Економија
(Видео) Костовски: Со новите мерки за компаниите се очекува намалување на цената на основните продукти од 10 отсто

Владата предводена од СДСМ и премиерот Димитар Ковачевски продолжуваат со вистинска грижа за граѓаните и стопанството во време на светска економска и енергетска криза. На вчерашната седница на Владата донесена е одлука за обезбедување поевтина електрична енергија за компаниите што произведуваат основни прехранбени производи, истакна на денешната прес-конференција Мартин Костовски, пратеник на СДСМ.
Тоа значи, додава Костовски, дека компаниите што произведуваат основни прехранбени производи, како масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, како и компании од месната и живинарската индустрија, ќе плаќаат електрична енергија по цена од 80 евра за мегават-час.
„Тоа е повеќе од двојно поевтино од редовната цена на пазарот за мегават-час. Со овие мерки компаниите, производители на основни прехранбени производи, ќе имаат предвидливост, стабилна и поевтина струја, што ќе влијае и врз стабилизирање на цените на финалните производи што се произведуваат и се продаваат од страна на овие компании. Со ваква цена на електричната енергија крајните цени треба да се намалат најмалку 10 отсто“, посочи Костовски.
Според него, тоа значи пониски цени за граѓаните, односно заштита на нивниот животен стандард и на куповната моќ.
„Ова е уште една во низата владини мерки за помош и поддршка на граѓаните и стопанството во време на најголема светска економска и енергетска криза. Со последните пакет-мерки вредни 360 милиони евра ги помагаме граѓаните и компаниите во надминување на последиците од кризата“, дополни Костовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Манасиевски: Македонија ќе стане транзитен центар за гас и нето извозник на струја

„Од држава што увезуваше струја и беше енергетски слепо црево, сега стануваме транзитен центар за гас и иднина на извоз на енергија – ова е енергетиката со ВМРО-ДПМНЕ,“ порача денеска Валентин Манасиевски.
Манасиевски го презентираше прегледот на првата година работа на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во секторот енергетика, потенцирајќи дека е направен радикален пресврт по, како што рече, „седум години застој и злоупотреби“.
Тој најави дека преку новите гасни интерконектори со Грција и Србија, Македонија ќе стане клучна транзитна точка за пренос на природен гас кон Србија и Средна Европа. Станува збор за гас од ТАП гасоводот и од терминалот во Александропулис, кој ќе поминува низ земјава со капацитет до 3 милијарди нормални метри кубни годишно.
„Ова значи гаранција за енергетска диверзификација на целиот регион и значително зголемување на употребата на неруски гас – американски, азербејџански и друг“, изјави Манасиевски.
„Само за една година поставивме темели за Македонија од нето увозник да стане нето извозник на електрична енергија. Следуваат големи проекти за производство на струја – фотоволтаици, хидро, ветро и нови инвестиции,“ рече Манасиевски.
Тој посочи дека новиот Закон за енергетика го поставува секторот на стабилни нозе, а новиот услов за батериски системи кај фотоволтаичните централи ќе овозможи поефикасна и стабилна мрежа.
Дополнително, тој информираше дека е инсталиран нов 400kV трансформатор во Битола 2, со што се гарантира стабилноста на југозападниот дел од државата. Концесискиот надомест за рудниците, пак, е зголемен два и пол пати, што директно го полни буџетот на државата.
„Одговорна власт значи повеќе пари за државата, не за партиски џебови“, истакна Манасиевски.
Економија
Трет ден хаос со „МојДДВ“, граѓаните револтирани, не можат да скенираат фискални сметки

Апликацијата „МојДДВ“ не функционира веќе трет ден, а револтирани граѓани масовно пријавуваат дека не можат да ги скенираат фискалните сметки и да го остварат своето право на поврат на ДДВ.
Проблемите со апликацијата започнаа уште пред неколку дена, а Управата за јавни приходи (УЈП) вчера официјално потврди дека станува збор за технички проблем и увери дека се работи на негово отстранување.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција“, велат од УЈП.
Од институцијата не прецизираат кога „МојДДВ“ ќе проработи, а засега корисниците се оставени да чекаат, со надеж дека нема да изгубат право на поврат на средства.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавуваат реакции од граѓани кои се жалат дека изгубиле време обидувајќи се безуспешно да ја користат апликацијата. Многумина бараат одговорност и транспарентност од институциите, но и посочуваат дека слични прекини во работата на апликацијата се случуваат сè почесто.
Економија
Скенирањето сметки на апликацијата „МојДДВ“ е со прекини, УЈП извести за технички проблеми

Управата за јавни приходи извести дека мобилната апликација „МојДДВ“ во моментов работи со прекини. Тимот на УЈП интензивно работи на отстранување на проблемот, со цел апликацијата да биде целосно функционална.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција. Ги молиме сите корисници за трпеливост и разбирање. Тимот на Управата за јавни приходи е целосно ангажиран и работи на надминување на техничките пречки“, соопшти Управата за јавни приходи.
Од таму не откриваат за какви технички проблеми се работи, ниту пак кога очекуваат да бидат надминати.