Економија
Владата: Граѓаните не треба да стравуваат од рестрикции на струја, вклучен и вториот блок на „РЕК Битола“
Во насока на обезбедување стабилност на електроенергетскиот систем, од денеска во функција е ставен и вториот блок на РЕК Битола, што значи дека комбинатот работи со двата блока како што беше предвидено, соопшти Владата.
Од таму додаваат дека граѓаните нема потреба да стравуваат бидејќи количините на електрична енергија за нив се обезбедени во целост од страна на АД ЕСМ и тоа по цена од 36 евра за мегават час.
„Во моментот цените се четири до пет пати повисоки од таа цена, и ова е само показател дека Владата направила добра проценка воведувајќи го Универзалниот снабдувач, кој ги штити домаќинствата и малите потрошувачи. АД ЕСМ моментално ги задоволува потребите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоме за снабдување на домаќинствата. Дополнително, кај нас се веќе преземени голем дел од мерките што ги препорача Европската комисија за земјите членки за заштита од ценовните удари со електричната енергија. Донесена беше и мерка за намалување на ДДВ кај електричната енергија во јули годинава. Целта на оваа мерка беше токму заштита на стандардот на граѓаните, односно да се овозможи пониска цена и намалување на трошоците на домаќинствата“, пишува во владиното соопштение.
Ние како држава, велат од Владата, не можеме да влијаеме на случувањата на светските берзи и токму затоа, како што додаваат, се прават напори преку АД ЕСМ и зголемувањето на производството да се обезбедат дополнителни количини на електрична енергија кои ќе го амортизираат ценовниот шок и на компаниите.
„Како резултат на соработката со Стопанската комора и Владата, договорено е да се преземат мерки да се обезбеди поевтина домашна електрична енергија преку АД ЕСМ, односно со зголемување на производството на државната енергетска компанија, со цел да се заштити стопанството и стопанските субјекти. Со новите насоки, АД ЕСМ, како гарант и стабилизатор на цената на електричната енергија, планира дополнително производство од декември 2021 до април 2022 година, за што беше и објавен меѓународен јавен повик за набавка на јаглен за работа на третиот блок во РЕК Битола и за продолжување на работењето на РЕК Осломеј. Со оваа произведена енергија треба да се зацврсти електро-енергетскиот систем, додека дополнителните количини, односно вишоци, АД ЕСМ ќе ги продаде на слободниот пазар за македонските компании и со тоа ќе оствари приход за компанијата и за државата“, потенцираат од Владата.
Додаваат дека количините на јаглен за Осломеј ќе се обезбедат, додека за количините на јаглен за Битола објавен е нов повик и се прават сериозни напори преку соработка на политичко ниво со соседните земји да се обезбедат и овие количини јаглен.
Информираат дека како дел од соработката со Стопанската комора се анализираат и можностите за обезбедување мазут во најкус можен рок,за да може и ТЕЦ Неготино да се вклучи и да работи со целосниот капацитет. Во наредниот период од две недели очекуваме и ТЕЦ Неготино да започне со пробна работа, имајќи предвид дека последен пат работела во 2009 година.
Во однос на повлекувањата на електрична енергија од регионалните системи, од Владата информираат дека постојат правила за балансирање кои произлегуваат од Законот за енергетика.
Напоменуваат дека додека трае изборниот период, Владата не може да носи мерки со кои е предвидено финансиски зафаќања од буџетот и таквите мерки, доколку се усвојат, како што прецизираат, ќе бидат донесени по изборите.
„Ги уверуваме граѓаните, како и стопанствениците, дека државата е и ќе продолжи да биде партнер со сите засегнати страни за да изнаоѓаме решенија сè со цел зачувување на благосостојбата на граѓаните. Состојбата се следи, се одржуваат редовни состаноци помеѓу сите чинители во енергетскиот сектор со цел изнаоѓање најоптимални решенија поради проблемот настанат пред сè на светските берзи со електрична енергија“, стои во писмениот допис од владините служби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Партнерство за енергетската иднина“: Потпишан Меморандум меѓу Министерството за енергетика и УНДП“
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) денеска потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставува јасна и долгорочна рамка за заедничко делување во областа на енергетиката, енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија и одржливиот развој.
