Економија
(Видео) Бесими: Развоен буџет за одговор на кризата и среднорочни проекции за економски раст
Владата го усвои првиот среднорочен буџет, кој го предложи Министерството за финансии, согласно новоусвоениот, реформски Закон за буџети. Предлог-буџетот за 2023 година е во насока на надминување на предизвиците од глобалната економска и енергетска криза, за што се издвоени 250 милиони евра во буџетот. Но со буџетот се поставува и основа за забрзан раст на среден рок. Во него се издвоени средства за покачување на пензиите, поддршка на фирмите и земјоделците, за трансфери до единиците за локална самоуправа, но и 795 милиони евра за капитални инвестиции, или за 52,3% повеќе во однос на 2022 година. Ова е буџет кој се води според „златното правило“ во економијата, односно капиталните инвестиции да се повисоки од дефицитот.
Со предлог-буџетот за 2023 година, Владата останува доследна на заложбата за постепена фискална консолидација на буџетот, со проектиран дефицит од 4,6% од БДП, додека на среден рок истиот ќе се сведе и под Мастрихшките правила, односно 3% дефицит.
„Она што е особено значајно е тоа што буџетот за 2023 година се заснова на златното правило во економијата. Златното правило значи да се позајмува само за да се финансираат инвестиции, капитални проекти, проекти кои ќе дадат додадена вредност во економијата, ќе го забрзаат растот и ќе придонесат за подобрување на животот на нашите граѓани. Овој буџет ќе се раководи според принципот вредност за вложените пари (value for money), при што ќе се внимава парите на граѓаните да се искористат таму каде што тие даваат најголеми ефекти во остварување на целите за повисок квалитет на животот“, истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими образложувајќи го Предлог-буџетот за 2023 година.
Министерот истакна дека овој буџет се базира на стратешките цели, односно фискална консолидација, воспоставување на систем на индикатори за мерливост на успешноста на политиките, раст на инвестициите, унапредување на фискалната децентрализација, постојано унапредување на фискалната транспарентност и забрзување на економскиот раст на 5% годишно.
„Економскиот раст во 2023 година е проектиран на 2,9%. Инфлацијата ќе почне да се намалува следната година, но со сè уште присутни повисоки цени на енергентите и храната на меѓународните пазари таа е проектирана на ниво од 7,1%. На среден рок проекциите се поинакви. Се очекува нормализација на глобалните движења, стабилизирање на глобалните синџири на снабдување и раст на економската активност кај нашите главни трговски партнери. Економските политики и мерки преточени во Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст, Планот за јавни инвестиции и Планот за забрзан економски раст, ќе дадат цврста основа за удвојување на економскиот раст во однос на просекот во изминатата деценија. Просечниот раст на економската активност во периодот 2023-2027 година ќе достигне 4,6% при што од 2025 година растот ќе достигне стапка од 5%“, истакна министерот за финансии.
Кај среднорочните проекции, Бесими ги спомена инвестициите за кои се очекува да забележат просечен годишен раст од околу 8%. Во периодот 2024-2027 година, растот на вработеноста ќе забрза на просечен годишен пораст од 3,2%. Ова ќе придонесе стапката на невработеност во 2027 година да се намали на 9,4%. Просечната нето-плата во овој период се очекува номинално да расте за 6,1% на годишно ниво. Стапката на инфлација постепено ќе се стабилизира и е проектирана на 7,1% во 2023 година и 2,5% во 2024, додека среднорочно ќе се сведе на 2%.
Приходите во предлог-буџетот за 2023 се планирани на ниво од 282 милијарди денари и истите се за 14,8% повисоки во однос на 2022 година, додека расходите се планирани на ниво од 324,8 милијарди денари или за 12,6% повисоки во однос на 2022 година, односно продолжува постепена фискална консолидација со буџетски дефицит, понизок во однос на претходната година, на ниво од 4,6% од планираниот БДП.
Министерот нагласи и дека се буџетирани 75 милијарди денари за исплата на пензии или за околу 10% повеќе во однос на годинава. Тука е земена предвид новата методологија за пресметка на пензиите, според која усогласувањето на пензиите се врши според движењето на индексот на трошоците за живот во висина од 50% и пораст на просечно исплатена плата за сите вработени во висина од 50%, а со цел да се овозможи пристоен животен стандард на пензионерите.
Кај трансферите до единиците за локална самоуправа се планира зголемувањето на процентот на приходи од ДДВ кои се распределуваат на општините од 4,5% на 5,5%, а обезбеден е и дополнителен пораст на општата дотација кон општините за 1,2 милијарди денари, со цел зголемување на фискалниот капацитет на општините. Дополнителното зголемување од 2 милијарди денари е наменето за финансирање на зголемените плати за 15% во основно и средно образование на локално ниво и 15% за воспитувачи и негователки во детските градинки, како и за финансирање на зголемените трошоци за транспорт и електрична енергија.
Во однос на финансирањето на буџетот, односно проектираниот дефицит и отплатата на долгот во износ од 52,1 милијарди денари, по основ на стари доспеани обврски, од кои речиси половина е еврообврзницата од 2016 година, ќе се изврши од домашни и надворешни извори.
Домашното задолжување ќе се реализира преку државни хартии од вредност или домашен заем, додека во странство преку издавање на должнички хартии од вредност на меѓународниот пазар на капитал, повлекување на транша од Линијата за претпазливост и ликвидност од ММФ и поволни средства од странски финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти и буџетски дефицит. Изборот на извор за финансирање ќе се темели на поволните тековни состојби на меѓународните пазари на капитал. Со цел да се управува прудентно со јавните финансии, Министерството за финансии ќе ја разгледа можноста за активно управување со должничкото портфолио преку операции на предвремен откуп на долг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

