Економија
Вицегувернерката Митреска на форумот за Берлинскиот процес: Имаме висока усогласеност за интеграција во европската платна инфраструктура
Намалување на трошоците и подобрување на ефикасноста на плаќањата, олеснување на прекуграничната трговија и инвестициите, се само дел од многукратните придобивки од Единствената европска платежна област (СЕПА). Оттаму, од висок интерес за земјите од регионот на Западен Балкан е приклучувањето кон СЕПА и поврзувањето со платежната инфраструктура на Европската централна банка, а поврзувањето на регионалните платни системи со примена на европските стандарди и регулаторни барања и размената на искуства е значаен чекор напред кон остварување на овие цели. Ова беа главните пораки на панел-дискусијата посветена на „Интеграцијата на регионалните платни системи за олеснување на трговијата и подготовка на земјите од Западен Балкан за евентуална интеграција во еврозоната“ во рамките на форумот на економските министри за Берлинскиот процес, кој се одржа во Тирана, Албанија, каде што учество зедоа вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, и вицегувернерот Фадил Бајрами, извести Народната банка.
Вицегувернерката Митреска истакна дека нашата земја претендира на интеграција на платните системи во европската платна инфраструктура поради што е спроведен и проектот за модернизација на платните системи на Западен Балкан, под покровителство на Европската комисија, поддржан од Светската банка. Вицегувернерката појасни дека транспонирањето на европското законодавство за платните системи е во релативно напредна фаза, што се должи на новата законска рамка, Законот за платежните услуги и платните системи, како и на сетот од 26 подзаконски акти, со кои се обезбедува спроведувањето на законот, усвоени од Народната банка.
Притоа додаде дека во претстојниот период треба да се пренесат и други прописи што се однесуваат на СЕПА и прекуграничните плаќања. Покрај законските, потребни се и технички усогласувања на платните системи во земјата со стандардите што се практикуваат од СЕПА поради што Народната банка, банките, како и операторите на платните системи, се фокусирани на нивно спроведување до крајот на 2025 година. „Имајќи ја предвид комплексноста на овој процес, потребна е координација со другите централни банки во регионот на Западен Балкан, размена на знаењата и засилување на комуникацијата со релевантните институции во ЕУ, со цел да ги премостиме законските и техничките јазови додека се подготвуваме за апликација во СЕПА“, посочи вицегувернерката, соопшти НБ.
На панел-дискусијата, на која зборуваше вицегувернерката Митреска, учествуваа и гувернерот на централната банка на Албанија, Гент Сејко, и гувернерот на Косово, Ахмет Исмаили, и вицегувернерките Ернадина Бајровиќ и Зорица Калезиќ, како претставнички на централните банки на БиХ, односно на Црна Гора.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

