Економија
(Видео) Арсовски: Владата ќе го зголеми долгот на 6,1 милијарди евра до 2021 година

Фискалната стратегија на Mинистерството за финансии која го проектира долгот на државата до 2021 година е загрижувачка. Владата на Заев и министерот Тевдовски до 2021 година, според нивната фискална стратегија, ќе го зголемат јавниот долг на неверојатни 6,1 милијарди евра. Над 6,1 милијарда евра ќе биде долгот на граѓаните до крајот на мандатот на Владата на СДСМ, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Заев кога стана премиер, а Тевдовски министер, долгот на државата беше 4.7 милијарди евра. Значи, за оваа и наредните две години Заев и Тевдовски ќе го зголемат долгот на државата за нови 1.5 милијарди евра. Секое четиричлено семејство до крајот на мандатот на оваа криминална Влада ќе биде задолжено за близу 13 000 евра. Почитувани, cелата катастрофа е уште поголема кога ќе се анализира вкупната состојба. Економијата тоне, државата се презадолжува, а капитални инвестиции нема. Според податоците на Министерството за финансии, во првите четири месеци реализацијата е под 11% отсто“, рече Арсовски.
Според него, доколку, како што кажа, расипничката и неспособна влада продолжи вака, капиталните расходи нема да се реализираат повеќе од 40%, што е еднакво на огромна катастрофа.
„Тука се поставува прашањето каде одат милијардите со коишто се задолжуваат Заев и Тевдовски, а кои на крај ќе ги плаќаат граѓаните. Картелот на Заев загрижувачки ја задолжува државата. Економијата тоне и е една голема нула во секој поглед, а во некои области бележи и минуси. Растот на БДП замислете само кај нас беше 0%, во време кога секоја економија на соседните држави бележи огромни порасти“, рече Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Ако веќе имате паметен телефон, зошто да не ја имате и вашата Влада таму?“ – Андоновски најави владина суперапликација

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, учествуваше на панел-дискусијата „Дигитални политики и иновации за економија подготвена за иднината“, во рамки на Самитот 2025 кој е во организација на Македонија 2025.
Министерот во својот говор се осврна на владината суперапликација, која како што рече, треба да биде клучен проект кој ќе ги донесе услугите до граѓанитe.
„Едно од највозбудливите нешта што ги градиме е Super App – нашата национална мобилна апликација за дигитален идентитет и услуги. Сакаме да ја завршиме и лансираме до крајот на оваа година”, изјави министерот.
Тој во продолжение од својот говор објасни дека ваквата апликација е иснпирирана од украинската апликација ДИА, која целосно го променила начинот на комуникација помеѓу граѓаните и институциите во Украина.
„Нашата верзија ќе започне со она што им е најпотребно на луѓето – дигитална лична карта, возачка дозвола и пристап до клучни услуги. Идејата е едноставна: Ако веќе имате паметен телефон во рака, зошто да не ја имате и вашата Влада таму?” – додаде Андоновски.
„Не брзаме. Тестираме, подобруваме, ги слушаме корисниците и ја поставуваме правната основа правилно – бидејќи ако не функционира лесно и безбедно од првиот ден, луѓето нема да се вратат. Но, визијата е јасна: да им го вратиме времето, енергијата и довербата на луѓето. Но, исто така, да изградиме нешто ново тука – во Македонија“, заклучи министерот.
Економија
Македонија2025 го отвори најголемиот Самит досега: Фокус на реформи, иновации и економски раст

