Економија
Вижн дајнамикс со тродимензионално мапирање со дрон
Автономната навигација на дрон за креирање тридимензионални мапи е новиот предизвик на спин-оф компанијата Вижн дајнамикс (Vison Dynamix), која почна да работи на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Компанијата е формирана од професори и студенти на Факултетот, врз база на магистерска работа која предвидува ЗД мапирањето со употреба на СЛАМ алгоритам да се развие во комерцијален производ. Крајниот продукт би бил комплетно хардверско и софтверско решение кое најголема примена би имало во геодезијата, катастарот, градежништвото, но и во имплементација на системи за автоматска навигација и управување.
„Отсекогаш ме интересираше авијацијата и затоа ја избрав оваа област како најблиска до мојата пасија. Продуктот кој што го развиваме претставува систем за 3Д мапирање на простор во реално време. Ваков продукт моментално не е присутен на пазарот во светот. Идејата е со користење на најсовремени алгоритми за симултано локализирање и мапирање, да направиме систем кој во реално време ќе креира тродимензионална мапа на околината со употреба на повеќе сензори и компјутер на самото летало”, објаснува магистер Душко Муртовски, ко-сопственик и проект менаџер во компанијата.
Со магистерската теза се покажало дека е можно да се развие целосен систем за реалновременско 3Д мапирање реализиран на беспилотно летало. На развојот на овој производ покрај сопствениците на компанијата ќе работат и тројца студенти кои се очекува да дипломираат во наредните месеци.
„Ова, за мене како професор, е сериозен предизвик, кој заедно со колегите, ќе го реализираме. Нашиот продукт е иновативен. Младите се занимаваат со сериозни модерни ангажмани, а во исто време, ќе продолжат со својата доедукација на магистерски или докторски студии во рамки на компанијата. Ова е еден од најдобрите начини за нивно задржување во Македонија. Доколку на факултетите се отворат што поголем број на вакви компании и тие ангажираат млади инженери бројот на младите кои одат во странство исклучително ќе се намали“, вели Миле Станковски, професор на ФЕИТ.
Компанијата Вижн дајнамикс доби целосна поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој.
„Фондот е државна институција која обезбедува финансиска поддршка на македонските претпријатија со цел да спроведат активности за истражување, развој на иновативни решенија и нивно пласирање на пазарот. Досега, Фондот поддржа 37 претпријатија со вкупен износ од 1.5 милиони евра. На последниот повик беше избран за финансирање и проектот на Вижн Дајнамикс, кое работи на развивање и продажба на нова посовремена и попрецизна технологија и давање значително подобрена услуга во областа на градежништвото и геодетскиот сектор. Особено значајно е тоа што компанијата е едно од ретките спин оф претпријатија кои произлегуваат од универзитетите, односно чие иновативно решение потекнува од научно-истражувачка работа на магистранти и професори на ФЕИТ. Ваквите претпријатија се особено значајни бидејќи го пренесуваат знаењето од високо-образовните и научно-истражувачки институции во Македонија во приватниот сектор и овозможуваат негова комерцијализација. Се надеваме дека и други тимови од студенти и професори од факултетите ќе ги искористат можностите за финансирање до 100.000 евра по проект кои ги нуди Фондот на најновиот повик и ќе започнат сопствен бизнис чија конкурентска предност ќе се потпира токму на креативноста на тимот. Со ова на најдобрите студенти им даваме можност да ги комерцијализираат нивните истражувања и да се вработат по студиите“, објаснува Јасмина Поповска од Фондот за иновации и технолошки развој.
Компанијата ја има целосната поддршка од Факултетот за електротехника и информациски технологии, којшто ја негува науката и во голема мерка ги развива и претприемачките способности на своите студенти. Потврда за тоа е и фактот што повеќе од половина досегашните грантови за финансирање на старт ап и спин оф компании од Фондот за иновации и технолоќки развој ги добиваат сегашни и поранешни студенти на ФЕИТ. При последното доделување на грантови за развој на нови компании, два од четирите гранта се на компании поврзани со ФЕИТ.
Една од најчесто спомнуваните компании за автономна навигација е Google со нејзиното автономно возило, потоа компанијата Tesla која произведува електрични автомобили со автопилот за самостојна навигација и избегнување на препреки. Освен нив, слични решенија развиваат и голем број стартап компании од целиот свет./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Мицкоски: 17 нови проекти вредни 650 милиони евра ќе донесат до 5.000 работни места
Премиерот Мицкоски денеска изјави дека во моментов се во почетна фаза на реализација или во фаза на потпишување договори за државна помош се околу 17 проекти, со вкупна вредност од над 650 милиони евра. Очекува дека овие проекти ќе обезбедат помеѓу 4.500 и 5.000 нови директни работни места, а најголемиот дел од нив годинава ќе започнат со производство, што ќе ја зголеми и вредноста на бруто-домашниот производ.
„Во овој момент работиме на овие 17 проекти само преку ТИРЗ, а има и проекти кои што ги работиме а кои што се надвор од ТИРЗ, како што е инвестицијата на Алказар во Источна Македонија, која што е во фаза на одобрение за градба. Очекувам некаде на пролет и на терен да започне реализирањето на оваа инвестиција, која што е во вредност од половина милијарда долари“, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека земјоделството доживува позитивен пресврт и станува сериозен економски столб. Во четвртиот квартал од минатата година извозот на земјоделски производи бил повеќе од двојно поголем од увозот, со износ од околу 12,5 милијарди денари, додека за целата година извозот достигнал над 450 милиони евра, во споредба со околу 200 милиони увоз.
Премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува вистинските земјоделци и дека новата програма ќе ја насочи поддршката кон оние кои реално произведуваат и придонесуваат, додека ќе се спречи злоупотреба на субвенциите.
Економија
(Фото+видео) Николоски: Со одлична динамика се гради автопатот Гостивар – Букојчани
Задоволство е да се гледа прогрес и да се гледааат добри резултати во изградбата на автопатот Гостивар – Букојчани. Имаме силна динамика, државата овозможува навремена логистика и со средства и во делот на експропријацијата и силната динамика ќе продолжи во следниот период за до крајот на 2029 година да возиме по овој автопат, изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој денеска заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, времениот вршител на работите во Амбасадата на САД, Никол Варнс, заменици министри, пратеници, градоначалници и директорот на ЈПДП Коце Трајановски извршија увид во изградбата на автопатот Гостивар-Букојчани.

