Економија
Вицегувернерката Нацевска: Кога плаќањата се извршуваат без напор, економијата расте со доверба
„Единствената област за плаќања во евра, СЕПА, веќе е дел од нашата реалност. Тоа не е само симбол, туку и услуга. Преку пониските трошоци, брзината и едноставниот сет информации потребен за извршување на плаќањето, граѓаните и компаниите од нашата земја веќе ги чувствуваат придобивките кога испраќаат пари или кога плаќаат снабдувачи во странство или, пак, кога примаат дознаки од странство“, порача вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, во завршното обраќање на 16. конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, одржана под наслов „Преповрзување на плаќањата во дигиталната ера“.
Вицегувернерката истакна дека следниот приоритет е развивањето и воведувањето инстант плаќања, како нова навика, а не само можност. „Целта е практична – да можете да платите и да ви биде платено за неколку секунди, во секое време (24/7/365), преку безбеден систем и со сигурно порамнување преку централната банка“, рече Нацевска, додавајќи дека меѓусебното поврзување на платните системи на земјите од Западен Балкан, како и со европскиот ТИПС ќе придонесе за побрза економска интеграција на регионот во Европската Унија.
Покрај СЕПА и инстант плаќањата, во фокусот на Конференцијата беа и отпорноста и довербата во платните системи, како предуслов за стабилност, којашто е неопходна за непречено функционирање на економијата. Нацевска истакна дека размената на искуства, тестирањето и координираното реагирање при инциденти се клучот за одржувањето на довербата на јавноста.
Посебно внимание ѝ беше посветено на улогата на финтек-компаниите и на небанкарските даватели на платежни услуги, коишто веќе се рамноправен дел од системот. „Тие носат брзина, практичност и конкуренција, но со тоа и одговорност за заштита на корисниците и податоците“, нагласи таа.
Во однос на иновативните решенија и регулативата, вицегувернерката порача дека тие не треба да се гледаат како спротивности, туку дека регулаторите треба да создадат простор за нови идеи, но и да обезбедат сигурност на плаќањата и заштита на клиентите, бидејќи рамнотежата меѓу иновацијата и стабилноста е исклучително важна, рече Нацевска, нагласувајќи ја важноста на пропорционалноста во регулирањето, заради обезбедување еднакви правила и правични услови за сите учесници на пазарот.
Во своето завршно обраќање, Нацевска потсети дека ако на претходната конференција се зборуваше за планови, оваа година веќе се истакнуваат конкретни резултати и реални решенија.
„Се движиме во вистинската насока – од дизајн кон услуга, од концепти кон видливи придобивки“, заклучи вицегувернерката, изразувајќи им благодарност на сите учесници, партнери и организатори на Конференцијата за нивните идеи, соработка и посветеност во градењето подобар и посигурен платен екосистем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

