Економија
(Видео) Трипуновски: Неодговорната власт чекаше една недела од влезот на заразеното месо во државата за да земе мостри од истото

Неодговорното однесување на власта го доведува во прашање здравјето на граѓаните и безбедноста на сточниот фонд во Република Македонија, обвини Цветан Трипуновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, две недели поминаа откако во државата е утврдено присуство на болеста Африканска свинска чума во увезено свинско месо, а граѓаните, како што рече, сè уште не знаат дали е преземено сè што е потребно за да се превенира ширење на ова заразно заболување.
„Неодговорната власт предводена од СДСМ, и АХВ раководена од Зоран Атанасов, кадар на Зоран Заев, нестручно и крајно несериозно чекале една недела од влезот на заразеното месо во државата за да земат мостри од истото.
Дали заразеното месо дошло во контакт со други пратки кои биле во складиштето!? Колку уште случаи на африканска свинска чума ќе излезат во јавност како последица на неодговорноста на власта!?
Зоран Заев и Зоран Атанасов мора да дадат одговори до каде е истрагата за потеклото на увезеното месо и дали се преземени сите неопходни мерки за да се спречи ширењето на вирусот на африканска чума кај свињите во Македонија?
Власта мора да одговори дали за да овозможи нечии милионски бизниси го доведува здравјето на граѓаните и безбедноста на сточниот фонд во опасност!?
Неодговорниот однос при пристапот со африканската свинска чума во период кога истата беснее на секаде во регионот и е потенцијална опасност за влез и ширење на болеста во Република Македонија, со што директно се загрозува свињарството и производството на домашно свинско месо е недопустлив.
Зоран Заев и Зоран Атанасов се на чекор да направат 100 милиони евра штета врз домашното стопанство. Апелирам во овие неколку месеци кои им остануваат како власт да не прават непромислени чекори. Земјоделството не може да издржи уште една катастрофа“, истакна Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
ММФ оценува дека Народната банка успешно се справила со кризата

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во завршниот исказ на редовната мисија според член IV од договорот за членство, искажува поддршка за успешната политика на Народната банка во изминатиот период и справувањето со предизвиците во економското окружување. Во најновата процена, ММФ ја нагласува важноста на оперативната и функционалната самостојност на Народната банка, истакнувајќи дека нејзината независност и кредибилитет се од особена важност за одржувањето на ценовната стабилност и стабилноста на денарот. Фондот заклучува дека солидниот раст на девизните резерви во 2024 година ја зајакна стабилноста на девизниот пазар, додека макро и микропрудентните мерки преземени од Народната банка придонесоа за натамошно јакнење на отпорноста на финансискиот систем.
Во актуелниот економски контекст, ММФ нагласува дека е важно Народната банка, како и досега, да продолжи со внимателното следење на движењата на инфлацијата и финансиските текови и да ги формулира политиките соодветно на тоа, заради одржување на макроекономската стабилност. ММФ потенцира на внимателност во однос на инфлациските ризици и нивното евентуално остварување, вклучително и на оние што произлегуваат од домашните фактори коишто влијаат на побарувачката, што може да наметне потреба од натамошни мерки.
ММФ заклучува дека финансискиот систем и натаму е стабилен и отпорен, при што банкарскиот сектор е добро капитализиран, ликвиден и профитабилен. Народната банка ќе продолжи со примената на макропрудентните мерки, заради одржување на стабилноста на финансискиот систем и заштита од потенцијалните ризици. ММФ ја поддржува оваа стратегија и ја нагласува нејзината важност во обезбедувањето долгорочна финансиска сигурност.
Економија
(Видео) Филипче: Буџетскиот дефицит изнесува рекордни 7,8 милијарди денари

