Економија
(Видео) „Бекутан“ прослави 45-годишен јубилеј; Мукаетов: Генерации, не само во Македнија, туку и во регионот, израснаа со овој бренд
Брендот „Бекутан“ на компанијата „Алкалоид“, прослави 45 години постоење. Генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов кажа дека од 1978 година до денеска, произведени се околу 60 милиони теглички со кремот „Бекутан“. Педијатарот Марина Поп-Лазарова се заблагодари на компанијата за квалитетот, безбедноста, традицијата – додавајќи дека од непроценлива важност е нивната секојдневна примена при грижа за децата. Од годинава, со секој продаден продукт од течната линија на „Бекутан“, дел од средствата ќе бидат донација за СОС Детско село. Мукаетов обраќајки се како родител, посочи дека линијата „Бекутан“ се продукти со кои растел тој и неговата сестра, како и неговите деца.
„Сакам да ви се обратам, но не како менаџер на компанијата ‘Алкалоид’ туку како човек кој е родител, татко на четири деца. Да се биде родител е веројатно една од најважните и најодговорни работи кои можат да му се случат на човек во животот. Тоа е посветеност, секојдневно живеење со некој што покрај вас расте и се развива, а треба да порасне во здрава личност, што знаеме дека во денешното општество не е едноставно да се постигне. Од многу непроспиени ноќи, до изборот која да биде храната која нашите најмили ќе ја добијат, што да бидат суплементите, па секако и што да биде козметиката кое едно бебе ќе ја добие, моите родители во она време го користеа кремот ‘Бекутан’, јас и мојата сестра исто така. Денеска јас како родител заедно со мојата сопруга и децата го користиме ‘Бекутан’ преку многу форми на портфолиото, на производите кои ги има. За ваша информација, од март 1978 година, до денеска, откако постои кремчето ‘Бекутан’, произведени се околу 60 милиони теглички. Тоа е уште еден доказ за квалитетот, традицијата, доказ дека е тоа производ на кој може да му се верува. Генерации, не само во Македнија, туку и во регионот, израснаа со овој бренд. Можеме да се пофалиме дека брендот континуирано расте. Нашите најмили живеат во свој сопствен свет, ние сме тука да им помогнеме, да им го разубавиме тој свет и да застанеме зад нив. Како што ние стоиме зад нив, така треба да бидеме благодарни, што го имаме овој бренд. Среќни сме што сите ние сме дел од брендот ‘Бекутан’.
Педијатарот Марина Поп-Лазарова, посочи дека како доктор, „Бекутан“ секогаш ѝ е партнер кога во прашање се децата.
„Секогаш кога правиме анализа на повеќедецениската соработка и партнерство со ‘Бекутан’, не можам, а да не кажам дека кога ќе се спомене овој бренд, асоцира на традиција, квалитет, безбедност, сигурност, ефикасност. Асоцира на иновативност. Грижата за децата е наш заеднички фокус. Многу често имаме прилика да видиме колкави грижи можат да бидат ситуации како затнато носе, грчеви во стомачето, состојби каде децата имаат иритација на кожата како пеленската регија. Секогаш кога зборуваме за вакви ситуации, за портфолиото на ‘Бекутан’, ефикасно користат за решавање на заедничките проблеми“, рече Марина Поп-Лазарова.
Годинава одреден процент од продажбата на течната линија, на колекцијата „Бекутан“ ќе се донира на СОС Детско село.
„Грижата за децата нѐ спои со СОС Детско село. ‘Бекутан’ најдобро и најквалитетно се грижи за нашите најмили – децата, а СОС Детско село веќе 22 години гради семејства за секое дете да расте со љубов и со припадност на одредено семејство. За нас е важно потрошувачите на ‘Бекутан’ да знаат за нашата поврзаност. Со оваа кампања и потрошувачите се дел од грижата за децата“, рече Силвија Браевиќ, претставник на СОС Детско село.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска: Државата воведува ред во енергетиката, усвоен Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денес одржа прес-конференција на која министерката Сања Божиновска ги презентираше Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година.
Во рамки на Годишниот план за 2026 година, до Министерството беа доставени вкупно 284 иницијативи од заинтересирани инвеститори, по јавен повик објавен во септември 2025 година, со рок за поднесување до 01.10.2025, согласно Законот за енергетика. По спроведена постапка на проверка и евалуација, изработена е ранг-листа по принципот „прв дојден – прв услужен“, при што се прифатени 67 иницијативи за изградба на нови енергетски објекти за производство на електрична енергија со инсталирана моќност поголема или еднаква на 1 MW.
Прифатените проекти опфаќаат:
· 59 фотонапонски електроцентрали со вкупна инсталирана моќност од 3.014,103 MW и проценета инвестиција од 2.109.872.100 евра,
· 7 ветерни електроцентрали со вкупна моќност од 907,7 MW и инвестиција од 1.180.010.000 евра,
· 1 когенеративна гасна електроцентрала со инсталирана моќност од 495 MW и инвестиција од 445.500.000 евра.
Вкупната инсталирана моќност на објектите опфатени со Планот изнесува 4.416,803 MW, а вкупната проценета вредност на инвестициите е 3.735.382.100 евра.
Значаен сегмент од Планот се системите за складирање на електрична енергија, кои се клучни за стабилноста и флексибилноста на електроенергетскиот систем. Во Планот се опфатени:
· 77 интегрирани складишта во склоп на постоечки или нови електроцентрали, со вкупна инсталирана моќност од 1.389,68 MW и капацитет за складирање од 3.465,96 MWh,
· 19 изолирани складишта со инсталирана моќност од 637,518 MW и капацитет од 1.494,746 MWh.
Вкупно, Планот опфаќа 96 складишта на електрична енергија, со вкупна моќност од 2.027,198 MW, капацитет од 4.960,706 MWh и проценета инвестиција од 1.984.282.400 евра.
Дополнително, во Годишниот план се вклучени и 56 енергетски објекти од општинските енергетски планови доставени од 7 единици на локалната самоуправа – Македонски Брод, Лозово, Дебрца, Кавадарци, Куманово, Брвеница и Кочани. Станува збор за фотонапонски електроцентрали со вкупна инсталирана моќност од 51,8795 MW, како и 61 складиште на електрична енергија со вкупна моќност од 27,6792 MW и капацитет од 117,56 MWh, што ја нагласува улогата на локалните самоуправи во енергетската транзиција.
Во Планот се вклучени и прелиминарни мрежни и пазарни анализи од нацрт–Интегралната студија, која согласно Законот ја изработуваат ОПС МЕПСО АД и ОДС Електродистрибуција ДООЕЛ, во соработка со Министерството. Анализите обезбедуваат стабилност на системот, N–1 сигурност, како и пресметки за инвестициските трошоци и роковите за приклучување на новите енергетски објекти, вклучително и потребите од дополнителни мрежни инвестиции.
„Нашата цел е јасен баланс – економски развој, заштита на животната средина и силен јавен интерес. Ова се документи што внесуваат ред, сигурност и долгорочна визија во енергетиката“, нагласи Божиновска.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,77% во однос на одлуката од 26.1.2026 година.
Од 3.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 72,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 74,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,885 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,786 ден/кг и сега ќе изнесува 33,885 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,433%, кај дизелот за 4,757%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 3,829% и кај мазутот зголемувањето е за 5,973%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 1,6498%.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

