Економија
Бочварски на средба со жителите на кавадаречко Мрежичко и Рожден, заврши првата фаза од рехабилитацијата на регионалниот пат
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, заедно со директорите на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, на ЈП за одржување магистрални и регионални патишта, Костадин Ацевски, придружувани од пратениците од Кавадарци, Панчо Минов и Даниела Колева, ги посети Мрежичко и Рожден, каде што заврши рехабилитацијата на дел од регионалниот пат, кој ги поврзува овие населени места.
Градежните работи од првата фаза на рехабилитацијата на регионалниот пат од Мрежичко кон Рожден ги изврши ЈП за одржување магистрални и регионални патишта.
На средба со локалното население министерот Бочварски потврди дека и в година ќе се обезбедат средства за продолжување на рехабилитацијата на овој регионален пат, а жителите се заблагодарија за поддршката бидејќи со овој проект се решава едно повеќегодишно барање на локалното население од овој регион.
„Тоа што го ветивме заедно со директорите Рустеми и Ацевски, денеска е исполнето. Ме радува што ве гледам во толкав број, нашето присуство денеска тука заедно и со пратениците од Кавадарци е само потврда на нашите цврсти заложби и уште еден доказ дека за нас зборот што им го даваме на жителите е врвен приоритет. Свесен сум од колкаво значење е овој патен правец за вас, затоа пристапивме со негова брза реализација. Минатата година го рехабилитиравме и патот кон населеното место Мушов Гроб, со што сметам дека со овие нови патни правци значително ја подобривме безбедноста за патување и го олеснивме вашето секојдневно функционирање. Благодарам за убавиот пречек и посакувам да се гледаме и во наредни пригоди за вакви убави работи“, истакна министерот Бочварски пред присутните граѓани.
Дополнително, Општина Кавадарци добива силна поддршка од централната власт, каде што досега се реализираа реконструкции на повеќе локални улици во градот, а во делот на комуналната инфраструктура се реализира многу значаен проект вреден повеќе од 2 милиона евра, со кој се изврши реконструкција на фекалната и на атмосферската канализација на повеќе улици во Кавадарци.
Министерството за транспорт и врски продолжува со силната градежна офанзива во целата земја, изградбата и модернизацијата на целокупната патна инфраструктура останува примарен фокус и оваа градежна сезона.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.

