Економија
(Видео) Заев: И во време на пандемија обезбедивме ликвидност и опстанок на компаниите
Премиерот Зоран Заев и министерот за финансии, Фатмир Бесими, денеска на заедничка прес-конференција се осврнаа на постигнатите резултати на економски план и на реализацијата на буџетот за 2020 година, а ги презентираа плановите и проекциите за 2021 година.
„И покрај сите предизвици со кои се соочивме, можам да кажам дека во 2020 година успеавме да го испорачаме тоа што им го ветивме на граѓаните. Изминатата 2020 нè научи, дефинитивно, да бидеме погрижливи, посолидарни и сплотени. Ни покажа дека кога има криза, најважно е да сме здружени и да се потпираме едни на други. Затоа, и Владата беше фокусирана на поддршка на секој граѓанин кому му е потребна потпора за да ја преброди кризата. И здравствено и економски“, истакна премиерот.
Како што истакна, инклузивниот процес за креирање политики и мерки за поддршка на сите граѓани вродил со резултати.
„Годината ја завршивме со вкупни даночни приходи реализирани во износ од 189,8 милијарди денари или 96,7 % од проектираните приходи. Директните даноци имаат остварување од 99,5 % од планираното. Тука бележиме раст од 2,3 % во споредба со 2019 година. Да напоменам, април-мај се правеа веќе претпоставки за 30, 40, па дури и до 50 % пад на вкупните приходи во државата. Исто така, забележан е позитивен тренд од јануари до декември и кај придонесите, кои на крајот на 2020 година изнесуваат 102 %, односно 2 % повеќе од планираното“, информира Заев.
Дополнително, како што беше истакнато, вкупните расходи на буџетот во 2020 година се реализирани во износ од 243,7 милијарди денари или 96,4 % во однос на годишно планираниот износ. Стоките и услуги се намалени на 85 % во ребалансот или помалку за 5 % од 2019 година, што, како што посочи премиерот, е доказ за штедливост во однос на трошењето на јавните пари.
Заев се осврна и на економските пакет-мерки креирани како одговор на пандемијата предизвикана од Ковид-19.
„Од почетокот на кризата, во согласност со потребите на граѓаните, креиравме четири пакети економски мерки за поддршка на најпогодените од кризата за што обезбедивме над 1,2 милијарда евра. Најважно од сè, на економски план се покажа дека борбата за спас на работните места е најправилната и најчовечна економска стратегија. И тоа даде резултат. И во време на пандемија обезбедивме ликвидност и опстанок на компаниите задржувајќи ги работниците секаде каде што тоа е можно. Тој резултат обезбеди и одржлива домашна потрошувачка, која е најголем процент од домашниот бруто-производ“, наведе премиерот и додаде дека сето ова е постигнато благодарение на вклученоста и консултациите на стопанските комори, синдикатите, академската фела и граѓанскиот сектор.
„Само со четвртиот пакет-мерки се исплатени плати за над 60.000 работници месечно. Тоа се околу 18 милиони евра месечно за речиси 14.000 фирми и компании. Овие средства се враќаат повторно во стопанството. Со мерките беше обезбедена финансиска поддршка за речиси 500.000 наши граѓани, кои беа најпогодени од кризата, преку директно префрлање средства на нивните сметки. Овие податоци покажуваат дека македонската економија е стабилна, жива и динамична. Не дозволивме потрошувачката да запре. Тоа е можно само ако добро се планира и само ако бргу и паметно се реагира во услови на криза. Ефектите се видливи“, нагласи Заев.
Зборувајќи за плановите и зацртаните цели за 2021 година, премиерот истакна дека годината што почна е година на економско заздравување.
„За 2021 проектиравме и огромна развојна компонента. Повеќето од проектираните средства, или 83 %, се расходи наменети за капитални проекти, конкретни проекти што за граѓаните живот значат. Тоа значи дека ќе продолжиме да инвестираме во патната и железничката инфраструктура, енергетиката, гасификацијата, градинките, болниците, училиштата и животната средина, комуналната инфраструктура, како и во изградба на социјални станови“, наведе Заев и истакна дека како полноправна земја членка на НАТО, со заштитен македонски идентитет и македонски јазик, продолжуваме по европскиот пат со развојни програми и проекти.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, се осврна на економските резултати во 2020 година.
„Позитивниот импакт од реализацијата на мерките се покажа и преку севкупниот економски резултат, така што падот на БДП по високиот пад во вториот квартал, кој изнесуваше -14,9 %, во третиот квартал значително забави и изнесува -3,3 %“, истакна Бесими осврнувајќи се на позитивниот резултат од владините антикризни мерки.
