Економија
(Видео) Талески: Со ,,Акција 21″ следуваат засилени инвестиции во енергетиката

„Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев продолжува со сериозни инвестиции во енергетиката, што е еден од приоритетите во рамката „Акција 21“.Со инвестиција од околу 60 милиони евра, се очекува оваа година да се реализира проектот со кој термоелектраната Осломеј ќе се замени со фотонапонска електрана“, изјави Миле Талески, пратеник на СДСМ.
На местото на стариот рудник во РЕК Осломеј се градат капацитети за 10 мегавати, а ќе се изградат уште две фотонапонски електрани од по 50 мегавати.АД ТЕЦ Неготино распиша оглас за изработка на Физибилити студија и веќе во првата половина од годинава ќе се оцени дали ќе се гради нова гасна електрана на истата локација по моделот на јавно приватно партнерство или АД ТЕЦ Неготино ќе се продава.Можната инвестиција е од 200 до 500 милиони евра за нови стотина мегавати еколошки чиста енергија.
„Во минатата, 2020 година успешно беа реализирани и првите постапки за доделување на премиум тарифи за изградба на фотонапонски електрани во вкупен инсталиран капацитет од 62,5 мегавати, од кои веќе неколку се пуштени во употреба.
Во првиот квартал од 2021 ќе биде објавен нов тендер за дополнителни 60 мегавати фотонапонски електрани по истиот принцип, а инвестицијата е проценета на над 35 милиони евра.Во текот на 2021 ќе започне изградбата на втората фаза од ветерниот парк Богданци 2, инвестиција од 21 милион евра. Ветерни паркови ќе се градат и во Свети Николе, Демир Капија и Дебрца.Во процесот на градење нова македонска енергетика, важна улога има и процесот на гасификација.
Оваа година офцијално започнува изградбата на гасовод помеѓу Северна Македонија и Грција со кој ќе се обезбедат дополнителни количини на природен гас. Инвестицијата само за интерконекторот со Грција е проценета на 50 милиони евра, од кои 10 милиони се грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан.Во фаза на проектирање е гасоводна врска со Косово и со овие два проекта, Северна Македонија ќе биде транзитна држава со природен гас, а истовремено продолжува изградбата на магистралните гасоводи низ целата држава.Инвестициите во енергетиката значат развој, помали трошоци за сите, но и поквалитетна животна средина.Владата предводена од СДСМ останува посветена на развој и унапредување на енергетскиот сектор со што европските стандарди ги носиме дома и продолжуваме да реализираме мерки и политики кои од Енергетската заедница се препознанени како шампионски“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска на средба со Плаколм и раководството на ЕВН Македонија: Компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност и дигитализација на енергетскиот систем

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Плаколм, и со раководството на ЕВН Македонија, во рамки на работната посета што австриската делегација ја реализираше во земјава.
На средбата присуствуваше и Мартин Памер, амбасадор на Република Австрија во Република Македонија, заедно со претставници од австриската амбасада.
Фокусот на разговорите беше насочен кон успешната соработка меѓу Министерството за енергетика и компанијата ЕВН Македонија, како пример за одговорно и партнерско делување меѓу државата и енергетскиот сектор.
Божиновска истакна дека ЕВН Македонија е значаен партнер во енергетската транзиција на земјата, посочувајќи дека примерот на компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност, модернизација и дигитализација на енергетскиот систем.
„ЕВН Македонија е пример како странски инвеститор може да соработува со државните институции на начин што создава додадена вредност – не само за економијата, туку и за општеството“, нагласи Божиновска.
Во рамки на посетата, делегацијата имаше можност да се запознае со технолошките и организациските достигнувања на компанијата, меѓу кои и современиот диспечерски центар за дигитално управување со дистрибутивната мрежа на национално ниво.
Австриската министерка Клаудија Плаколм изрази задоволство од постигнатото ниво на енергетска соработка меѓу двете земји и од синергијата меѓу јавниот и приватниот сектор во Северна Македонија, истакнувајќи дека таа соработка е позитивен пример за поширокиот регион.
Двете министерки потврдија дека постои заеднички интерес за продолжување на размената на искуства и добри практики, со фокус на одржлив енергетски развој и зелена транзиција.
Економија
Божиновска се сретна со британскиот амбасадор: се разговараше за можностите за размена на искуства во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со британскиот амбасадор Н.Е. Метју Лосон.
На состанокот присуствуваа и Никола Стојаноски, директор за меѓународна трговија и инвестиции во Амбасадата на Обединетото Кралство, како и претставници на меѓународната компанија „Англо Американ“, една од водечките светски корпорации во областа на рударството и металургијата.
Средбата се одржа во духот на континуирана и конструктивна соработка меѓу Македонија и Обединетото Кралство во областа на енергетиката и рударството. Разговарано беше за актуелните активности на Министерството и можностите за размена на искуства и добри практики во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција.
Министерката Божиновска ја истакна одличната соработка со британската амбасада, која, како што нагласи, претставува значаен партнер во процесите на развој на енергетските политики, унапредување на регулативата и поттикнување на одржливи практики во секторот.
Амбасадорот Лосон и претставниците на „Англо Американ“ ја поздравија досегашната соработка со Министерството, изразувајќи интерес за понатамошен институционален дијалог и заеднички иницијативи во насока на зајакнување на билатералните односи.
Економија
Божиновска на 13. Советување на МАКО СИГРЕ: AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес го отвори 13. Советување на МАКО СИГРЕ, клучен настан за електроенергетскиот сектор во земјава, кој го собира академскиот и индустрискиот кадар за размена на идеи, иновации и практични решенија.
Божиновска го отвори советувањето како претседател на почесниот одбор. Во своето обраќање, министерката нагласи дека советувањето е место каде се дебатираат најновите реформи и достигнувања во енергетиката.
Божиновска посочи дека, и покрај растечката улога на вештачката интелигенција во анализи и симулации, ништо не може да го замени човечкиот потенцијал и знаењето на професионалците.
„AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите кои го обликуваат секој аспект од енергетскиот сектор“, нагласи Божиновска.
Посебен акцент беше ставен на младите инженери и студенти, како иднина на секторот: „Вашата енергија и ангажман се основа на долгорочниот развој на енергетиката“, истакна Божиновска.