Стратегии за забрзан економски раст преку болни реформи, значењето на дигиталните политики и иновациите за економија подготвена за иднината, улогата на глобалните економски партнерства, како и иднината на парите, медиумите и дигиталната слобода, се дел од темите на првиот ден од 14-тото издание на Самитот на Македонија2025.
Самитот беше официјално отворен со поздравни обраќања на претседателот на Одборот на директори на Македонија2025, Виктор Мизо и главната извршна директорка проф. Никица Мојсоска Блажевски. Тие ја истакнаа долгогодишната визија и мисија на организацијата за градење посилна нација преку економски раст, нулта толеранција за корупцијата, ефикасна јавна администрација, вложувања во образованието, иновации и ангажирање на дијаспората.
„Има прогрес во Македонија, но другите земји растат побрзо од нас. Сакаме пазарна економија, а бараме државен интервенционизам, работниците бараат повисоки плати, но не зборуваат за подобрување на нивните вештини. Лесно е да се обвинуваат соседите, Владата, но сите придонесуваме за тоа колку ќе просперира државата. Оваа Влада почна болни реформи, верувам дека гледа малку подалеку од изборниот циклус“, истакна Мојсоска Блажески.
На првиот ден од Самитот учествуваше и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски кој во разговорот со директорката Мојсоска Блажевски се осврна на досегашните предизвици и резултатите што ги постигна неговата влада. Во фокусот на разговорот беа реформите кои треба да обезбедат подинамичен економски раст на земјата, како и соработката меѓу владата и приватниот сектор.
Самитот продолжи со панел дискусија насловена „Полнолетство – Македонија2025: Каде сме и каде одиме“, модерирана од членот на Одборот на директори, Боријан Борозанов, на која учествуваа основачите на Македонија2025, Мајк Зафировски и Џон Битов, како и членот на Одборот на директори, Живко Мукаетов. Во рамки на дискусијата тие се осврнаа на првичните мотиви за основањето Македонија 2025 и досегашните достигнувања на организацијата, за стратешките приоритети за забрзан развој на земјата, како што се борбата против корупцијата, постигнување на економски раст од над 5% годишно и дигитализација, а ја нагласија и улогата на приватниот сектор и лидерството во трансформација на државата и нивната визија за развојот на земјата до 2030 година.
„Македонија мора да ги трансформира јавните услуги, да вложува во технолошките таленти, но и да ги подготви компаниите за современиот дигитален екосистем преку дигитална трансформација и примена на вештачката интелигенција. Како да се постигне ова ќе биде едно од клучните прашања на кои ќе се обидеме да дадеме одговор токму на Самит“ изјави Кати Ицева, член на Одборот на директори на Македонија 2025.
За значењето на дигиталната трансформација на земјата и напорите на Македонија 2025 во оваа област зборуваше и Васко Кроневски, член на бордот на директори, кој напомена: „Технологијата станува стратешки ресурс за развојот и ние така мора да го гледаме. Можеме да го постигнеме посакуваниот економски раст и развој на целото општество, доколку ја употребиме технологијата и ги ставиме во функција огромниот број домашни таленти кои сега работат за потребите на други конкурентни економии и го поддржуваат нивниот развој“, истакна Кроневски.
Годинешниот Самит на Македонија 2025 е најголем досега и обединува над 700 учесници, вклучувајќи домашни и меѓународни лидери, претприемачи, креатори на политики, меѓународни експерти и претставници на академската заедница и на граѓанскиот сектор.
Првиот ден од Самитот се одвива во атмосфера на амбициозни разговори за реформи, отчетност и конкурентност – втемелени во заедничките вредности и јасната визија за економската иднина на Македонија. Самитот продолжува и утре со дискусии околу значењето на образованието за развојот на државата, за потребата од редефинирање на стратегиите за привлекување странски инвестиции, за улогата на вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз трансформацијата на традиционалните индустрии, а ќе стане збор и за улогата на дијаспората во поттикнување на економскиот раст и развој на земјата.
Економија
Се зголемуваат цените на бензините, се намалува на дизелот

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,21 % во однос на одлуката од 05.05.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,847%, кај дизелот има намалување за 1,511%, кај екстра лесното масло исто така има намалување за 1,181% и кај мазутот намалувањето е за 2,906%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,3599%.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,592 ден/кг и сега ќе изнесува 35,450 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 13.5.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени, велат од РКЕ.