Економија
Бочварски: Потпишан договорот за изградба на брана „Отиња” во Штип

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска го потпиша договорот за изградба на насипната брана со придружни објекти „Отиња” во Штип.
Инвестиционата вредност на проектот е 306 милиони денари. Средствата се обезбедени од буџетот на Министерството за транспорт и врски, информираат од кабинетот на Бочварски.
Од таму дообјаснуваат дека рокот предвиден за изведба согласно договорите е 30 месеци. Со овој проект е предвидено да се изведе камено земјена брана со централно глинено јадро со висина од 33 метри.
„Посебно сум горд на овој проект, бидејќи со децении и децении беше најавуван, но денеска официјално ја означуваме неговата реализација.Би сакал да потенцирам дека, претходно и како градоначалник на општина Штип, со тимот од општината, со државните институции, професори, инженери и проектанти, вложивме огромен труд и работа за овој проект да биде реална инвестиција. Денеска Министерството за транспорт и врски ги потпиша договорите за изведба и надзор. Средствата се обезбедени од буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2021, 2022 и 2023 година. Особено сум горд на овој проект кој беше ветен на Штип и штипјани со кој се создаваат нови можности за развој на регионот”, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Лукаревска: Со ребалансот власта крати од граѓаните, а народот тоне во сиромаштија

Ребалансот на Буџетот за 2025 година е фискално нереален, социјално штетен и целосно без развојна компонента. Овој ребаланс е скроен по мерка на власта, а не по мерка на граѓаните. Сведоци сме на невидено галопирање на основните трошоци за живот. Според официјалните податоци од Државниот завод за статистика, инфлацијата во јуни изнесува 4,5%, а Владата продолжува да прогнозира нереални 2,8%. Истовремено, основните трошоци за живот енормно се зголемуваат – синдикалната кошничка е повисока за 630 денари во споредба со истиот период минатата година. Едно четиричлено семејство има потреба од најмалку 65.000 денари месечно за да го истурка месецот, а за оние што живеат под кирија – и над 80.000 денари, рече пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната собраниска седница за ребалансот на буџетот.
Лукаревска потенцираше дека ребалансот се темели врз нереални макроекономски проекции на Владата, при што Владата проектира економски раст од дури 7%, додека реалните проекции – од Народната банка и Светска банка – укажуваат на многу понизок раст од 2,6 до 3 %.
„Дополнително, капиталните инвестиции се на незадоволително ниво, а ребалансот предвидува кратење на средства за реални и неопходни проекти, додека се зголемуваат трошоците за договорни услуги. Се кратат субвенции за земјоделците за 478 милиони денари, поддршка за инвестиции, инвестиции во индустриски зони, во општинска инфраструктура, средства за дигитализација (намалени за 157 милиони денари), субвенции во спортот и средства за заштита на животната средина. Само ставката за намалување на загадувањето е намалена за 50% во однос на претходната година“, рече Лукаревска.
Таа потенцираше дека најголема штета се прави врз најранливите граѓаните и дека се кратат социјалните надоместоци: детски додатоци, образовен додаток, додатоци за деца и лица со попреченост, поддршка за лични асистенти, како и средства за заштитни друштва каде што се вработени лица со попреченост.
„Остануваат со намален буџет и организациите што се борат против семејното насилство – намалување од 20 милиони денари. Да се крати кај најсиромашните е антисоцијален механизам“, нагласи Лукаревска.
Лукаревска потенцираше дека пратеничката група на СДСМ поднесе 160 амандмани со цел да помогне онаму каде што е најпотребно – за локален развој и социјална сигурност, но тие беа масовно одбиени, вклучително и 934 милиони денари за поддршка на семејствата на загинатите и повредените во трагедијата во Кочани, 60 милиони денари за реновирање на болницата во Кочани и 20 милиони за нова медицинска опрема.
„Дури и компромисните амандмани – 1 милијарда денари за семејствата на настраданите и 500 милиони денари за подобрување на пожарникарскиот систем – беа одбиени од владејачкото мнозинство, и покрај консензусот што го понудивме.“, рече Лукаревска.
Според неа, ребалансот ја одлага фискалната консолидација до 2029 година, а тоа значи одржување на високо ниво на јавен долг, финансирање со скапи заеми и целосно непочитување на фискалните правила до најрано 2027.
Наместо средства за економски раст и инвестиции, додаде таа, се таргетира отплата на долгови, камати и покривање на штети од непогоди. Сето ова е директно на штета на граѓаните, на работниците, на ликвидноста на компаниите и на целокупниот економски развој.
„Овој ребаланс нема да ги даде очекуваните резултати. Тој е резултат на политичка кратковидост, а не на визија за развој и социјална правда. Тоа е ребаланс кој кратко ќе трае, но долгорочно ќе ги чини граѓаните скапо. Затоа пратеничката група на СДСМ и колацијата ќе гласа против“, истакна пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска.
Економија
Стојаноски: Ова е ребаланс кој ја отсликува нашата зрела економска политика

На денешната собраниска седница на која се расправаше за дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2025 година, се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски кој истакна дека буџетот е флексибилен инструмент што се приспособува на реалните економски движења и на приоритетите на нашето општество, а воедно потенцираше дека има зголемување на приходите, стабилен дефицит и стабилна фискална политика.
„Станува збор за една важна политичка порака, а тоа е дека имаме капацитет за одговорно и визионерско управување со јавните финансии, со јасна стратегија и со фокус кон потребите на граѓаните. Овој пат не ребалансираме затоа што сме принудени, туку затоа што имаме услови и простор да ги пренасочиме средствата таму каде што ќе создадат најголема вредност, ова е ребаланс на стабилност, ребаланс кој ја покажува зрелоста на нашата економска политика и јасната определба за долгорочна фискална и финансиска одржливост, вели Стојаноски.
Пратеникот Стојаноски истакна дека приходите растат, трошењето е насочено кон приоритети, а граѓаните се во центарот на фискалната и финансиската политика.
„Приходите се зголемени за 8,6% споредено со истиот период претходната година, расходите се зголемени за 5,1% а дефицитот станува стабилен и контролиран до 4% од БДП, овие индикатори не се само бројки, тие ја отсликуваат состојбата на економијата и на јавните финансии, тие сведочат на тоа дека остануваме на патот на стабилна фискална политика“, рече Стојаноски.
Тој истакна дека со зголемувањето на платите се вложува во човечки капитал, со зголемувањето на пензиите се вложува во достоинството на постарите генерации, а со капиталните инвестиции се вложува во темелите на економскиот раст.
„Со овој ребаланс предвидени се 800 милиони денари повеќе за покачување на платите, предвидени се 2,5 милијарди денари повеќе за покачување на пензии, вклучени се нови 300 милиони денари за реализација на капитални проекти, што значи дека инвестициите се зајакнуваат“, заклучи Стојаноски.
Економија
УЈП: Уште три дена за поднесување на ДДВ-04 пријавите

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници да ги достават потребните документи до своите сметководители и навреме да ги поднесат ДДВ-04 пријавите за тековниот даночен период.
Крајниот рок за поднесување на ДДВ-04 пријавите е 25-ти јули 2025 година (петок).
Досега, од очекуваните 41.171 ДДВ-04 пријави, поднесени се вкупно 16.015, што е близу 40% од вкупниот број на даночни обврзници кои треба да поднесат пријава и претставува зголемување од 10 п.п. во однос на претходните два квартала, кога за истиот период биле поднесени околу 30% од очекуваните пријави.
Сепак, велат од УЈП, остануваат уште 25.156 ДДВ-04 пријави да се поднесат до петок кога е и крајниот законски рок за поднесување на ДДВ-04 пријавите.
Управата за јавни приходи апелира до сите даночни обврзници да ги исполнат своите законски обврски навремено, за да избегнат стрес и дополнителни финансиски трошоци.
„Навременото поднесување на ДДВ-04 пријавата е од исклучителна важност за правилното усогласување со даночните прописи, одржување на финансиската стабилност на бизнисите и за развојот на економијата“, велат од УЈП.