Меморандумот го потпишаа министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Северна Македонија, Армен Григорјан. Со Меморандумот се зајакнува институционалната соработка меѓу двете страни и се отвора простор за координирани активности насочени кон праведна и инклузивна енергетска транзиција, зајакнување на енергетската независност и отпорност на државата, како и исполнување на националните и меѓународните климатски цели.
„Овој Меморандум претставува силна потврда на нашата заложба за модерна, одржлива и праведна енергетска транзиција. Преку партнерството со УНДП добиваме дополнителна експертиза и поддршка за креирање и спроведување политики кои носат конкретни придобивки за граѓаните, економијата и животната средина“, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Соработката ќе се реализира во согласност со националните приоритети и Програмскиот документ на УНДП за Република Северна Македонија за периодот 2026–2030, со посебен фокус на добро управување, транспарентност и активно вклучување на јавноста во процесите на донесување одлуки поврзани со енергетиката.
„УНДП останува посветен партнер на институциите во Северна Македонија во унапредувањето на одржливиот развој. Овој Меморандум создава силна основа за заедничка работа во енергетскиот сектор, со фокус на чиста енергија, намалување на емисиите и инклузивен јавен дијалог“, истакна постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан.
Меморандумот предвидува заеднички активности во развојот на енергетскиот сектор, рударството и управувањето со минералните ресурси, намалување на емисиите на стакленички гасови преку зголемена примена на обновливи извори и мерки за енергетска ефикасност, како и поддршка во изработката и спроведувањето на национални стратегии, законодавство и акциски планови во областа на енергетиката.
Особено значаен сегмент од соработката е насочен кон јакнење на институционалните, техничките и човечките капацитети, преку градење експертиза и подобрување на процесите за креирање и спроведување јавни политики, како и кон унапредување на транспарентноста и инклузивниот јавен дијалог, со посебно внимание на младите, жените и ранливите групи граѓани. Во рамки на партнерството е предвидена и заедничка организација на национални и меѓународни настани, форуми и иницијативи посветени на одржливиот развој и енергетската транзиција.
Меморандумот е склучен на период од четири години, со можност за продолжување, и претставува значаен чекор кон продлабочување на соработката меѓу Министерството за енергетика и УНДП во насока на одржлива и сигурна енергетска иднина за Северна Македонија.
Економија
Новата Ford Puma Gen-E финалист на европскиот натпревар AUTOBEST 2026!
Ford Puma Gen-E е избрана за финалист на престижниот избор AUTOBEST 2026 – признание што ја потврдува визијата на Ford за иновативна, ефикасна и достапна мобилност.
Како нова електрифицирана генерација на омилениот кросовер, Puma Gen-E комбинира динамичен дизајн, напредни технологии и практичност создадена за секојдневието. Со фокус на одржливост и паметни решенија, моделот нуди возбудливо искуство во градот и надвор од него, без компромис во удобноста и перформансите.
Ова признание од AUTOBEST е уште една потврда дека Ford Puma Gen-E поставува нови стандарди во својата класа.
👉 Вашиот глас е важен!
Поддржете ја Ford Puma Gen-E и гласајте во изборот AUTOBEST 2026 на https://autobest.org/.
AUTOBEST е еден од најрелевантните и највлијателни европски автомобилски избори, основан со цел да ги претставува интересите на реалните возачи низ целиот континент. Жирито на AUTOBEST го сочинуваат реномирани автомобилски новинари од повеќе од 30 европски земји, кои заедно претставуваат над 90% од европскиот автомобилски пазар.
Финалистите и победниците на AUTOBEST се сметаат за репер во европската автомобилска индустрија, а самото учество во финалната селекција претставува значајно признание за квалитетот и визијата на еден модел.
(ПР)
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“

