Економија
(Видео) Заев: Со фотоволтаичните системи на јавните објекти сметките за струја се помали за 81%
Преку новиот Закон за енергетика и со силните инвестиции во обновливи извори на енергија и гасификација, Владата го стабилизираше вртоглавиот раст на цената на струјата. Денеска граѓаните плаќаат пониска просечна цена за киловат/час, споредено со времето на претходната влада, кога цената на струјата порасна за 100%“, изјави премиерот Заев.
Тој додаде дека Владата, долгорочно и стратегиски, обезбеди регулатива и политики за максимално искористување на обновливите извори на енергија и од тој аспект развојот на капацитетите за производство на електрична енергија што ги користат сонцето, ветерот и водите, имаа централно место во Стратегијата за енергетика на Република Северна Македонија.
Со Проектот за проектирање и поставување на фотоволтаични системи во 36 општини и на 108 јавни објекти, не само што се зголемува производството на електрична енергија од обновливи извори, туку и се намалуваат трошоците за електрична енергија, на јавните институции и на објектите што се формирани од општините.
„Вкупниот износ на Програмата, кофинансирана од страна на Владата и ЕУ, изнесува 20,6 милиони евра. Програмата ја имплементираше Министерството за финансии, во соработка со Светската банка како посебен сегмент за ИПА-рурални инвестиции во рамките на проектот за подобрување на општинските услуги“, рече премиерот Заев и објасни дека вкупната заштеда на средства за сите 108 објекти годишно може да изнесува околу 190.000 евра и дека согласно заштедата, инвестицијата ќе се врати за 7,5 години.
Министерката за финансии, Нина Ангеловска, рече дека користењето на сончевата енергија од фотоволтаици забележува зголемување во целиот свет бидејќи технологиите се усовршуваат и материјалните трошоци се намалуваат.
„Соларната енергија е примарен извор за обновлива енергија и е особено важен за неразвиените земји. Како сончева земја навистина треба да го користиме овој извор за генерирање енергија, кој е и поевтин, па ефектите се двонасочни“, рече министерката Ангеловска.
Ангеловска ги наброи ефектите од заштедите од поставувањето на овие фотоволтаични системи и соопшти дека градинката „7 Септември“ во Пехчево, за месеците мај, јуни, јули и август 2018 има сметка за електрична енергија од 15.185 денари, додека за истите месеци оваа година сметката е 8.672 денари. Заштедата за четири месеци е 6.513 денари, односно сметките за овие четири месеци се помали за 43%, како резултат на поставените фотоволтаични системи.
Слични се заштедите и кај сите останати јавни објекти, а како позначаен е примерот на пумпната станица за водоводен систем ГЕРИЗИ, во с.Таринци, во општина Карбинци, каде што сметките за електрична енергија за периодот мај-јули од 429.326 денари лани, се симнати на 82.412 денари оваа година, или заштедата за трите месеци изнесува 346.914 денари, односно сметките за овие три месеци се помали за 81%.
На крај министерката за финансии Ангеловска рече дека подобрувањето на енергетската ефикасност не е само заложба, туку цел преточена во резултати.
„Политиките на оваа Влада во делот на енергетиката покажуваат дека земјата е на прав пат. Донесовме регулатива во согласност со европската. Го реформиравме енергетскиот сектор. И ова не е само наша оценка. Енергетската заедница пред три години велеше дека државата потфрла во реформите и дека е во пролонгиран период на енергетски ќор-сокак. Оваа Влада покажа дека промените се случуваат како резултат на планска работа, во интерес на граѓаните“, рече министерката Ангеловска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

