Економија
Владата: Раст на плати и пензии, поддршка за најранливите, унапредени здравствени услуги
Во рамки на конференцијата организирана од страна на Владата „Година на нови можности“ беше и панел сесијата „Социјални и здравствени политики во време на криза“ на која се дебатираше за ефектите од антикризните мерки, воведувањето на новите методологии за раст на минимална и просечна плата, новата методологија за раст на пензиите, како и за здравствените политики во изминатава и следнава година.
Министерот за здравство, Беким Сали зборуваше за дигитализацијата и колку таа може да придонесе за унапредување на здравствениот систем, со посебен фокус и на реформите во примарната здравствена заштита, кои се меѓу врвните приоритети на Министерството за здравство изминатиот период, а воедно се инкорпорирани во Стратегијата на министерството за периодот 2021-2030 година.
„Во завршна фаза на пуштање во употреба е мобилната апликација и порталот за пациенти „Мое здравје“. Преку порталот и мобилната апликација секој граѓанин ќе има можност за увид во своите податоци од националниот систем „Мој термин“. Пристапот ќе биде единствениот профил од порталот за Е-услуги. Меѓу позначајните инвестиции реализирани минатата година, сакам да го истакнам и зајакнувањето со нова апаратура за дијагностика, како што е набавката на најсовремени апарати за дијагностика за 14 јавни здравствени установи, за кои инсталацијата е во тек, обезбедени се во соработка со Светска банка, вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува 13.6 милиони евра. Со поддршка на СЗО, почна и амбициозен процес за реформа на системот за примарна здравствена заштита, со цел да се модернизира и да се внесе во дигиталната ера, да се интегрираат услугите со други области на здравствениот систем и да го преориентира пристапот да се фокусира на опслужување на заедниците и пациентите место на лекување на болести“, истакна Сали.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска се осврна на антикризните мерки наменети за најранливите категории на граѓани, новата методологија за раст на минималната плата и пензиите, како и за социјалните услуги и сервиси кои се во насока на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
„Го донесовме Законот за минимална плата. Со дефинирањето на минималната плата на висина од 18.000 денари, имаме двојно зголемување од 2016 година. Со новото усогласување во месец март, очекувањата се дека таа ќе биде повисока за околу 2.000 денари и ќе продолжи да расте. Во месец март очекуваме и ново зголемување на пензиите. За една календарска година, растот на пензиите ќе биде околу 16%. Ja зголемивме висината на посебниот додаток за 15% за сите три подвидови на корисници, а со усогласувањето на правата од социјална и детска заштита со трошоците за живот, корисниците на правата со исплата за месец јануари ќе добијат за 14.2 % повисоки права. Социјалните услуги ги спуштивме на локално ниво. Преку Проектот за подобрување на социјалните услуги подржан од Светска банка, досега се доделени грантови за 34 проекти кои се спроведуваат во 41 општина. Обезбедивме и нивна одржливост со склучување на управни договори и финансирање од министерството. Отворени се центри за згрижување на жртви од семејно насилство во сите плански региони“, истакна Тренчевска.
Масимилијано Паолучи, директорот на Светка банка во Република Северна Македонија, зборуваше за постигнатите резултати во проектите поддржани од Светска банка во социјалната, детска и здравствена заштита.
Постојаната координаторка на ОН во Република Северна Македонија, Росана Дуџиак, зборуваше за важноста на инклузијата во општеството и развивање на деинституционализацијата како процес, како и воспоставувањето на Меѓународната класификација на функционалноста.
Советничката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија за здравство, Ана Данева Маркова, зборуваше за механизмите на Владата за да го забрза пристапот до нови лекови и за мајчиното и здравјето на новороденчињата и здравствена заштита во Северна Македонија.
„Во последните неколку години Министерството за здравство направи голем напредок со цел да овозможи пристап до нови лекови за сите пациенти на кои им е потребна. За одредени видови болести како што се ретките болести, МЗ има развиено годишни програми каде врз основа на податоците за бројот на пациенти и потребите за лекување, буџетот се издвојува специјално за лекување. Многу е научено за предизвиците за подобрување на здравјето на мајките и новороденчињата во Северна Македонија со објавувањето на Мастер планот за пренатална нега за 2020-2030 година за подобрување на здравјето на мајката и новороденчето. Обезбедувањето подобро собирање и анализа на податоци ќе ја стави Северна Македонија во подобра позиција да ги открие празнините и тесните грла во обезбедената здравствена заштита и да ги реши за да го забрза националниот напредок во подобрувањето на здравјето на жените и децата“, потенцираше Данева Маркова.
Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери, Станка Трајкова се осврна на новата методологија со која пензиите ќе се усогласуваат два пати во годината, вклученоста на пензионерите со пензии до 14.000 денари во антикризните мерки, како и помошта од 3.000 денари, која измината 2022 година ја добија сите 330.000 пензионери.
„Сојузот на здруженија на пензионери продолжува да се залага за своите членови, но и сите пензионери. Носење на нова позитивна листа на лекови, функционирање на теренски лекар, подвижна аптека, покачување на границата до која пензионерите ќе бидат ослободени од партиципација за болничко лекување, се прашањата на кои заедно со релевантните институции ќе работиме во периодот кој доаѓа. Сојузот беше вклучен во носењето на новата методологија што е потврда дека Владата има слух за потребите на пензионерите“ , рече Трајкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

