Економија
Вицепремиерот Битиќи во Чикаго ги претстави можностите за инвестирање во Северна Македонија
Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во рамките на официјалната посета на САД, во Чикаго, оствари работна средба со група бизнисмени, составена од припадници на македонската дијаспора и американски стопанственици.
На средбата вицепремиерот Битиќи истакна дека инвестициите од САД може да имаат трансформативно влијание врз македонската економија затоа што со себе носат не само финансиски ресурси туку и експертиза, технологија и пристап до глобалните пазари.
„Успехот, кој бизнисмени од САД го имаат зад себе, ветува можности за поттикнување иновации и подобра продуктивност во разни сектори. Вашите инвестиции би сигнализирале доверба во економската стабилност и потенцијал за раст на земјата привлекувајќи дополнителни инвестиции од други извори“, рече вицепремиерот Битиќи.
Тој потенцира дека Владата води предвидливи економски политики, кои создаваат стабилно и стимулативно деловно опкружување за потенцијалните инвеститори.
„Преку системско решение преточено во низа мерки содржани во Законот за финансиската поддршка на инвестициите, Северна Македонија води конзистентни економски политики за привлекување инвестиции затоа што имаме создадено стабилно, предвидливо и стимулативно деловно опкружување, кое е насочено кон финансиска поддршка на воведувањето нови производствени процеси, усвојувањето нови технологии и освојувањето нови пазари“, порача вицепремиерот Битиќи.
Тој нагласи дека во Северна Македонија не може повеќе да се очекува евтина работна сила, туку компетитивна, со развиени вештини и способности, да биде дел до технолошки најнапредни производствени процеси, која заслужува достоинствена плата.
„Во фокусот на Владата е работната сила да се развие во насока да ги задоволи потребите на најразвиените индустрии. се спроведуваат низа програми за квалификација и преквалификација на невработени, реализираме програма за дуално образование, преку која некои до образовните резултати ги приспособуваме на потребите на пазарот на труд“, рече вицепремиерот Битиќи.
Зборувајќи за зајакнувањето на довербата на потенцијалните инвеститори во системот за финансиска поддршка на инвестициите, вицепремиерот Битиќи нагласи дека просторот за коруптивни практики дополнително е елиминиран и со воведувањето на дигиталниот асистент базиран на вештачка интелигенција – АДА.
„Сите информации, кои ви се потребни за условите за инвестирање, постапките и критериумите за добивање финансиска поддршка, ќе ви ги достави АДА, дигиталниот асистент, кој ниту познава ниту прифаќа корупција“, нагласи вицепремиерот Битиќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска – Рама: Гасното поврзување на државата е клучен чекор кон енергетска стабилност и регионална интеграција
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со извршниот директор на НОМАГАС АД Скопје, Недим Рама, на која беа разгледани тековните активности и следните чекори за развој на гасната инфраструктура во државата.
Во фокусот на разговорите беше изградбата на интерконекторот со Грција, како еден од најзначајните стратешки енергетски проекти во земјата. На средбата беше направен пресек на досегашната динамика на реализација, текот на градежните активности и координацијата меѓу институциите и изведувачите, со цел проектот да се реализира согласно предвидените рокови.
Посебно внимание беше посветено и на подготовките за реализација на интерконекторот со Србија, при што беше разгледан напредокот во техничките и административните активности, како и тековната комуникација и координација со српската страна. Двете страни оценија дека регионалното гасно поврзување претставува значаен чекор кон диверзификација на изворите на снабдување и зголемување на енергетската сигурност.
На состанокот се разговараше и за долгорочните планови за развој и проширување на националната гасоводна мрежа, со цел овозможување поголема достапност на природниот гас за индустријата, општините и домаќинствата, како и поддршка на енергетската транзиција и намалување на загадувањето преку почисти енергетски решенија.
Министерката Божиновска ја истакна важноста од забрзана реализација на инфраструктурните проекти, нагласувајќи дека развојот на гасната мрежа е стратешки приоритет кој директно влијае врз економската стабилност, конкурентноста на стопанството и сигурноста во снабдувањето со енергија.
Соговорниците се согласија дека координираниот институционален пристап и засилената регионална соработка се клучни за успешно позиционирање на државата како стабилен енергетски јазол во регионот.
Економија
Време е за нов лаптоп, а не знаеш од каде да ја почнеш потрагата?
Пронаоѓањето на идеалниот лаптоп честопати знае да биде исцрпувачки процес. Помеѓу перформансите, дизајнот и цената, купувачите често поминуваат недели во истражување, чекајќи го вистинскиот момент за својата следна инвестиција.
За сите оние кои веќе некое време разгледуваат, но сè уште ја немаат донесено финалната одлука, Анхоч ја започнува својата најнова кампања која ги отстранува сите дилеми.
Под слоганот „Вистински избор. Во вистинско време“, компанијата нуди услови кои ја прават технологијата подостапна од кога било досега.
