Економија
БРАКО ќе промовира ново електрично возило на саем во Минхен
БРАКО ќе претстави ново електрично возило од својот бренд Грин Машинс на светскиот саем IFAT, кој следната недела ќе се одржи во Минхен.
Возилото беше развивано две години од страна на инженерскиот тим за развој на БРАКО/Грин Машинс и е сосема ново техничко и функционално решение во програмата за производство на возила за одржување урбана хигиена.
Моделот 720 ZE работи на електричен погон и e со технологија од последната генерација, со вградени мотори во задните тркала и управување на сите четири тркала, поголем контејнерски простор, широка кабина за две лица, 360⁰ камера и оптимизиран начин на чистење.
Се очекува новиот модел да отвори уште повеќе пазари во светот, каде се бараат возила за одржување хигиена од овој габарит и перформанси.
Моделот 720 ZE беше најавен како концепт на саемот IFAT во 2022 гoдина и тимот за развој планираше да го развие во следните две години, во што и успеа и создаде возило кое е целосно замислено, проектирано и произведено во погоните на БРАКО.
Возилото во завршна фаза беше претставено пред гостите на прославата на 20-годишнината на Феро Инвест и БРАКО пред шест месеци, а сега во Германија ќе ја доживее својата светска промоција.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Во октомври годишен раст од 11,0 отсто на вкупните депозити и од 9,2 отсто на вкупната кредитна поддршка
Годишниот раст на вкупните депозити изнесува 11,0%, којшто произлегува од зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 9,2% како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на следниот линк.
Економија
Преку Wine vision by Open Balkan ќе се промовира македонското врвно вино и традиционалната македонска храна
Од 22 до 24 ноември оваа година се одржува најголемиот саем во Белград „Wine vision by Open Balkan“ каде што свое место ќе заземе и македонското вино и традиционалната македонска храна.
Оваа година од Македонија на саемот во Белград ќе учествуваат 80 наши винарии и дестилерии, 6 изложувачи на храна и ресторан со 3 готвачи.
Токму на овој настан посетителите ќе имаат можност да ги вкусат врвните македонски вина, да се запознаат со нашите традиционални вкусови и гастрономски особености.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги поддржува нашите изложувачи се со цел да се промовираат земјоделските производи и да се прошири извозот на истите надвор од границите на државата.
Во склоп на настанот кој што се одржува овие неколку дена ќе се одржи и македонска вечер на која што ќе присуствуваат високи делегати и владини претставници од други држави.
Преку македонската вечер присутните гости ќе се запознаат со богатството со кое што располага Македонија кога станува збор за вино и храна, велат од МЗШВ.
Економија
Следната недела ќе се одржи осмото издание на Деновите на финансиската писменост
Следната недела, од 26 до 28 ноември, ќе се одржи осмото издание на Деновите на финансиската писменост, коишто ги организираат финансиските регулаторни институции во соработка со приватниот финансиски сектор и граѓанските здруженија. Конкретно, организаторите се Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално пензиско осигурување ‒ МАПАС и Агенцијата за супервизија на осигурување.
Деновите на финансиската писменост ќе бидат организирани главно како едукативни предавања. Сите институции коишто учествуваат во годинешното издание, преку своите веб-страници и преку страниците на социјалните мрежи, ќе ги информираат граѓаните за активностите и за настаните што се планираат, известувајќи и за начинот на пријавување на секој заинтересиран граѓанин.
Финансиските регулаторни институции ги повикуваат граѓаните да ги следат информациите за планираните активности и активно да се вклучат во годинешното издание на Деновите на финансиската писменост. Целта на оваа акција е да се зајакне финансиската едукација, да се поттикне финансиската инклузија и да се зголемат свесноста и заштитата на потрошувачите на финансиски услуги.
Конкретно, Народната банка организира Јавен повик до јавноста за земање учество на повеќе едукативни активности. На првиот ден, Народната банка ќе ги отвори вратите за сите заинтересирани лица коишто ќе можат да се информираат за правата на потрошувачите на финансиските услуги. Вториот ден ќе бидат организирани три он-лајн предавања на три теми: „Во светот на финансиите – Финансиска едукација за средношколци“, „Заштитни елементи на македонските пари“ и „Платежна сметка со основни функции“. Во текот на третиот ден ќе биде организиран студентски час во просториите на Народната банка наменет за студентите од факултетите во земјата на следните три теми: „Монетарната политика на Народната банка“, „Улогата и значењето на статистичките податоци на Народната банка“ од страна на претставници на Народната банка и „Младите и финансиската едукација“ во соработка со Здружението Алпбах.
Во текот на годинава, финансиските регулаторни институции спроведоа голем дел од планираните активности во сферата на финансиската едукација и финансиската инклузија. За следниот период се очекува дополнително засилување на ваквите активности, имајќи го предвид спроведувањето на Националната стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија.