Економија
(Видео) Трипуновски: СДС, Ковачевски и Николовски целосно го уништија земјоделството
Земјоделството никогаш не било полошо како во изминатите седум години. Седум години земјоделците се целосно заборавени од Владата на СДС, Димитар Ковачевски и Љупчо Николовски. Се сменија тројца министри и секој најавува подобрување на земјоделството, но резултати до ден-денес нема“, рече Цветан Трипуновски, претседател на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ.
„Земјоделците едвај преживуваат, а повеќето од нив веќе ги напуштаат нивите бидејќи не само што трудот и маката им се невреднувани туку и се потценети.
Најдобар показател дека ситуацијата во земјоделството изминативе години е катастрофална покажаа протестите на земјоделците во Република Македонија, кои бараа помош од Владата на СДС и од Николовски. И, наместо помош, добија обвинувања дека протестите биле партиски и дека некој ги користи за политички поени.
СДС, Николовски и Ковачевски, наместо вината да ја бараат во себе за хаосот и пустошот во земјоделството, ги потценуваат земјоделците, кои со својата чесна работа заработуваат за себе и за своите семејства за да ги прехранат.
Од седумгодишното владеење на СДС, Ковачевски и Николовски ситуацијата во земјоделството е следна: ненавремена исплата на субвенциите и намалување на субвенциите; несигурен пласман и ниски цени за земјоделските производи во сите земјоделски гранки; проблеми со наводнување на земјоделските површини; нерамноправна распределба на земјоделското земјиште, односно наместо земјоделците да го добијат земјоделското земјиште, тоа завршува кај лица блиски до Николовски и до власта. Македонија стана увозно зависна од храна, која моли и купува храна од соседните земји, а граѓаните јадат небезбедна храна со потврдено присуство на пестициди; ненавремено справување со африканската свинска чума; граѓаните плаќаат скапо огревно дрво, а тендери за преработка на опожарените дрва земаат блиски фирми до власта и Николовски;
Николовски потпишуваше договори за доделување земјоделско земјиште по багателни цени; криминал и злоупотребување со ИПАРД-фондовите; унапредување партиски лица блиски до Николовски и вработување кадри на СДС.
На само еден месец пред гласањето на техничка влада, СДС и Ковачевски сакаат да си го озаконат предизборниот поткуп и преку таканаречениот антикризен пакет, само на неколку земјоделци ќе им дават по 1.000 денари, и тоа сѐ до завршување на изборите.
Седум години ги заборавија, а сега на само неколку месеци пред избори ќе им делат по 1.000 денари.
Нивните 1.000 денари нема да им помогнат не само на земјоделците туку и на граѓаните нема да им помогнат. Земјоделците не бараат милост, туку бараат достоинтсвени цени за земјоделските производи што ги произведуваат.
Им порачуваме дека нивните нечесни и дволични игри се препознаени од земјоделците. СДС веќе нема поддршка од граѓаните и тоа е јасно.
Со еден збор, во земјоделството никогаш не било полошо. Но, важно е на парламентарните избори да ги поразиме.
ВМРО-ДПМНЕ има план, визија, стратегија и проекти за земјоделците и ќе почне со реализација веднаш по формирањето на идната влада.
Време е за промени. Време е да се стави крај на поразителните политики на Владата на СДС, Ковачевски и Николовски“, изјави Цветан Трипуновски, претседател на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

