Економија
(Видео) Градоначалниците на Могила и Прилеп: Да се забрани увоз на тутун, додека не се откупи домашниот

Градоначалниците од регионите во кои се одгледува тутун и е една од поглавните егзистенцијални гранки во општините, денес се собраа на координативна средба на која се разгледуваше ниската цена на тутунот и една од главните теми беше изнаоѓање решенија за повисоки откупни цени.
Градоначалникот на општина Могила, Драганчо Саботковски, рече дека причина за оваа регионална средба е токму ниската откупна цена и еден од заклучоците кои ги донеле на тој координативен состанок бил да се достават барања до Државниот земјоделски инспекторат да излезе на терен се со цел реална проценка на тутунот.
Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески ја поздрави оваа средба и најави дека ќе има почести вакви комуникации и контакти со здруженијата на тутунопроизводителите, каде што секојдневно ќе можат да им реферираат за класата и цената со која се настапува а се со интерес правилно да бидат проценети класите.
Еден од заклучоците беше и преку нашите пратеници од регионот секој да се погрижи на наредната собраниска седница да се издејствува, да се иницира измени во Законот за откуп на тутун со тоа што би се забранил увозот на тутун, се до оној момент додека не се откупи и последното ливче од нашиот домашен тутун.
Со тоа би го заштедиле и домашниот тутун, но воедно и секој нареден од тутунопроизводител би вложил и во иднина, со идна реколта да се погрижи да допринесе за своето семејство и би се намалило иселувањето на младите од нашата земја, рече Јовчески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Пуштени во употреба првите 20 километри од автопатот Кичево-Охрид

Првите 20 километри од автопатот Кичево – Охрид, на потегот од Врбјани до Ботун, денеска се пуштени во употреба. Овој момент, според Владата, претставува пресвртна точка и симбол на работата, посветеноста и разликата во пристапот кон големите проекти меѓу актуелната и претходната власт.
На свеченоста присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека не се работи само за пуштање на делница, туку за враќање на довербата на граѓаните.
„Само една година откако ја презедовме одговорноста за водење на државата, успеавме да го откочиме еден од најзаглавените инфраструктурни проекти. Овој автопат беше симбол на застој и срам, а денес е симбол на новото време. Секој метар е изграден со напор и волја да се стави крај на неуспесите од минатото“, изјави премиерот.
Тој најави дека веќе следната година автопатот Кичево – Охрид ќе биде целосно завршен и ставен во функција.
„Ова нема да биде случајна победа, туку планиран успех и резултат на секојдневна одговорна работа“, додаде Мицкоски.
Оптимизам за иднината изрази и вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, кој оцени дека со оваа делница се отвораат нови можности за граѓаните и туризмот во регионот.
„Ова е автопат кој ги поврзува Кичево, Охрид и Струга со Скопје, Тетово и Гостивар, но и со Албанија. Веќе денес, овие први 20 километри се реалност и корист од нив ќе имаат сите“, нагласи Николоски.
Тој потсети дека проектот бил оставен во заборав и запустен од претходната Влада.
„Ова беше симбол на неспособноста на СДСМ и ДУИ. Немаше ниту работници, ниту инженери, ниту механизација. А денес е доказ за нашата посветеност и тоа е клучната разлика“, рече Николоски, додавајќи дека е симболично што првиот дел се отвора токму во славна Дебарца.
Изградбата на целокупниот автопат, кој е со вкупна должина од 57 километри, треба да биде завршена до крајот на 2026 година.
Економија
Тодор Анѓушев на конференција на Делегацијата на германско стопанство „Децентрализирано снабдување со електрична енергија преку фотоволтаици“

Законските одредби се донесени, и останува да се поставуваат батерии со добра проценка и пресметка за да се постигне најдобра исплатливост, порача Тодор Анѓушев, директор на ЕМС во групацијата Фероинвест, на конференцијата на Делегацијата на германското стопанство во Македонија, на која германски фирми ги претставуваа своите практики, производи и искуства во енергетиката.
„Потребно е да одиме кон што повеќе обновлива енергија, но истовремено дистрибутивниот и преносниот систем треба да се стабилизираат за да може да го поднесат тоа. Треба што побрзо да се работи на поставување батериски системи и на тој начин да се реши дизбалансот што обновливите извори го прават во системот. Но, по инсталирањето многу битен ќе биде и мониторингот на батерискиот систем. Нашата компанија располага со сопствен мониторинг систем, и може да ја програмира, води и управува батеријата ден за ден за инвеститорот да добие оптимални резултати“ – изјави Тодор Анѓушев.
Германските компании на конференцијата ги презентираа своите технолошки решенија и искуства, вклучително и примената на BIPV (building integrated photovoltaics) – технологија која овозможува вградување на фотоволтаици во фасади и кровни елементи без да се наруши естетиката на објектите.
Овие практики покажуваат јасен тренд – иднината припаѓа на децентрализираното, чисто и ефикасно производство на енергија, а Северна Македонија, со усвоените закони и со компании кои веќе нудат современи решенија, има потенцијал да го следи тој пат со забрзан чекор.
Комерцијален текст
Економија
Божиновска: Новата ТС Охрид го поврзува Балканот и европскиот пазар на електрична енергија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес изврши теренска посета на градилиштето за изградба на новата трансформаторска станица Охрид (ТС Охрид), дел од проектот за интерконекција Македонија–Албанија. Проектот опфаќа две целини – LOT 1: далноводот Битола – граничен премин со Албанија и LOT 2: изградба на трансформаторската станица Охрид во близина на селото Мешеишта.
Божиновска се запозна со текот на интензивните градежни активности што се одвиваат на површина од 80.000 метри квадратни: изградба на потпорни ѕидови и наклони, градежни работи на командната зграда, комплетирани фундаменти и започната монтажа на челични носачи и опрема во 400 kV постројка.
„Со реализацијата на овој проект, Северна Македонија гради мост кон европските пазари на електрична енергија, создава услови за стабилно и економично снабдување за граѓаните и отвора простор за приклучување на нови производители од обновливи извори – што е наш врвен приоритет, “истакна Божиновска.
Изградбата на новата 400 kV линија е стратешко зајакнување на стабилноста и сигурноста на електроенергетската мрежа на земјава. Со тоа се заокружува електроенергетското поврзување со сите соседи, што овозможува не само зголемена стабилност и доверливост, туку и активно учество на пазарите за балансни и системски услуги и размена на енергија во регионот.
При посетата, таа беше пречекана и детално информирана за напредокот на проектот од страна на проект менаџерот Дарко Докузовски.