Економија
(Видео) Ковачевски: Изградбата на железничкиот Коридор 8 ќе значи инфраструктурно поврзување на Балканот
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски заедно со претседателот на Владата на Република Бугарија Галaб Донев, во придружба на министри од двете влади, претставници од Делегацијата на ЕУ и ЕБОР, денеска присуствуваа и говореа по повод на отпочнување со градба на источен дел од железничкиот Коридор 8, секција Куманово – Бељаковце – Крива Паланка.
“Денес продолжуваме со остварување на целта, од национално, стратешко и меѓународно значење за Република Северна Македонија. Денеска овде го означуваме почетокот на изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8 низ Северна Македонија – делница Куманово – Бељаковце – Крива Паланка, што значи модерна европска железничка инфраструктура во Северна Македонија, но и забрзан регионален и економски развој.Ваквите капитални проекти, се проекти за идните генерации и со нив Северна Македонија станува поврзана со европските железнички коридори”, изјави Ковачевски.
Тој додаде дека Северна Македонија географски, природно е крстосница, клучна точка на поврзување и кон Европа, но и кон Јадранското и Црното море. Со капитални проекти како овој, нашата држава станува и реална крстосница на Балканот, отворајќи простор за раст, развој и напредок на повеќе полиња.
“Со посветена соработка градиме наша заедничка иднина, обезбедуваме можности за стопанството, бизнис заедницата, вложуваме во функционално, модерно, железничко поврзување вложуваме во целиот овој регион. Оваа инвестиција на Северна Македонија и отвора нови европски рути за железнички превоз, воспоставува регионално поврзување со пристаништата во Бургас и Варна во Бугарија и пристаништето Драч во Албанија што е од исклучителна важност за нашата економија но и генерално за соработката на регионот во целина како и соработката на регионот со други региони во Европа”, изјави Ковачевски.
Ковачевски истакна дека пред нас претстои процес на реформи за железничкиот транспорт, а тој процес е долг, но и неопходен за развиен, безбеден, брз и пред сè европски железнички транспорт. Оваа прилика сакам да упатам и благодарност од нашите пријатели и партнери од Европската Унија кои ни овозможија преку заеднички проекти да ја отпочнеме изградбата на модерна и ефикасна железничка мрежа во регионот.
Пред нас е уште еден доказ дека политиките на пријателство, добрососедство и соработка значат развој и за Северна Македонија и за Бугарија, поединечно но и заемно за двете земји, но и за регионот. Кога постои волја, тие политики лесно и најпрактично се реализираат.
“Инвестициите и развојните проекти кои ги гледаме последниве месеци, но и последниве 5 години, се резултат на добрите владини политики, но и на нашиот стабилен деловен амбиент, на членството во НАТО, како и на почетокот на преговорите со Европската Унија. За нас како Влада ова е силна потврда за успешниот концепт кој го спроведуваме и во време на глобални предизвици”, изјави Ковачевски.
Тој додаде дека Владата што ја предводи има јасна цел и насоки, остварувањето на стратешките и државни цели на кои граѓаните нѐ обврзаа уште во деведесеттите и тоа е приоритет. Работиме посветено на економски раст и развој, подобар животен стандард, грижа за најранливите, знаејќи од каде доаѓаме, но со поглед секогаш вперен кон иднината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
СДСМ: Кратењето 40 милиони евра субвенции за земјоделците Трипуновски го претставува како „реформа“
Владата на Мицкоски ги намали субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра. Денеска Трипуновски сака ова кратење на субвенциите за 2026 година да го престави како некаква мала реформа, велат од СДСМ.
„Во 2024 година за субвенции се исплатија 140 милиони евра, сега во буџетот се предвидени само 100 милиони евра. Кај тутунот, субвенцијата за прва класа е намалена од 100 на 80 денари по килограм, што претставува директен удар врз тутунопроизводителите. Со зголемувањето на минималните површини за лозарство, овоштарство и поледелските култури, неколку илјади земјоделци за прв пат од 2004 година наваму ќе останат без денар субвенции. Дали за „реформа“ Трипуновски и владата на Мицкоски го сметаат елиминирањето на илјадници земјоделски семејства од системот на државна поддршка? Што е следно, дека и најголемиот криминален скандал со ИПАРД Програмата ќе го прогласат за „реформа“?“, прашуваат од СДСМ.
Од партијата обвинија дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги оставила земјоделците и без европска помош и со намалени субвенции.
„Оваа влада не ги крати парите за тендери туку ги кратат субвенциите од кои живеат земјоделците. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за втора, 74 тендери за трета, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку пошта, 9 милиони евта за фирма со двајца вработени. Не се крати тука ништо, како колачи се делат тендери. Нема пари за субвенции, нема пари за минимална плата од 600 евра, има пари само за криминални тендери, нов авион и за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“, велат од СДСМ.
Економија
Трипуновски: Нема кратење на субвенциите, средствата ќе одат кај вистинските земјоделци
На владина седница е усвоена новата Програма за директни плаќања за 2026 година, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Како новина, односно како мала реформа, направено е минимално зголемување на површините што се услов за користење на субвенциите, со цел да ја зголемиме домашната продукција на храна“, истакна министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека сериозен акцент ќе биде ставен на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, со цел средствата да завршуваат кај вистинските земјоделци.
„Минатата година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство се ставени на располагање на Платежната агенција, за да се спречи одлевање на државни средства кај лица кои досега користеле субвенции, а не обработувале земјоделска површина“, појасни Трипуновски.
Според него, дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат преку предавање во преработувачки или откупувачки центри.
„Сето ова се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, додаде министерот.
Трипуновски ги отфрли обвинувањата од опозицијата, посочувајќи дека нема кратење на субвенциите, туку воведување дополнителни услови поврзани со реалното производство.
„Реформите што ги спроведуваме имаат цел да постават јасен правец на движење во наредниот период. Субвенциите треба да бидат насочени кон луѓето што навистина работат и произведуваат. Ова е чекор кон зголемување на домашното производство“, истакна министерот.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.

