Економија
Бочварски: Превезени над 3 милиони патници од домашните аеродроми

Над 3 милиони патници се превезени од Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид од почетокот на годината до денеска. Ова е нова рекордна бројка на превезени патници од домашните аеродроми.
По тој повод, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска оствари работна средба со генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, на која се разговараше за постигнатите резултати и за развојот на авиособраќајот во Северна Македонија.
Министерот Бочварски потенцира дека и за в година во буџетот на Министерството за транспорт и врски се обезбедени над 100 милиони денари за финансиска поддршка за нови авиолинии. Тој изрaзи задоволство од заедничката соработка со „ТАВ Македонија“, која во континуитет работи на развој на ависообраќајот во земјата.
„Како и сите земји во светот, ковид-пандемијата негативно влијаеше врз авиосообраќајот и во нашата земја. Но тие состојби ги надминавме и денеска можеме да бидеме горди заедно со ‘ТАВ Македонија’ бидејќи имаме нови рекорди на превезени патници. Три милиони патници се бројка што ветува континуиран развој на авиосообраќајот. Владата гледа на ТАВ како партнер во креирање нови политики и развој на авиосообраќајот во Северна Македонија. Верувам дека вака поставените политики ги оправда плановите на Министерството, а тоа се воспоставување нови дестнациии за граѓаните, како и зголемување на бројот на туристи. Крајната цел е да имаме квалитетен и безбеден авиосообраќај“, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Во знак на реализираните резултати, како и поддршката што „ТАВ Македонија“ ја овозможи за реализација на самитот на ОБСЕ 2023 во Северна Макеоднија, министерот Бочварски му додели благодарница на генералниот директор Неџат Курт за успешните резултати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Две милијарди евра инвестиции во железничкиот сообраќај, брза пруга Табановце-Гевгелија

Се надзираат контурите за почеток на најголемиот инфраструктурен проект во регионот. Формирање на координативното тело во вторник и започнување на постапка за обезбедување на финансиски средства за реализација на проектот брза пруга, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Проектот брза пруга Табановце-Гевгелија ќе чини од 1,7 до 2 милијарди евра и ќе биде најголем поединечен проект во Македонија.
Новата брза пруга ќе биде со нови возови, локомотиви и целосно модернизирана и реконструирани железнички станица во Скопје и реконструирани станици низ Македонија.
Со брзата пруга предвидено е патнички сообраќај да биде до 160 км на час, а товарниот сообраќај до 120 км на час. Граѓаните ќе можат да патуваат за час и пол до Солун, 4 до 5 часа до Виена.
Со поддршка и следење на британските и европските стандарди овој проект е од големо значење и ќе ја подобри безбедноста во железничкиот сообраќај.
Брз и ефикасен железнички сообраќај од граница на Србија до граница на Грција. Делницата Табановце – Гевгелија ќе се скрати од 235 км што е моментално, влез излез од државата, се планира да биде 200 и под 200 км. Целта е да имаме брза пруга и брз транспорт.
Македонија конечно ќе почне да ја користи добрата местоположба и ќе се впише на мапата на карго Европа. Карго транспортот се предвидува да донесе од 100 – 120 милиони годишен приход од товарниот сообраќај.
Со развојот на железничката и патната инфраструктура се создаваат можности за поврзување, за подобар и поквалитетен живот на граѓаните“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Kланот Заеви и Филипче преку шема на фирми препродавале јаглен на ЕСМ трипати поскапо и профитирале

Во време на ковид пандемија и енергетска криза Заев и Филипче се богателе врз грбот на граѓаните кои плаќаа драстично повисоки сметки за струја, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче трет ден молчи за испумпувањето на десетици милиони евра од ЕСМ од страна на Вице Заев и фирми кои водат лично до него.
Вице Заев, Зоран Заев и Венко Филипче се директно виновни што струјата во нивно време се покачи за над 50%.
Фирми блиски до Заев и Филипче препродавале јаглен на ЕСМ за три пати поскапо од набавеното.
Зоран Заев, Вице Заев и Венко Филипче, за да можат да се богатат врз грбот на граѓаните креирале мрежа на фирми и посредници за ископ, транспорт и продажба на јаглен од Грција на ЕСМ.
Грчкиот јаглен горел во Македонија а профитот завршил кај Вице Заев во Бугарија.
Јагленот кој од Грција се продавал кон мрежата на фирми за 30 евра бил препродаван во Македонија на ЕСМ по цена и до 82.5 евра.
Додека кланот Заеви продавале скап јаглен на ЕСМ, Филипче уживал во придобивките на милионските бизниси.
Одговорност за овој милионски скандал мора да има, а ЈО да отвори истрага“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
Повеќе од половина од самовработените во ЕУ работат и по пензионирање

Во Европската унија, 56,4 отсто од самовработените лица во текот на 2023 година продолжиле да работат дури и по добивањето на првата пензија, објави денеска Евростат.
Канцеларијата на ЕУ задолжена за статистика наведува дека меѓу земјите-членки на Европската унија, процентот на самовработени пензионери кои продолжиле да работат или повторно се вклучиле на пазарот на трудот бил највисок во Шведска (98,4 отсто), Финска (88) и Ирска (87,7).
Од друга страна, најниско учество имало во Шпанија (18,2 отсто), Грција (20,3) и Словенија (40,4).
Повеќе од половина (57 отсто) од вработените пензионери во ЕУ работеле со скратено работно време.
Оваа стапка е значително повисока отколку кај вработените кои не се пензионери (16,2 отсто).