Економија
(Видео) Недоречености во Законот за ДДВ за физички лица и граѓански асоцијации, потребна е јасна дефиниција што е стопанска дејност
Низа недоречености, како што е разликување на инцидентната добивка на правно лице што ќе го надмине прагот од 1 милион денари, потоа добивка од членување во надзорни одбори, остварување приходи преку експертиза а стекнати во културната дејност, социјалната заштита, образованието или работа со млади, се дел од дилемите што ги покажуваат резулатите од едногодишното истражување во рамки на проектот „Акција против данок плус“ спроведуван од Центарот за правни истражувања и анализи. Проектот е работен со поддршка и во соработка од Институтот за демократија „Социатас цивилис“ од Скопје, а со финансиска поддршка од Европската Унија.
Во фокусот на овој проект е обврската за регистрација на данок на додадена вредност од страна на физичките лица во државата чиј промет во текот на една календарска година надминува 1 милион денари.
Овој проект бил почнат поради големите негодувања во јавноста, па тимот од правни експерти направил детална анализа за да се идентификуваат импликациите од оданочувањето на физичките лица со ДДВ. Насоките што произлегле од истражувањето беа изнесени денеска во хотелот „Холидеј ин“.
Според Јане Димески од Институтот за демократија, бројките покажуваат дека секој граѓанин и досега издвојува доволно средства за данок по различни даночни основи, но општиот впечаток е дека не сме сигурни во влијанието на регулативата за користење на ресурсите од данокот.
„По различни основи, секој граѓанин издвојува прилично висока ставка на данок и придонесува за државната каса. Сепак, имаме впечаток дека постои голема несигурност околу тоа каде се трошат средствата и каков е бенефитот од очекуваните ресурси за граѓаните. Во овој домен ни е потребно влијание на регулативата и враќање на довербата“, смета Димески.
Според правниот истражувач Гоце Коцевски, има многу недоречености во оваа одлука и треба да се направат правни корекции.
„Потребни се јасни дефиниции за тоа што претставува стопанска дејност и дали секој приход што ќе го достигне прагот треба да биде подложен на ДДВ. На пример, оние средства стекнати од повремен приход, како што се консултантски услуги, членувања во надзорни одбори и слично, може да се сметаат за толку профитни и да бидат дополнително оданочени. За да нема дилеми за владеење на правото, треба да се допрецизира законот за ДДВ , во контекст на самостојност на стопанската дејнсот, видот на стопанската дејност, нејзината континуираност и да се специфира кои основи ќе влезат во опфатот на ДДВ. Нема дилема дека данокот треба да се применува, но мора да бидеме сигурни дека законските решенија се соодветни на владеење на правото за сите подеднакво“, истакна Коцевски.
Во однос на непрецизноста на законската и на подзаконската рамка во однос на дефинирање на поимите „даночен обврзник “ и „стопанска дејност“, во оваа анализа се поставуваат прашањата дали науката, културата, уметноста се исто така стопанска дејност.
„Стопанската дејност сама по себе бара перманентна и трајна основа, но има и други фактори што влијаат. Најлесно е со прометот на добра, но уште покоомплицирано е со промет на услуги. Оттука е многу важно како Управата го спроведува законот бидејќи во законот пишува дека за да биде стопанска дејност треба да има економски карактер, треба да има плаќање, значи да е под остварување профит, да се повторува делото, да биде планска активност итн. Значи треба да се земат сите елеманти, да се пресликаат во ситуација и конкретна ситуација да ја цени тој што е надлежен“, е забелешката од претставници на невладини организации.
Според правничката Елена Георгиевска, Министерството за финансии треба да се охрабри и да ги прифати заблешките на анализата за да нема во иднина бурни реакции во јавноста по ова прашање.
Во крајните заклучоци, правните експерти посочуваат дека е сосема разумно да се очекува дека физичките лица ќе го задржат износот на надоместокот ист за да го задржат интересот за нивно ангажирање, а ДДВ плаќаат од вкупниот износ со што даночниот товар ќе прејде на нив, а не на крајниот корисник, што е спротивно на целта на ДДВ.
„Земајќи ја предвид и обврската за плаќање персонален данок на доход, вкупниот даночен товар во овој случај може да достигне 26,2 отсто. За крај, право на одбивка на претходниот данок ќе биде речиси невозможно да се стекне поради спецификите на овие дејности, одноно нејасно е кои добра и услуги ќе се сметаат користени заради вршење на дејноста“, сметаат експертите.
Во јануари 2018 година Управата за јавни приходи објави информација со која ги повика сите физички лица кои вршат стопанска дејност оданочива за целите на данокот на додадена вредност и кои во 2017 година оствариле вкупен промет над 1 милион денари да поднесат пријава за регистрација на ДДВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.