„Работиме доста интензивно на оваа секција 2, односно на автопатот кој што оди од Гостивар до Букојчани, кој што од другата страна треба да се поврзе на автопатот Гостивар до Тетово, а во долната страна треба да се поврзе со автопатот кој ќе се гради од Букојчани до Кичево. Оттаму се поврзуваме на автопатот до Охрид и Струга кој веќе е во прогрес, така што ова е целиот автопат кој што оди на западното крило на Коридор 8, автопат кој што треба да го поврзе целиот овој регион, да донесе голем економски бенефит, повеќе бизнис и многу повеќе туристи” изјави вицепремиерот Николоски.



Тој истакна дека експропријацијата е завршена речиси 90 % што е за успех, а финансирањето е навремено што директно значи и навремена реализација на овој проект. Дополнително како што потенцира, градежништвото има историски раст од 21 %.
„Она што ми е драго е тоа што градежништвото расте, во третиот квартал минатата година растот беше од 21 %, што не е запаметено во независна Македонија и така ќе продолжиме во периодот што е пред нас. Обврските што ги имаше државата се веќе завршени, околу 90 % од експропријацијата е завршена, до сега исплатени се околу 470 милиони евра што за буџет како Македонија е огромна сума. Исто така целата логистика државата ја дава и останува компаниите да си ја завршат работата. Драго ми е што стоиме на мост што е 40 метри висок, ова е добро за македонските градежни компании и оние што ќе се занимаваат со градежништво во иднина, тука се вклучени Градежниот факултет, Архитектонскиот факултет и следните генерации да можат на конкретни и живи проекти да учат” истакна Николоски.


Упати благодарност до премиерот Мицкоски за подршката што ја дава за овој проект и најави силна динамика и крајот на 2029 година да биде завршен овој автопат без отстапки од рокот. Додаде дека интензивно се работи и на автопатите од Тетово до Гостивар како и автопатот од Прилеп до Битола.
Економија
Божиновска во теренска посета на „Мермерен Комбинат Прилеп“: Македонските ресурси мора да создаваат поголема додадена вредност дома
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека министерката Сања Божиновска реализирала теренска посета на рудниците и производствените капацитети на „Мермерен Комбинат АД Прилеп“.
Според соопштението на Министерството, Божиновска извршила непосреден увид во процесот на експлоатација на мермерот, условите за работа, механизацијата и технолошките процеси на комбинатот.
Раководството на компанијата ја информирало министерката за тековните инвестиции во модернизација на механизацијата, безбедноста при работа и мерките за рационално искористување на природните ресурси, со посебен акцент на одржливото користење на наоѓалиштето и заштита на животната средина.

Во соопштението се наведува дека на средбата се разговарало и за почитувањето на еколошките стандарди и обврските од концесиските договори, безбедносните услови за вработените, придонесот на компанијата кон локалната економија и можностите за зголемување на додадената вредност преку финална обработка на производите.

Божиновска истакнала дека теренските посети се клучни за реален увид во функционирањето на секторот и за креирање политики базирани на фактичка состојба.
„Природните ресурси се национален капитал и нивната експлоатација мора да значи поголема економска корист за државата и граѓаните. Наш приоритет е природните ресурси да носат долгорочна корист — преку инвестиции, нови технологии, безбедни работни услови и поголем степен на финална обработка. Рударството има силна економска улога, но неговиот развој мора да биде одговорен, транспарентен и во согласност со највисоките стандарди Нашата цел е јасна — модерно, одговорно и конкурентно рударство кое создава вредност дома, отвора работни места и обезбедува одржлив развој. Компаниите кои инвестираат во технологија, безбедност и заштита на животната средина се важен партнер во економскиот развој“, се наведува во соопштението.
Министерството додава дека посетата е дел од пошироките активности насочени кон засилено присуство на терен, подобра комуникација со индустријата и унапредување на надзорот и одржливото управување со минералните ресурси.

