Економија
Вклучен вториот котел во ТЕЦ Неготино, електраната произведува со полн капацитет

Вклучен е и вториот котел во ТЕЦ Неготино и термоелектраната во моментот работи со полн капацитет. Вториот котел е синхронизиран на мрежа пред 42 часа, по сите протоколи на вклучување, односно по првично стабилизирање на системот со работа со еден котел, соопштија надлежните.
Согласно планот за производство, ТЕЦ Неготино треба непрекинато да работи со два котли до крајот на април.
Покрај ТЕЦ Неготино, АД ЕСМ произведува преку два блока во РЕК Битола, РЕК Осломеј, гасната електрана Енергетика, хидроелектраните и ветерниот парк.
Се прават подготовки, како што додаваат од ЕСМ, за стартување и на Блок 3 по пристигнувањето на носечката единица од трансформаторот.
„АД ЕСМ целосно од сопствено производство ги задоволува потребите за електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи, како и значаен дел од количините за дополнителни снабдувања по одлуки на Владата. Помал дел од количините за дополнителни снабдувања преку ЕСМ Продажба се набавуваат, а се однесуваат на последните мерки за снабдувања на училишта, јавни претпријатија и дел од стопанството“, додаваат од таму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
(Видео) Костова: Срамно се редефинира потрошувачката кошничка, папаја за владата – трошки за народот

Скандалозни се последните најави на Владата со кои сака да ги искриви реалните пресметки на потрошувачката кошничка, кажа денеска на прес-конференција Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ.
„Власта измислила сама да пресметува колку „чини животот“ на граѓаните и се обидува да го убеди народот дека со 400 евра може да се живее. Ама, граѓаните да не одат на одмор, да немаат можност ниту за кино или театар – тоа било луксуз според власта. Да се живее само за сметки и храна, и тоа од листата на препорачани производи од Владата. За Владата папаја, манго и аспарагус, а за граѓаните само трошки. За граѓаните да биде луксуз одморот, а власта да изнајмува цели авиони на грбот на народот“, вели Костова.
Според неа, целта на Владата е да го замени реалниот показател – минималната синдикална кошничка – со нова, владина креирана „просечна потрошувачка кошничка“, ама не за четиричлено семејство, туку за тричлено.
„Нема веќе „мама, тато, дада и бато“ како што најави премиерот за ПР – сега има само тројца, за бројките да изгледаат подобро. Зошто токму просечна кошничка? Затоа што се споредува со просечна плата, која расте побрзо и се прикажува секој месец. Минималната – еднаш годишно. Така ќе покажуваат „раст на стандард“, но само на хартија. Не и за граѓаните со минимална плата“, истакна потпретседателката на СДСМ.
Костова смета дека новата просечна кошничка ќе ги игнорира реалните трошоци.
„Ќе се сведува само на храна и сметки, без никаква рекреација, култура или достоинствен живот. Она што го содржеше синдикалната кошничка – како минимум за живот – веќе ќе го нема. Не затоа што не е потребно, туку затоа што Владата сака да прикаже помали бројки. А, токму просечната потрошувачка кошничка треба да мери просечен стандард, со реални трошоци за едно семејство, со пристојна исхрана, квалитетни производи, културен живот. Не само гол опстанок. Ова не е економска мерка, туку политичка манипулација. И уште една навреда за интелигенцијата на граѓаните. Бараме власта да се откаже од оваа срамна и скандалозна намера“, кажа Костова.
Економија
Исплатени 74 милиони евра од втората транша на кредитната линија за инвестиции и развој наменета за македонските компании

Денес, Развојна банка ја исплати втората транша во износ од 74 милиони евра кон комерцијалните банки, за проекти на 248 компании од кредитната линија за инвестиции и развој.
Од износот на оваа транша, најголем дел, односно 62%, се наменети за мали претпријатија за реализација на 153 одобрени проекти. По однос на структурата на дејности, 96 проекти се од областа на производството, 27 проекти за градежништво, 61 проект за трговија, 38 проекти за поддршка на транспортот, 9 за хотели и угостителство, 12 за услуги и 5 проекти за останати дејности на компаниите.
Македонските компании од оваа транша ќе инвестираат во опрема 28 милиони евра, за градежни инвестициите се во износ од 36 милиони евра, за обновливи извори на енергија 7 милиони евра и транспортни средства во износ од 3 милиони евра.
Развојната банка останува интензивно да работи како и до сега за реализација на останатите транши од кредитната линија наменета за инвестиции и развој на домашните компании, се истакнува во соопштението.
Економија
Трипуновски: Сите земјоделци од понеделник да ги пријават настанатите штети од ниските температури, за да се обесштетат

Денеска сум на работна посета во Ресен, утрово имав состанок со градоначалникот и со советниците. На состанокот разговаравме за ситуацијата која што го погоди овој регион, односно за ниските температури кои што беа изминативе денови“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Веќе денес на итна седница на Советот на Општина Ресен ќе се донесе одлука за прогласување на природна непогода, ќе се формира комисија за процена на штета и од понеделник ќе се објави Јавниот повик на кој што сите земјоделци треба да пријават ако имаат настанати штети од ниските температури во изминативе денови“, појасни министерот.
Трипуновски ги повика сите земјоделци да ги пријават настанатите штети од ниските температури. Општинските комисии навремено да ги сработат сите барања и процени кои што се направени на терен.
„Ние како Министерство, како Влада ќе излеземе во пресрет и ќе ги обесштетиме сите земјоделци кои што претрпеа штета од овие ниски темперетури“, нагласи тој.