Економија
Вицегувернерката Нацевска: Со Единствениот регистар на сметки ќе изградиме поефикасен платен систем во земјата
„Со очекуваното воспоставување на Единствениот регистар на сметки, пропишан со Законот за платежни услуги и платни системи, покрај тоа што ќе се исполни едно од главните барања од Петтата директива на Европската Унија за борба против перење пари и финансирање на тероризмот, се преземаат и важни чекори за натамошниот развој на платниот систем на земјата и негова интеграција во платежната инфраструктура на Европската Унија. Воспоставувањето на овој регистар е значајно за приклучувањето во Единствената област за плаќања во евра ‒ СЕПА и за обезбедувањето на потребната регулативна и функционална еквивалентност, есенцијална за нашата позиција во европскиот економски простор“. Ова го порача вицегувернерката на Народната банка Емилија Нацевска во своето обраќање по повод одбележувањето на деновите на Централниот регистар, на кое присуствуваа и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и директорката на Централниот регистар, Анита Стамнова.
Вицегувернерката истакна дека Народната банка, преку користење на податоците од овој регистар, ќе може да го подобри извршувањето на супервизорските задачи, како и да ги зголеми сигурноста, стабилноста и ефикасноста на платниот систем на земјата, а сето тоа во прилог на стабилноста на финансискиот систем на државата.
„Единствениот регистар на сметки ја овозможува правовременоста и достапноста на информациите до сите релевантни институции и засегнати страни. Овој регистар претставува важна основа за ефикасноста на плаќањата, за подобра финансиска контрола и спречување нелегални активности, но и за поголема ефикасност на процесите за присилната наплата, според најдобрите европски практики. Сето тоа, исто така, ќе овозможи и подобра заштита на правата на граѓаните и на деловните субјекти, овозможувајќи директен и транспарентен пристап до информациите за сметките“, нагласи Нацевска, при што додаде дека со оваа платформа, којашто е компатибилна со европските стандарди, не само што се зајакнува финансискиот систем, туку се создава и цврста основа за идната интеграција на нашата економија во европските пазари.
Вицегувернерката Емилија Нацевска рече дека регулаторните реформи направени во изминатиот период преку донесување нови закони и подзаконски акти во платежната сфера и во сферата на спречувањето перење пари и финансирањето тероризам, не само што ја приближуваат нашата земја кон стандардите на ЕУ, туку и создаваат услови за унапредување на конкуренцијата, поттикнување иновации и забрзана дигитализација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

