првите 2 фази веќе работиме на терен, инвестиција од над 200 милиони евра, а до крајот на годината очекувам да се распише и јавен повик за изградба и на третата фаза од тука па сè до Деве Баир, најтешката делница од оваа пруга, со што вкупната инвестиција на источниот крак од железничкиот Коридор 8 ќе надмине 700 милиони евра. И ова се најголемите проекти и инвестиции што се работеле до сега во Крива Паланка и што е уште позначајно, многу локални компании и граѓани се ангажирани како логистика во нивната изградба“, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Овие години во Крива Паланка се случува урбана револуција. Инвестициите во изградба и реконструкција на градските улици не се само обична инфраструктура, тие се артерии на прогресот, поврзувањето и развојот на градот.
Од денеска почна реализација на еден од главните капитални проекти за градот, реконструкција на главната улица Св. Јоаким Осоговски. Со новото решение целосно се реализира и регулира нормалниот тек на сообраќајот за моторните возила, се воведуваат нови паркинг-позиции и комплетно се реализира пешачкиот сообраќај со изградба на широки и модерни тротоари за правилно движење на пешаците. Со решението Крива Паланка го добива првиот кружен тек како современо решение за надминување на сообраќајните метежи и овозможување побрз и полесен проток на возилата.

„Градот го живее своето модернизирање. Европскиот лик на Крива Паланка е секојдневие за жителите и сите посетители на градот. Позитивните промени што се случуваат му носат на градот многу поволности, кои се отсликуваат со забрзан економски развој, унапредување на туризмот, но и транспортот и движењето на стоките. Остануваме посветени на реализација на нашата идеја за Крива Паланка. Вложуваме и ќе продолжиме уште поактивно да вложуваме во стратешки инвестиции, кои значат развој на Крива Паланка, подобар живот за граѓаните и подобар стандард за сите. Зборот е збор, го дадовме и го исполнуваме. И сега и во иднина“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Во рамките на денешната посета на општина Крива Паланка, двајцата министри, заедно со градоначалникот на општина Крива Паланка, изврши увид во реконструкцијата и на пет улици во населбата Илинденска, инвестиција реализирана со средства на Општина Крива Паланка.
Со финансиска поддршка од Владата за Општина Крива Паланка обезбедени се и средства во вредност од 26,6 милиони денари за реконструкција на трите главни моста над Крива Река. Преку овој проект предвидена е реконструкција на Шанин мост во вредност од 10.800.000 денари, Виолетов мост во вредност од 6.200.000 денари и Осички мост во вредност од 9.600.000 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Очекувам инфлацијата да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека Државниот завод за статистика излезе со извештај за инфлацијата и какви се очекувањата за оваа година, изјави:
„Во делот на храната, минатата година имаше „божиќна кошничка“, „јануарска кошничка“ и така ќе биде и во април. Инаку ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3% на ниво на годишна инфлација оваа година. Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионов. Освен во соседна Србија каде што е 2,2 – 2,3 поради тоа што они имаат мерка, онаа мерка со ограничување на цените на производите. Првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира и наеднаш ќе имаат пик, бидејќи ние тоа го видовме една година пред они тоа да го имплементираат и затоа одлучивме преку други механизми да се бориме против инфлацијата.
Инаку што се однесува до другите месеци, јас очекувам да бидат под 3%. Да речеме има држави во Европа како што е Романија, каде што инфлацијата во јануари е 9,8%, има Турција каде што е двоцифрена инфлацијата, преку 30%, соседна Бугарија, Хрватска и така натаму, да ги редам, голем број примери во Европа, каде што инфлацијата е многу поголема од таа што е кај нас. Јас очекувам кај нас инфлацијата оваа година на годишно ниво да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме.“
Економија
Дурмиши: Со системски мерки и партнерство ја намалуваме неформалната економија и го јакнеме формалниот сектор
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати на конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, посветена на системските мерки и заедничките политики за намалување на сивата економија и јакнење на формалниот сектор.
Во своето обраќање, министерот Дурмиши истакна дека неформалната економија е сложен и долгорочен предизвик кој ја нарушува конкуренцијата, ги оштетува работниците и го намалува фискалниот капацитет на државата.
Тој нагласи дека за дел од граѓаните непријавената работа не е избор, туку нужност, што бара одговор преку креирање пристојни и стабилни работни места.
„Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Затоа ни се потребни системски, конзистентни и одржливи решенија“, потенцираше министерот.
Економија
Божиновска – Рама: Гасното поврзување на државата е клучен чекор кон енергетска стабилност и регионална интеграција
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со извршниот директор на НОМАГАС АД Скопје, Недим Рама, на која беа разгледани тековните активности и следните чекори за развој на гасната инфраструктура во државата.
Во фокусот на разговорите беше изградбата на интерконекторот со Грција, како еден од најзначајните стратешки енергетски проекти во земјата. На средбата беше направен пресек на досегашната динамика на реализација, текот на градежните активности и координацијата меѓу институциите и изведувачите, со цел проектот да се реализира согласно предвидените рокови.
Посебно внимание беше посветено и на подготовките за реализација на интерконекторот со Србија, при што беше разгледан напредокот во техничките и административните активности, како и тековната комуникација и координација со српската страна. Двете страни оценија дека регионалното гасно поврзување претставува значаен чекор кон диверзификација на изворите на снабдување и зголемување на енергетската сигурност.
На состанокот се разговараше и за долгорочните планови за развој и проширување на националната гасоводна мрежа, со цел овозможување поголема достапност на природниот гас за индустријата, општините и домаќинствата, како и поддршка на енергетската транзиција и намалување на загадувањето преку почисти енергетски решенија.
Министерката Божиновска ја истакна важноста од забрзана реализација на инфраструктурните проекти, нагласувајќи дека развојот на гасната мрежа е стратешки приоритет кој директно влијае врз економската стабилност, конкурентноста на стопанството и сигурноста во снабдувањето со енергија.
Соговорниците се согласија дека координираниот институционален пристап и засилената регионална соработка се клучни за успешно позиционирање на државата како стабилен енергетски јазол во регионот.