Технологија без финансиски бариери
Главниот фокус на оваа акција е олеснувањето на начинот на плаќање. Свесни дека квалитетниот лаптоп е неопходна алатка за работа, учење или креативност, од Анхоч овозможуваат купување до 24 рати со 0% камата. Ова значи дека корисниците можат да го добијат најдобриот уред веднаш, а да го плаќаат на рати кои не го оптоваруваат месечниот буџет, без дополнителни скриени трошоци.
Подарок за секоја нова приказна
Покрај одличните финансиски услови, секој купувач на лаптоп во овој период добива и подарок – квалитетен ранец. Со овој гест, Анхоч сака да ја заокружи корисничката вредност, обезбедувајќи сигурност и мобилност за новиот уред од првиот ден.
Избор кој не познава компромиси
Со понуда од над 200 модели, кампањата ги опфаќа сите сегменти:
· Бизнис корисници кои бараат издржливост и професионалност.
· Студенти и ученици на кои им е потребен лесен и функционален уред.
· Гејмери и креативци кои не прават компромис со перформансите.
Акцијата е веќе активна во сите продажни салони на Анхоч низ Македонија, како и на нивната онлајн продавница, и ќе трае до 02.03.2026 година.
ПР
Економија
„Гласот ми откажа“: Кандидати раскажуваат за исцрпувачкиот финален круг за работа во „Амазон“
Вработен во „Амазон“ откри како изгледа нивниот озлогласен завршен круг разговори за работа, последната и најинтензивна фаза од селекцискиот процес во компанијата. Станува збор за вистински маратон – четири до шест последователни интервјуа, од кои секое трае меѓу 45 и 60 минути, а сите се одржуваат во ист ден, пренесува Унилад.
Официјален опис на процесот
На официјалните страници за вработување, „Амазон“ наведува дека кандидатите разговараат со повеќе вработени, при што секој од нив проценува различни вештини и искуства за да се добие целосна слика за тоа како кандидатот би се вклопил во тимот и работната средина.
Сите кандидати се оценуваат според таканаречените „Принципи на лидерство“, интерен сет на вредности и правила, а интервјуерите бараат конкретни примери за тоа како кандидатите ги применувале во досегашната работа.
Компанијата користи прашања засновани на реални ситуации од пракса, со цел да добие конкретни примери од претходното искуство и да разбере како кандидатот пристапува кон предизвици, донесување одлуки и соработка. Пример за такво прашање е:
„Опишете ситуација во која сте презеле ризик, сте направиле грешка или сте доживеале неуспех. Што се случи и што научивте од тоа?“
Искуство од прва рака
Еден вработен во „Амазон“ од Австралија, кој работи во малопродажниот тим, го споделил своето искуство на „Редит“, потврдувајќи дека процесот е исклучително тежок. Тој го опишал како „многу интензивен“ и објаснил дека системот е многу посложен отколку што изгледа на прв поглед.
„Прво следи 20-минутен телефонски разговор со одделот за човечки ресурси. Потоа доаѓа едночасовен видеоповик со менаџерот кој вработува. По тоа следи завршниот круг – пет едночасовни разговори, еден на еден, со пет различни лица“, појаснил тој.
„Од тие пет лица во завршниот круг, едно е таканаречен ‘bar raiser’, лице задолжено за одржување на високи стандарди; од него се очекува да биде построго кон кандидатот и подетално да го испрашува. По завршниот круг, интервјуерите даваат препорака ‘вработи’ или ‘секако вработи’, односно ‘не вработувај’ или ‘никако не вработувај’. Потоа се состануваат и дискутираат. Мислењето на менаџерот што вработува и на ‘bar raiser’-от има најголема тежина. Кандидатот мора да добие препорака за вработување од сите пет интервјуери“, додал тој.
Исцрпувачко и монотоно
Друг корисник на „Редит“ го опишал процесот како целосно исцрпувачки.
„Никогаш не сум учествувал во толку интензивен, монотон и здодевен процес на вработување“, напишал тој.
„Во еден момент гласот почна да ме издава, бидејќи од мене се очекуваше да зборувам 30 до 45 минути. Повеќето интервјуери ми оставија само десет минути на крајот за мои прашања, а имав многу повеќе што сакав да прашам отколку што времето дозволуваше“, се пожалил.
Слично искуство споделила и вработената Емили Мареј на веб-страницата на „Амазон“.
„Иако и претходно сум одела на интервјуа за работа, ниту едно не било толку ригорозно, долго или темелно како тоа во Амазон. Процесот се состоеше од телефонски разговори со регрутер и менаџерот што вработува, по што следеше петчасовен завршен круг интервјуа со неколку интервјуери од различни делови на компанијата“, навела таа.
Мареј им советува на кандидатите однапред да подготват конкретни примери од своето искуство, да поставуваат прашања, да ги прилагодат одговорите на описот на работното место и своите успеси да ги поткрепат со бројки и податоци.

