Економија
Бочварски: Потребни се зелени коридори на границите за побрз транспорт на стока
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, претстојува во дводневна посета во Брдо кај Крањ, Словенија, каде што учествува на министерскиот совет во рамките на Транспортната заедница.
На министерскиот совет, покрај министерот Бочварски, присуствуваа и министрите за транспорт на земјите од регионот, потписнички на договорот за транспортна заедница – Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Косово, Република Србија и Република Црна Гора, како и претставници на Секретаријатот на Транспортната заедница и Европската комисија.
Тема на разговорите на советот беа состојбите во транспортниот сектор во регионот, идните планирани активности, можноста за прошрување на концептот зелени коридори заради олеснување на транспортот со соседните земји членки на Европската Унија и безбедноста на патиштата.
Во своето обраќање министерот Бочварски го истакна примерот со т.н. зелени коридори, кои беа воведени за време на падемијата како успешен пример за брзиот транспорт на стока и медицински материјали сѐ со цел избегнување на тесните грла на границите.
„Иницијативата за зелените коридори, промовирана во регионот на Западен Балкан за време на здравствената криза како привремен и брз одговор на тековната здравствена вонредна состојба, имаше цел спречување недостиг на неопходна стока и медицинска опрема. Оваа иницијатива се покажа како еден од најуспешните примери за регионална соработка. Нејзиното главно достигнување за зачувување на трговските текови во регионот не само што имаше значителни економски придобивки туку се покажа многу практично во однос на решавањето на итните потреби на населението во време на пандемијата“, истакна министерот Бочварски.
Во рамките на своите заложби, потенцира министерот Бочварски, Владата активно работи на формирање агенција за безбедност, која ќе има цел зголемување на нивото на безбедност во транспортот преку воспоставување сигурен и безбеден транспортен систем за сите корисници.
Покрај овие теми, на министерскиот совет се дискутира за новата стратегија за одржлива и паметна мобилност од перспектива на Западен Балкан, како и ажурирање на листата на европското законодавството и нивно приспособување во членките на Транспортната заедница.
Во рамките намМинистерсткиот совет, министерот Бочварски одржа билатерална средба со министерот за инфраструктура на Република Косово, Либурн Алиу. На средбата се разговараше за одвивањето на меѓународниот патен транспорт меѓу двете земји. Исто така, двајцата министри разменија информации во однос на изградбата на автопатот Скопје – Блаце, како и плановите во однос на изградба на заедничка железничка гранична станица, информираат од кабинетот на Бочварски.
Во текот на утрешниот ден министерот Бочварски ќе учествува на министерскиот состанок за прекугранично поврзување на земјите од регионот на Западен Балкан во рамките на словенечкото претседателство со Советот на Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

