Економија
(Видео) Трипуновски: Земјоделците не ги берат праските зошто немаат каде да ги продадат
Денеска сум во посета на Росоман и на околината на Росоман на барање на земјоделците. Согласно нашите реакции како партија во изминатите денови каде што алармиравме и предупредувавме на алармантната состојба која што ќе се случи со откупот на праската, рече Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Денеска сум тука помеѓу земјоделците директно на терен и она што можам да го видам е дека навистина е ситуацијата алармантна. Земјоделците не само што немаат каде да го продадат родот, едноставно не ги ни берат праските. Праските како што сами гледате се на своите дрва, стојат неберени бидејќи нема пласман. Земјоделците, трудот кој што треба да го вложат за берба, транспорт, за амбалажа итн. едноставно е неисплатлив.
Родот стои на дрва, а земјоделците се во една очајна ситуација. Ние неколку пати како партија ги повикувавме надлежното министерство и премиерот Зоран Заев, кои што само да потсетиме во 2016 година одеше низ Македонија и ветуваше загарантиран откуп, повисоки откупни цени итн.
Меѓутоа ова со праските што се случува сега не е за прв пат. Се случуваше и минатата година, се случуваше и 2017-та година. Практично со доаѓањето на СДСМ на власт животот кој што го ветуваа донесоа неживот за земјоделците.
Живот можеби донесоа за фирмите на Вице Заев и марихуаната, меѓутоа за земјоделците не донесоа. Она што за денеска прв пат го сретнав е тоа што на земјоделците им се дава откупни белешки на кои што нема цена. Јас имам една таква каде што стои името и презимето на земјоделецот, количината но меѓутоа цена нема.
Ова е уште една манипулација со трудот на земјоделците. Ги повикувам уште еднаш Зоран Заев, министерот Николовски кој што само за Зоран Заев е успешен министер да конечно се охрабрат и излезат помеѓу земјоделците. Да дата инпут, да дадат помош бидејќи овие луѓе се навистина на работ на егзистенцијата веќе трета година по ред.
Сведоци бевме пред неколку дена каде што самите земјоделци ги сечеа родните дрва. Во една хаотична ситуација, во безидејна ситуација се доведени на работ на егзистенцијата, исто така ги повикуваме сите институции како што е државниот земјоделски инспекторат да излезат од удобните канцеларии и од скапите автомобили да дојдат помеѓу луѓето и да го спроведат законот на дело.
Затоа што земјоделците се оставени сами на себе. Нема кој да ги заштити. Министерот се шета низ светските дестинации на државен трошок, Зоран Заев се шета на црвените килими по светските дестинации, а земјоделците се оставени сами на себе.
Ја користам оваа прилика уште еднаш да ги повикам да излезат на терен ако не нека ди дадат оставка, нека ги отстапат институциите на луѓе што се желни за работа, кои што имаат стратегија и визија.
ВМРО-ДПМНЕ во минатото покажа каков однос треба да се има кон македонскиот земјоделец. Да ние имаме и стратегија која што ќе ја практицираме кога ќе ја формираме новата влада.
ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира многу скоро новата Влада и ќе покажеме како навистина треба да се делува, и да се грижиме за македонскиот земјоделец“ порача Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.