Економија
(Видео) Кузеска: Раст на извозот од 20,2 во првото полугодие, економијата е стабилна и ликвидна
Преку одговорни и навремени мерки и политики, Владата предводена од СДСМ успева и во време на светска економска криза да ја одржи стабилноста и ликвидноста на домашната економија. Показател за тоа се бројни економски параметри, изјави на денешната прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Таа додаде дека според податоците од Државниот завод за статистика, во првите шест месеци од годинава, извозот пораснал за 20,2 отсто во однос на истиот период од минатата година.Тоа е доказ дека македонската економија и стопанство се конкурентни и во време на светска енергетска и економска криза.
Кузеска истакна дека и во вакви услови платите продолжуваат да растат. Просечната плата за месец мај изнесува 31.407 денари што е за 9,4 повисока во однос на истиот месец од 2021 година.
Веќе од следниот месец следува раст на платите во образованието, детската заштита, во полицијата и одбраната.
Грижата за граѓаните и унапредување на нивниот економски стандард останува врвен приоритет за Владата и институциите предводени од СДСМ.
Продолжуваме со реализација на мерки и политики што ја помагаат домашната економија, овозможуваат нови работни места и раст на платите во сите секторе,изјави Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицепремиерите Стоилковиќ и Месаровиќ со заедничка посета на македонски компании во пресрет на утрешниот бизнис форум
Во пресрет на утрешниот македонско–српски бизнис форум, потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, и потпретседателката на Владата на Србија и министерка за економија, Адријана Месаровиќ, остварија заедничка посета на две успешни македонски компании – „Пекабеско“ и винаријата „Камник“.
Посетата, која се одржа со цел продлабочување на економската соработка и поддршка на бизнис-заедницата, претставува вовед во големиот македонско–српски бизнис форум што ќе се одржи утре во Скопје.
За време на посетата беа споделени информации за тековните производствени процеси, извозниот потенцијал и можностите за проширување на пласманот на регионалните пазари. Двајцата високи претставници истакнаа дека ваквите компании се пример за успешни деловни модели кои можат да придонесат за економско поврзување и зголемена конкурентност на целиот регион.
Во контекст на претстојниот форум, Стоилковиќ и Месаровиќ порачаа дека економската соработка меѓу двете земји е на постојан подем и дека постои јасна волја за нејзино дополнително унапредување.
Македонско–српскиот бизнис форум во Скопје на едно место ќе ги собере водечките компании, институции и инвеститори од двете земји, со цел создавање нови деловни можности и зајакнување на економските врски.
Пред почетокот на бизнис форумот Стоилковиќ и Месаровиќ ќе потпишат и Меморандум за разбирање за соработка меѓу Владата на Македонија и Владата на Србија.
Економија
Николоски: Вложуваме во модерни автопати да ја подигнеме безбедноста и да ги намалиме сообраќајните незгоди
Инвестираме огромни средства во изградба на модерни и безбедни автопати преку кои го подигнуваме нивото на безбедност во сообраќајот. Интензивно работиме на автопатите на коридор 8 и на коридор 10 д, а очекувам овој месец да избереме изведувач и за изградба на автопатот Кичево -Букојчани, изјави вицепремиерот Александар Николоски.
Тој потенцира дека е потребна координирана акција со МВР и другите надлежни институции со цел намалување на жртвите во сообраќајот, но најавжно е менување на свеста кај граѓаните за почитување на законите.
„Мора сите заеднички да работиме да се подобри црната статистика. Во соработка со МВР ќе работиме активно во следниот период на намалување на жртвите на патиштата. Пред се, многу значајно е да се изгради модерна инфраструктура во што многу вложуваме и таа да е добро испланирана. Најбезбедни се автопатиштата и тука многу вложуваме во изградба на автопати. Ја завршуваме изградбата на автопатот Кичево-Охрид, изградбата на автопатот Кичево -Букојчани за кој што очекувам да изберме Изведувач во овој месец. Понатаму интензивно се гради Букојчани – Гостивар или популарната Стража која се заобиколува, понатаму се гради Тетово-Гостивар кој што сите велевме дека е автопат а всушност е експресен пат. Работиме и на Прилеп-Битола како нов автопат, а веќе наоѓаме решенија и делот кој оди од Прилеп до Фариш, така да ова е голема активност која ја имаме и сериозно ќе придонесе во подобрување на безбедноста во сообраќајот. Секако тука се и магистралните и регионални патишта, тука се патиштата и во рамки на општините и затоа потребна е координирана активност која меѓуресорски и инстиуционално ја работиме со цел овие бројки да се подобруваат и најважно од се е да ја менуваме културата да се почитуваат правилата и законите”- изјави Николоски.
Економија
Божиновска: Општините добиваат конкретна поддршка за да реализираат повеќе енергетски проекти
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја започна националната серија работилници посветени на поддршка на општините во подготовката и реализацијата на што поголем број проекти за енергетска ефикасност. Овие обуки ќе се одржуваат во повеќе градови низ државата со цел да се зајакнат локалните капацитети и да се унапреди спроведувањето на европските стандарди во енергетското планирање.
Во рамки на оваа иницијатива денес во Скопје се одржа работилница за градење на капацитетите на општинската администрација за подготовка на програми за енергетска ефикасност. Настанот се реализира во склоп на проектот Поддршка на енергетските реформи во Република Северна Македонија, финансиран од Делегацијата на Европската Унија. Проектот има за цел воспоставување високо ниво на ефикасна енергетска политика, унапредување на правната рамка и поддршка на институциите во доследна примена и мониторинг на процесите поврзани со енергетската ефикасност.
Работилницата ја отвори министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која нагласи дека општините мора да се ангажираат и да реализираат мерки што носат реални заштеди и побрза модернизација на јавната инфраструктура.
„Локалните самоуправи мора да станат мотор на енергетската трансформација. Наша задача е да им дадеме алатки, насоки и поддршка за да можат да реализираат повеќе проекти, побрзо и поефикасно. Време е секоја општина да ги искористи можностите што ги нудат европските правила и современите модели на финансирање.“
На настанот присуствуваа претставници од општините во Скопскиот регион и од Град Скопје. Преку презентации, дискусии и практични вежби, учесниците добија детални насоки за подготовка на пограма за енергетска ефикасност, годишен план за спроведување, како и информации за механизми за финансирање и пристап до податоци неопходни за енергетско планирање. Особен фокус беа практичните сесии за работа со бази на податоци, идентификување мерки за енергетска ефикасност и користење стандардизирани обрасци и табели развиени во рамки на проектот.
Божиновска најави дека Министерството ќе продолжи со организирањето на вакви обуки во сите плански региони, со цел секоја општина во државата да добие професионална поддршка за подготовка квалитетни, реални и финансиски одржливи програми за енергетска ефикасност.