Министерот посочи дека овој пристап кон решавање на кризата дава резултати, при што по првичниот удар во првата половина на годината, во четвртиот квартал се отчитува тренд на подобрување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За мерката Самовработување се издвоени 2,5 милијарди денари, кажа Мицкоски
Самовработувањето е многу важна мерка и во Буџетот се издвоени средства коишто се од износ отприлика 2,5 милијарди денари, или околу 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони повеќе од минатата година. И ова е историски највисока поддршка којашто до сега се случила, кажа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешната седница за поставување на пратенички прашања.
Премиерот Мицкоски истакна дека Оперативниот план за самовработување е доказ дека државата инвестира во младите.
„Со овој план во 2025 година ќе бидат опфатени нешто повеќе од 16.500 лица. Нешто што мислам дека е најголем опфат до сега и јасен доказ дека државата практично инвестира во луѓето, а посебно во младите“, рече Мицкоски.
„До пред една недела издадени се вкупно 2.916 ваучери за изработка на бизнис план и дел од тие ги промовиравме во Владата. Оценети се 2.681, при што 1.140 се за млади до 29 години, 912 за лица над 29 години, а 629 за правни субјекти регистрирани како друштва со ограничена одговорност. Во моментот повеќе од 2.500 лица веќе се во процес на потпишување договори. Финансиската поддршка е значително зголемена: 7.000 евра за лица над 29 години или 14.000 евра ако се здружат во ДОО, и 10.000 евра за млади до 29 години или 20.000 евра ако се здружат во ДОО“, нагласи Мицкоски и додаде дека ова е нешто коешто за прв пат се случува во Македонија.
„Морам да кажам дека ги изненади и нашите очекувања и во годините коишто следат очекувам поддршката којашто е дел од овој Оперативен план за самовработување само да се зголемува, бидејќи ако ние со 40 милиони евра успеавме да анимираме повеќе од 16.500 луѓе, тоа е сериозна бројка и убеден сум дека од тие бизниси ќе излезат многу бизниси старт-ап коишто понатаму ќе донесат додадена вредност во македонската економија“, дециден е Мицкоски.
„Ваква поддршка за младите немало. Генерално зборувам, реконструкција на студентските домови, ваучерите за студентите за електронски уред и кога сето ова ќе се земе во предвид, ценам дека како Влада правиме нешто коешто до сега никој не го направил во независна Македонија за младите“, објасни Мицкоски.
Економија
Божиновска: ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која беше потврден силниот заеднички фокус кон унапредување на енергетската инфраструктура и забрзување на реформските процеси во земјата.
На средбите се разговараше за неколку стратешки проекти што ќе започнат во следната година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем со капацитет од 300 MWh.
„ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор. На средбата се усогласивме околу финализацијата на неколку стратешки проекти важни за 2026 година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем на ЕСМ со вкупен капацитет од 300 MWh. Овој проект е клучен за стабилноста и флексибилноста на електроенергетскиот систем,“ истакна Божиновска.
На средбата се разговараше и за следните чекори во подготовката за воведување на ESCO-моделот во земјата. Двете страни ги разгледаа можните области за пилот-проекти и моделот на институционална соработка што ќе обезбеди несметана имплементација.
„ESCO-моделот е нова можност за граѓаните, институциите и целиот систем – модел кој дава реални резултати. Нашата цел е да создадеме јасна рамка, предвидливи процедури и подготвеност за негово постепено воведување,“ додаде министерката.
Министерството за енергетика и ЕБОР договорија во наредниот период да продолжат со заедничка техничка подготовка, со јасен фокус кон обезбедување услови за брза и успешна реализација на проектите што директно ќе ја зајакнат енергетската сигурност на земјата.
Економија
Со цена повисока од претходната до „ЕВН Хоме“ стасала само понудата на ЕСМ за набавка на струја
ЕВН Хоме соопшти дека на тендерот за набавка на струја за задоволување на потребите на корисниците за периодот јануари-декември 2026 добиле само една понуда и тоа од АД ЕСМ, со купопродажна цена на електрична енергија од 65 евра за мегаватчас, за покривање на 100% од вкупно планираните количини.
„Оваа цена е повисока за 4,84 % од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јуни-декември 2025), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 62 евра за мегаватчас.
Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри.
Како и секогаш, во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција“.

