Економија
(Видео) Ковачевски пред германските партнери: Создаваме услови за нови инвестиции и во време на криза
Премиерот Димитар Ковачевски присуствуваше и се обрати на настан во организација на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија и Македонско-германското стопанско здружение на тема: „Очекувањата на приватниот сектор од новата Влада во време на корона и енергетска криза“.
На настанот присуствуваа министрите за финансии, Фатмир Бесими, и за економија, Крешник Бектеши, како и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски.
Во присуство на над 90 претставници на германски, македонски и други интернационални компании членки на Здружението, премиерот Ковачевски во своето обраќање ја истакна важноста од соработката и партнерството со деловната заедница за создавање подобар деловен амбиент, за нови инвестиции, за нови работни места и во услови на светска криза.
Ковачевски рече дека на економски план Владата има три приоритети – справување со последиците од светската енергетска криза, економски развој, како и реализација на капиталните инвестиции.
„Странските инвестиции се важни за економскиот развој на нашата земја, а германските инвестиции, како и европските, се клучни. Пандемијата ги покажа слабостите и видовме дека Европа се соочи со големи предизвици кога синџирите на снабдување се во далечни земји. Во Европа може да се произведуваат многу работи, а тоа значи и заштеда на трошоците. Северна Македонија тоа ќе го искористи и затоа правиме амбиент за нови инвестиции. Ние сме членка на НАТО, нашата позиција е и членство во Европската Унија за инвеститорите да знаат дека имаат сигурност и предвидлив деловен амбиент, впрочем тоа е нашата предност и во однос на некои од земјите од регионот“, изјави премиерот.
Ковачевски истакна и дека минатата година реализирани биле 79 % од капиталните инвестиции и со истото темпо, како што рече, се продолжува и оваа година.
Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Македонија, во своето обраќање ја истакна важноста од традиционално добрата економска соработка меѓу двете земји.
„По кризата што ја предизвика пандемијата во стопанството во цела Европа, можам со голема радост да кажам дека во 2021 постигнавме рекордна трговска размена помеѓу двете земји, со вредност од 4,7 милијарди евра, што означува зголемување од 23,6 отсто во споредба со 2020. Мината година имаше и проширувања на инвестициите кај повеќе германски инвеститори во земјата од автомобилската индустрија. Но, среќен сум дека има и нови инвестиции што ќе отворат голем број добро платени работни места во сферата на услужната дејност и грижата за клиенти“.
Мартенс соопшти дека Македонско-германското стопанско здружение, иако изминатата година направи значајни промени во условите за членство, и понатаму останува најголемо билатерално стопанско здружение во земјата со 143 компании членки.
Тој даде свој осврт и за темите што ќе бидат клучни за Германија оваа година, како зелената агенда и новиот закон за доставувачи, кон кои ќе треба да се приспособи и Северна Македонија доколку сака да остане конкурентна како пазар.
Пред присутните се обрати и германската амбасадорка во земјата, Анке Холштајн.
„Доверливата клима на соработка со македонската Влада е важно признание за квалитет за локацијата Северна Македонија. Заедно ќе продолжиме да ја негуваме – за успешно да работат оние што се веќе овде, како и за понатаму да ја рекламираат Северна Македонија како добра дестинација за инвестиции“, изјави амбасадорката Холштајн.
На настанот компаниите ја искористија средбата за вмрежување и имаа можност да дискутираат со претседателот на Владата и ресорните министри, да споделат свои предлози и идеи, кои може да придонесат за економскиот развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
СДСМ: Кратењето 40 милиони евра субвенции за земјоделците Трипуновски го претставува како „реформа“
Владата на Мицкоски ги намали субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра. Денеска Трипуновски сака ова кратење на субвенциите за 2026 година да го престави како некаква мала реформа, велат од СДСМ.
„Во 2024 година за субвенции се исплатија 140 милиони евра, сега во буџетот се предвидени само 100 милиони евра. Кај тутунот, субвенцијата за прва класа е намалена од 100 на 80 денари по килограм, што претставува директен удар врз тутунопроизводителите. Со зголемувањето на минималните површини за лозарство, овоштарство и поледелските култури, неколку илјади земјоделци за прв пат од 2004 година наваму ќе останат без денар субвенции. Дали за „реформа“ Трипуновски и владата на Мицкоски го сметаат елиминирањето на илјадници земјоделски семејства од системот на државна поддршка? Што е следно, дека и најголемиот криминален скандал со ИПАРД Програмата ќе го прогласат за „реформа“?“, прашуваат од СДСМ.
Од партијата обвинија дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги оставила земјоделците и без европска помош и со намалени субвенции.
„Оваа влада не ги крати парите за тендери туку ги кратат субвенциите од кои живеат земјоделците. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за втора, 74 тендери за трета, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку пошта, 9 милиони евта за фирма со двајца вработени. Не се крати тука ништо, како колачи се делат тендери. Нема пари за субвенции, нема пари за минимална плата од 600 евра, има пари само за криминални тендери, нов авион и за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“, велат од СДСМ.
Економија
Трипуновски: Нема кратење на субвенциите, средствата ќе одат кај вистинските земјоделци
На владина седница е усвоена новата Програма за директни плаќања за 2026 година, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Како новина, односно како мала реформа, направено е минимално зголемување на површините што се услов за користење на субвенциите, со цел да ја зголемиме домашната продукција на храна“, истакна министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека сериозен акцент ќе биде ставен на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, со цел средствата да завршуваат кај вистинските земјоделци.
„Минатата година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство се ставени на располагање на Платежната агенција, за да се спречи одлевање на државни средства кај лица кои досега користеле субвенции, а не обработувале земјоделска површина“, појасни Трипуновски.
Според него, дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат преку предавање во преработувачки или откупувачки центри.
„Сето ова се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, додаде министерот.
Трипуновски ги отфрли обвинувањата од опозицијата, посочувајќи дека нема кратење на субвенциите, туку воведување дополнителни услови поврзани со реалното производство.
„Реформите што ги спроведуваме имаат цел да постават јасен правец на движење во наредниот период. Субвенциите треба да бидат насочени кон луѓето што навистина работат и произведуваат. Ова е чекор кон зголемување на домашното производство“, истакна министерот.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.

