Економија
Бочварски – Рустеми: Коридорот 8 е стратешки проект, пратениците да го изгласаат законот за доизградба на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка
Премиерот Талат Џафери, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, денеска извршија увид во изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка.
Експресниот пат е дел од европскиот Коридор 8, стратешки проект за Северна Македонија, и Владата на Република Северна Македонија инвестира сериозни средства за негова доизградба и модернизација.
Овој експресен пат, кој е со должина од 25,5 километри, се гради во две фази и се очекува да биде завршен до крајот на оваа година.
Бочварски потенцира дека инвестирањето во квалитетна и модерна инфраструктура е во фокус на Владата сите овие години и потенцира дека тоа носи силен бенефит за граѓаните, за компаниите, за целокупната национална економија.
„Нескромно е ако кажам дека ги реализираме најголемите инвестиции во изградба и модернизација на целокупната патна и железничка инфраструктура, особено на Коридорот 8, каде што инвестициите надминуваат 2 милијарди евра. Експресниот пат Ранковце – Крива Паланка претставува еден стратешки проект на источниот крак на Коридорот 8, со кој значително го подигнуваме нивото на безбедност при патувањето и обезбедуваме подобри услови за сите оние граѓани и фирми што патуваат во овој дел од земјата. Имаме силен прогрес на работите и очекувам дека ќе возиме по нов и модерен пат оваа година. Но, за да го реализираме ова, односно за да го завршиме патот, навреме упатувам јавно апел до сите пратеници да го изгласаат законот за грант средства за овој експресен пат, кој се наоѓа во Собранието, бидејќи овој пат не е за политичките партии, овој пат не е за политичарите, овој пат е за сите граѓани“, изјави министерот Бочварски.
„Ние што сме тука од овој крај најдобро знаеме колку беше запоставен североистокот, но и колку секојдневно се боревме во овие години токму да се развива североистокот, да има градежна експанзија како денес и она што недостигаше во минатото да се надомести во овие години. Колку што се радуваме и очекуваме што побргу овој проект да заврши, токлу се чудам зошто, на крајот, пред самото завршување со реализацијата на овој капитален проект од над 100 милиони евра, како дел од Коридорот 8, се наидува на една блокада од Собранието, односно од комисијата за финасирање и не се дозволува да истиот се заврши. Токму од тука ја праќаме пораката сите пратеници, да се издигнат, ова не е нечииј личен интерес. Ова не е партиски или политички интерес, овој проект е интерес на граѓаните, на североистокот и веднаш треба да се донесе законот со кој се овозможуваат 14 милиони евра, грант за финализирање на овој проект. Верувам дека разумот ќе надвладее и дека оваа 2024 година граѓаните ќе го користат овој пат“, изјави Николовски.
Рустеми во своето обраќање истакна дека ЈП за државни патишта продолжува да работи на сите капитални проекти и да ги засилува активностите на терен како што започнува градежната сезона.
„Изградбата на двата европски Коридори е приоритет на Владата на Република Северна Македонија, односно на ЈП за државни патишта. По движењето на Коридорот 8 инвестиравме во неколку проекти. Извршивме рехабилитација и на магистралниот пат Куманово –-Страцин со должина од 32 километри која е од витално значење не само за регионот, туку и за целата држава. Исто така беше рехабилитиран и реконструиран патот од Ранковце до Крива Паланка во должина од 21 километар, а ја завршивме и реконструкцијата со рехабилитација и доградбатанаедна лента и на државниот пат Крива Паланка – Деве Баир во должина од 13 километри. Изработена е проектна документација за рехабилитација на државниот пат А2, обиколница на Крива Паланка, а во подготовка е тендерската документација за избор на изведувач и надзор“, изјави директорот на ЈП за државни патишта, Рустеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“
Економија
Комисија за заштита на конкуренцијата: Лани се изречени казни во вредност од над 53 милиони денари
Комисијата за заштита на конкуренцијата информира дека во текот на 2025 година се изречени казни за повреди на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата и за повреди на одредбите од Законот за забрана на нефер трговски практики, во вкупна вредност од 53.044.555,00 денари.
„Со овие санкции, Комисијата испраќа јасна и недвосмислена порака дека картелските договори, забранетите договори, злоупотребата на доминантна позиција, непријавените концентрации и нефер трговските практики нема да се толерираат. Казните имаат изразена превентивна улога и претставуваат ефикасен механизам за одвраќање од идни повреди на пазарните правила“, велат од Комисијата.
Од таму најавуваат дека ќе продолжат со активен надзор и доследна примена на законските овластувања, со цел обезбедување фер и транспарентни пазарни услови, еднаков третман на економските оператори и ефективна заштита на конкуренцијата и интересите на потрошувачите.
Економија
Македонија2025 објави повик за компании: Аплицирајте за користење на бесплатна експертска поддршка од канадски советници
Македонија2025 објавува повик за апликации од македонски компании за Битов – Програмата за претприемачи.
Битов – Програмата за претприемачи е основана во соработка со Catalyste+ (поранешна CESO – Canadian Executive Service Organization). Catalyste+ е канадска организација со 50 годишнo искуство во меѓународниот економски развој. Организацијата работи на развој на приватниот сектор односно бизниси кои ќе просперираат на национално и меѓународно ниво.
Македонија2025 има заедничка мисија со Catalyste+ да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании и ја спроведува оваа програма во Македонија од 2018 година. Досега, преку оваа програма се поддржани над 30 македонски компании. Советниците на Catalyste+, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе ја донесат својата експертиза директно во Македонија, и ќе работат на конкретни предизвици со кои се соочуваат македонските компании, согласно нивните барања и потреби.
Македонија2025 целосно ја покрива тарифата за советникот, како и доаѓањето до Македонија. Компаниите имаат обврска да обезбедат сместување, оброци и локален транспорт за советникот (доколку е потребно).
Кој може да се пријави?
Програмата е наменета за микро, мали и средни компании* кои ги исполнуваат следните услови:
· Минимум една година од постоење на компанијата;
· Сопственик и управител на компанијата е македонски државјанин и жител;
· Лице од компанијата кое ќе биде постојано достапно на консултантот, најтесно ќе соработува со него за време на посетата и има добро познавање на англиски јазик;
· Високо ниво на посветеност од страна на менаџментот на компанијата;
· Во добра финансиска состојба (има можност за спроведување на промените и препораките од консултантот);
· Ги исполнуваат критериумите за микро, мали и средни компании.
По можност да работат во следните дејности: туризам и угостителство, финансии, агро-бизнис, ИКТ, менаџмент на природни ресурси, обновливи извори на енергија, прехранбена индустрија итн.
*Предност ќе имаат компании кои се извозно ориентирани и нудат иновативни решенија.
Повеќе за програмата, начинот на аплицирање и потребна документација ќе ги најдете ТУКА.
За искуствата, и придобивките на компаниите кои учествувале во програмата погледнете ТУКА.
Краен рок за пријавување: 15.03.2026 год.

