Економија
(Видео) Почна изградбата на нова фабрика на турската компанија „Балканлар пластик“
Претседателот на Владата, Зоран Заев, заедно со вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за економија, Крешник Бектеши, и директорот на Дирекцијата на ТИР-зоните, Александар Младеновски, го означија почетокот на градба на новата фабрика на компанијата „Балканлар пластик“, со производство во Скопје ТИРЗ 1.
Заев образложи дека инвестицијата ќе биде во висина од 8 до 10 милиони евра и во првата фаза ќе има 80 нови вработувања со цел да достигнат 300 нови работни места во последната фаза.
„Оваа инвестиција доаѓа од земја што е еден од најголемите пријатели на Република Северна Македонија, а тоа е Република Турција. Сакам да ја искористам пригодата да му се заблагодарам на турскиот народ за ратификацијата на протоколот за наше членство во НАТО, кое беше пред неколку дена. Досега имаме 21 ратификација, со што станува извесно дека во декември Република Северна Македонија ќе стане членка на НАТО. Тоа истовремено значи мотивација и дополнителна позитивна провокација да привлечеме уште многу нови инвестиции, меѓу кои и инвестиции од Турција“, истакна премиерот Заев.
Премиерот посочи дека има евидентен пораст на странските директни инвестиции. Гринфилд-инвестициите пораснале 200 проценти за периодот од јуни 2018 до мај 2019 во споредба со истиот период претходно, што е нотирано во извештајот на „ФДИ маркетс“, специјален сервис на „Фајненшл тајмс“.
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, истакна дека производствениот погон на „Балканлар пластик“ е еден од триесетината инвестициски проекти што во моментот се реализираат во земјата, а преку кои се остваруваат плановите на Владата за силна индустријализација на земјата и се создаваат услови за побрз и одржлив раст на економијата.
„Минатата година од оваа земја забалежани се директни инвестиции во вредност од 36,2 милиони евра, а само во првиот квартал на 2019 година забележани се инвестиции од Турција во вредност од 16,3 милиони евра. Тоа значи дека инвестициите од Турција покажуваат тенденција на раст, со што очекуваме директните инвестиции од Република Турција оваа година да ги надминат ланските вредности. Инвестицијата на „Балканлар пластик“ се очекува да биде околу 7 милиони евра, каде што ќе се вработат околу 300 лица, а важно е што имаат планови да се развиваат и понатаму и да го шират производството во нашата земја. Владата ќе ги поддржува сите инвеститори, странски и домашни, да реализираат нови инвестции затоа што само преку индустријализација на државата може да обезбедиме одржлив раст на економијата на подолг рок. Да извезуваме производи, а не луѓе од државата“, потенцира вицепремиерот Анѓушев.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, посочи дека Бунарџик се менува во позитвна смисла на зборот, се градат нови фабрики и има постојан влез на нови странски директни инвестиции.
„Би сакал да напоменам дека создадовме сосема нова политика за привлекување странски инвестиции сè со цел да обезбедиме нови работни места, а со тоа да придонесеме и за економскиот раст на нашата држава. Освен поддршката што ја дава Владата на Република Северна Македонија, претприемачите се запознаени дека како предуслов истовремено е и политичката стабилност, но и владеењето на правото“, истакна Бектеши.
Директорот на Дирекцијата на ТИР-зоните, Александар Младеновски, посака успешна и навремена изградба на новата фабрика, која ќе произведува пластична амбалажа за повеќе индустрии и ќе отвори нови работни места за младите и со тоа успешно ќе придонесува во севкупниот економски раст и развој.
Менаџерот на „Балканлар пластик“, Ерен Чалишир, се заблагодари на добрата соработка со институциите и Дирекцијата на ТИР-зоните во реализацијата на инвестицискиот проект на компанијата и рече дека оваа нова фабрика ќе донесе нова вредност во економскиот развој на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