Македонската економија се движи во погрешна насока, наместо напредок, сведоци сме на продлабочување на кризата, неконтролирано трошење, пад на инвестициите и намалување на животниот стандард, посочи претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче на денешната прес-конференција.
Во однос на економските параметри, Филипче потенцираше дека бројките покажуваат негативни резултати што е последица на погрешните владини економски политики. Намалување е регистрирано кај капиталните инвестиции и индустриското производство, кои треба да бидат двигатели на економскиот раст.
„Во првите два месеци од 2025 година, реализацијата на капиталните инвестиции е само 2,43%. За споредба, во истиот период минатата година биле реализирани 12,1%, Сега, инвестициите во инфраструктура и економски развој се целосно запрени. Без капитални инвестиции, нема економски раст. Владата очигледно нема капацитет да исполни ниту едно ветување за модернизација и развој, иако ова им беше една од главните пораки. Индустриското производство опаѓа веќе четири месеци јасен индикатор дека стопанството слабее. Во декември 2024 година падот изнесувал 1,4%, во ноември 3,5%, во октомври 1,1%, а во септември цели 7,9%. Без силна индустрија, нема економски раст и развој“, рече Филипче.
Наспроти падот на капиталните инвестиции и индустриското производство, се продлабочува буџетскиот дефицит, што ќе придонесе за раст на ионака зголемениот јавен долг.
„Во првите два месеци од 2025 година, буџетскиот дефицит изнесува рекордни 7,8 милијарди денари. Државата троши многу повеќе отколку што прибира. Владата создава опасен јаз помеѓу приходите и расходите, кој ќе мора да се покрива со нови долгови. Ова е рецепт за финансиски колапс. Во тој контекст логично е што расте и јавниот долг и сега е над 70% од БДП. Владата избегнува да ги објави точните бројки. Државниот бројчаник не работи, а Министерството за финансии молчи. Граѓаните имаат право да знаат колку навистина должиме а и кои се плановите за враќање на тие долгови“, рече Филипче.
При тоа, Филипче потенцираше дека додека економијата се движи во погрешна насока, македонските компании се уште ја чекаат поддршката од унгарскиот кредит од 250 милиони евра. Останува непознато како што кажа Филипче дали овие средства ќе стигнат до економијата или ќе завршат во нетранспарентни зделки, а недостигот на информации создава сериозен сомнеж за начините на трошење на јавните средства.
Daily news
Бислимовски – Лорковски: Реформите во енергетиката мора да продолжат

Претседателот Марко Бислимовски, заедно со членовите и раководителите на секторите на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) остварија средба со Артур Лорковски, директорот на Енергетската заедница.
Реформите во енергетиката мора да продолжат, континуитетот е клучен – фокусот да се задржи на активностите поврзани со интегрирање на пазарите за електрична енергија, нивна транспарентност и интегритет, како и неопходните реформи на пазарот со природен гас, што ќе обезбедат фер пристап за сите учесници, согласно новите европски мрежни правила – се сложија соговорниците.
Претседателот Бислимоски му се заблагодари на директорот Лорковски за позитивниот наратив за работата на РКЕ при презентацијата на Извештајот за имплементација на законодавството на Енергетската Заедница за 2024 година за државава во Собранието.
„Во очекување на новиот Закон за енергетика, РКЕ во соработка со Министерството за енергетика континуирано работи на подготовка за имплементација на новиот енергетски пакет. Интегрираниот пристап помеѓу сите чинители досега покажа дека е клучен за квалитетна и успешна регулатива, која ќе биде основа за развој на енергетските пазари . Капацитетите со кои располагаме, професионалниот тим кој се гради со години наназад и овој пат може да одговори на сите предизвици кои претстојат. “ изјава Марко Бислимоски, претседател на РКЕ
Лорковски посочи дека Енергетска Заедница ќе остане партнер во понатамошните процеси и дека стојат на располагање за поддршка во делот на креирање на подзаконските акти, откако ќе се донесе новиот закон за енергетика. Процесот на транспонирање на ЕУ правилата е клучно за да осигура работата на РКЕ за стратешките прашања поврзани со обезбедување на сигурна, стабилна и континуирана испорака на енергија.