Економија
(Видео) Битиќи: 2.480 компании аплицираа за финансиска поддршка за исплата на платите
Дванаесет илјади четиристотини и осумдесет компании аплицирале за мерката за финансиска поддршка за исплата на платите за месеците април и мај во износ најмногу до 14.500 денари месечно по работник со која се овозможува континуитетот на работните процеси, обезбедивме основа за редовна исплата на плати и придонеси, при што се создадоа и сериозни услови да се сочуваат работните места.
Ова го истакна советникот за економски прашања на претседателот на Владата, Фатмир Битиќи, на прес-конференцијата по повод сетот владини мерки за поддршка на економијата во справувањето со последиците предизвикани од пандемијата на коронавирусот Ковид-19, и додаде дека бројката на компании што аплицирале е охрабрувачка бројка ако се знае дека до крајот на рокот за аплицирање остануваат уште три дена денешниот, утрешен и целиот задутрешен ден (четврток) до 24 часот, и се очекува дека за мерката ќе аплицираат голем процент од компаниите кои ги исполнуваат условите.
„Аплицирањето за оваа мерка почна на 1 мај и до сега, иако имавме празник и викенд, во Управата за јавни приходи се пристигнати нешто повеќе од 12.480 апликации“, истакна советникот на премиерот, Битиќи.
Тој наведе дека веднаш откако беше јасно дека коронавирусот освен здравствена, ќе предизвика и економска криза во земјата, Владата многу бргу ја подготви и почна да ја реализира стратегијата за поддршка на економијата. Тој нагласи дека Владата со јасно поставена цел беше фокусирана да им се помогне на што повеќе граѓани, да зачуваат што повеќе работни места, да ги поддржи компаниите на нашите сограѓани за нивна ликвидност и да ги постави темелите за рестарт на нашата економија кога ќе заврши кризата.
Тој ги повика сите компании кои сè уште немаат аплицирано за оваа финансиска поддршка, да го направат тоа што побргу преку системот за е-даноци на УЈП.
„Апликациите за месец април, треба да се достават најдоцна до крајот на задутрешниот ден, односно до 7 мај. Кога станува збор за оваа мерка, важно е да споменеме дека Владата, кога ја донесе Уредбата за финансиска поддршка за исплата на платите, овозможи компаниите кои од 11 март до крајот на април отпуштиле одреден број работници, сега да можат да ги вратат и на тој начин да ги искористат придобивките од оваа мерка.
Ова им дава голема шанса на работниците, кои во првиот налет на кризата ги изгубија работните места повторно да се вратат на претходните работни позиции. Сакам да напоменам дека станува збор за околу 2.000 работници во март и околу 7.000 во април. Тоа е апсолутно далеку од бројката од 100.000 изгубени работни места со која ВМРО-ДПМНЕ манипулира и ја дезинформира јавноста со намера да создаде лажна слика за бројот на отпуштени работници“, информираше Битиќи.
Тој истакна дека паралелно со оваа, во тек е и спроведувањето на мерките Ковид 1 и Ковид 2 бескаматни кредити од линиите на Развојната банка на Северна Македонија, во вкупен износ од 13,7 милиони евра, коишто ги таргетираат сите микро, малите и средни претпријатија погодени од кризата.
„Од линијата кредити Ковид 1 досега се одобрени вкупно 631 кредитни апликации за исто толку компании со 5.588 вработени. По структура од вкупно одобрените кредитни апликации, микрокомпаниите до 10 вработени учествуваат со 76%, малите компании до 50 вработени учествуваат со 22%, а средните компании до 250 учествуваат со 1%.
За втората линија бескаматни кредити Ковид 2, заклучно со вчера се примени 1.260 апликации. Повикот е објавен на 29 април, а ќе трае до 13 мај 2020 година, вкупно 15 дена. Ги повикувам компаниите да аплицираат и за овие поволни кредити кои ја поддржуваат нивната ликвидност. Наскоро преку комерцијалните банки ќе биде пласирана и линија со исклучително поволни кредити во износ од 51 милион евра“, истакна Битиќи.
Битиќи посочи дека економските политики на Северна Македонија во последните три години покажаа дека мерките носеле и ќе носат резултати, а за тоа зборуваат и проекциите од Светската банка според кои се проценува дека нашата земја најдобро ќе се справи со економскиот удар од кризата од сите земји во регионот.
„Во широкиот и сеопфатен пристап на дизајнирање на мерките за ублажување на економските последици опфатени се и интервенции за одржување на ликвидноста на стопанството. Во таа насока е клучно и токму поради тоа го овозможивме брзиот поврат на ДДВ-то. Тоа е една од редовните активности кои се преземаат во таа насока и од која не отстапивме. Од почетокот на годината заклучно со април фирмите добиле поврат на ДДВ од 145 милиони евра. Тоа е за 16,7% повеќе во однос на претходната година. Само за месец април повратот на ДДВ кон компаниите е 38 милиони евра или за 23% повеќе во однос на истиот месец лани. Во однос на 2018 година повратот на ДДВ за периодот јануари-април е зголемен за 19,4%, додека во однос на 2017 година за високи 67,6% повеќе“, истакна Битиќи.
Тој нагласи дека со цел да се помогне во надминување на последиците од кризата, Владата донесе и уредба со законска сила за примена на законот за данокот на личен доход за време на вонредна состојба.
„Со оваа уредба се предвидува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход за месеците март, април и мај 2020 година. Заедно со поволностите од уредбата која обезбедува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данок на добивка за месеците март, април и мај 2020 година, придобивките од овие две уредби ги искористија околу 1.200 компании“, информираше Битиќи.
Тој потенцираше дека Владата подготвено одговори на предизвикот и со сеопфатноста и целовитоста на мерките покажа дека никој не е изоставен.
„Се грижиме и за граѓаните дел од неформалната економија со релаксирање на критериумите и начинот на користење на правото за минимална помош и брз влез во системот на социјална заштита. Го продолживме времетраењето на олеснетиот услов за утврдување на материјална необезбеденост како услов за добивање гарантирана минимална помош, и го проширивме опфатот на ранливите групи граѓани кои може да добијат финансиска поддршка. Од носењето на првата уредба со законска сила за Законот за социјална заштита, односно од 3 април во центрите за социјална работа имаме околу 970 нови барања за остварување на правото на гарантирана минимална помош, и тие се решаваат тековно“, наведе Битиќи.
Тој соопшти дека во тек се преговори со Светска банка за нов проект за брзо дејствување против последиците од кризата предизвикана од Ковид-19.
„Проектот е во износ од 90 милиони евра и се состои од две компоненти – првата компонента се однесува на зајакнување на здравствените капацитети, а втората компонента е за поддршка на домаќинствата и се однесува на обезбедување поддршка за трансфери за ранливи домаќинства погодени од последиците од коронавирусот и паричен надоместок за оние кои ги изгубиле работните места како резултат на кризата. За дополнителна поддршка на ранливите семејства е и мерката со која околу 30.000 домаќинства, корисници на социјална помош, добиваат по 1.000 денари енергетски додаток, освен за месеците април и мај, сè до септември, односно и надвор од грејната сезона“, информираше советникот на премиерот.
Тој посочи дека ова е време кога солидарноста треба да се покаже на дело, а токму поради принципот на солидарност, се дава таму каде што нема, на работниците, стопанството, самостојно вработените, спортисти, уметници, а се крати онаму каде што може, односно на неприоритетни и непродуктивни трошења.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

