Економија
(Видео) Заев: 70 милиони евра за изградба на фотонапонска електрана во Осломеј
Денес, и официјално се потпишуваат договорите за изградба на фотонапонска електрана во Осломеј од 100 мегавати, рече премиерот Заев на потпишувањето на договорите за изградба на електраната помеѓу „Електрани на Северна Македонија“ и партнерите „Фортис енержи електрик“ од Турција и „Солар про“ од Бугарија.
Заев истакна дека станува збор за една од најголемите инвестиции во енергетиката, поточно во обновливите извори за производство на електрична енергија.
„Вредноста на инвестицијата е 70 милиони евра, а ова постапка успешно ја завршивме по пат на јавноприватно партнерство“, рече премиерот.
Тој објасни дека фотонапонската електрана од 100 мегавати е конципирана како две постројки по 50 мегавати, во кои АД ЕСМ ќе биде јавниот партнер со компанијата „Фортис енержи електрик“ од Турција во едната електрана, а во другата електрана со „Солар про“ од Бугарија.
„Двете компании на јавниот повик имаа најдобри понуди. За возврат, приватните партнери на ЕСМ ќе му исплаќаат надоместок за јавноприватното партнерство во износ соодветен на 18 и на 18,5 % од произведената електрична енергија за час“, посочи Заев и додаде дека заработката на државата според пресметките би се движела до 1,5 милион евра годишно.
Дополнително, рече премиерот, инвеститорите имаат обврска да земат по еден вработен од мегават, односно 100 вработени од „Осломеј“.
Во своето обраќање Заев се осврна и на енергетската транзиција на земјата за која рече дека е развиен сериозен енергетски стратешки план како една од точките на Акција 21 и во интервентниот План за инвестиции 2021-2027.
„Одржливата или зелена енергија е меѓу нашите приоритети. За тоа потврдуваат и резултатите, Северна Македонија е на врвот, меѓу шампионите во регионот по раст на обновливи извори на енергија. Само за минатата година го зголемивме производството на енергија од обновливи извори на 827 мегавати, што претставува раст од 10,1 % и е во рамките на светскиот просек на зголемување од 10,3 отсто. До 2030 година следува постепено затворање на термоелектраните, на сите три блока во ‘РЕК Битола’ и еден блок на ‘РЕК Осломеј’. Новите инвестиции во фотоволтаици се 1.800 мегавати во државата“, посочи премиерот и додаде дека дел од процесот на енергетската транзиција и спроведувањето на праведна транзиција (just transition) во енергетскиот сектор предвидено е воведување еколошки такси на загадувачите, вклучувајќи ги и нафтените деривати, а во наредните години и еколошка такса на јагленот и производството на електрична енергија од јаглен, во согласност со политиките на Европската Унија и обврските од Парискиот договор.
„Средствата од овие еколошки такси ќе бидат исклучиво наменети за дополнителни проекти за зелена енергија. Донесовме стратегија за развој на енергетиката до 2040 година, во која се предвидени три сценарија – основно, умерено и зелено. Добивме поттик од невладиниот сектор и од меѓународните организации да го имплементираме зеленото сценарио, што значи поголеми инвестиции во чиста енергија, обновливи извори на енергија, затворање на термоелектраните на јаглен, инвестиции во енергетска ефикасност. Праведната транзиција, меѓу другото, значи и тие што загадуваат да плаќаат пенали, со цел да се обезбедат средства во буџетот за успешно спроведување на праведната транзиција“, заклучи Заев.
Генералниот директор на „Електрани на Северна Македонија“, Васко Ковачевски, истакна дека договорот за јавноприватно партнерство ќе биде во траење од 35 години по што приватниот партнер е обврзан да го пренесе правото на сопственост на фотонапонските електрани на јавниот партнер, односно АД ЕСМ, и да ги предаде во фактичко владение во исправна оперативна и погонска состојба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

