Економија
Влада: Расте откупната цена на грозјето, годинава за 30% повисоки цени за вранецот и смедеревката

Откупната цена на грозјето годинава бележи најголем пораст од 30 отсто. Оваа година грозјето од сортата смедеревка ќе се откупува по 13 денари за килограм, а откупната цена на вранецот ќе биде 15 денари за килограм, што е за 3 денари повеќе во споредба со ланските откупни цени на грозјето, се вели во соопштението од Владата.
Зголемувањето на откупната цена на грозјето е резултат на договорот постигнат по исцрпните консултации на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со винарниците и лозарите.
Лозарството како извозно ориентирана гранка добива сериозна поддршка преку низа мерки креирани од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, која не изостана и во услови на светската криза предизвикана од војната во Украина.
Преку мерката за одржување на постоечки површини со лозови насади лозарите добиваат субвенција од 40.000 денари по хектар, односно 48.000 денари по хектар за земјоделски стопанства со пријавена површина за финансиска поддршка од минимум 1 хектари до максимум 10 хектари.
Со цел да имаат одржливо производство и помали трошоци, лозарите добиваат поддршка и во субвенционирање за зелена нафта која достигна и до 100%, а во услови на криза поддршка е обезбедена и преку интервентните мерки.
И во услови на здравствената криза предизвикана од ковид-вирусот, во 2020 и 2021 година преку повеќе мерки беа исплатени вкупно 649 милиони денари за помош на лозарите. Поддршка се обезбеди и за винарниците во вредност од 67,6 милиони денари преку мерки со кои се помогна транспортот при извозот на вино.
Овие мерки даваат позитивни резултати во развојот на лозарството и винарството. Домашното просечно производство на грозје е стабилизирано на околу 270 илјади тони на годишно ниво. Додека просечното годишно производство на вино е околу 100 милиони литри.
Веќе трета година по ред извозот на вино бележи пораст, и во количина и во вредност.
Паралелно се зголемува и бројот на винарски визби, кој заклучно со август 2022 година е 139, со вкупен капацитет од околу 200 милиони литри. Со тоа, вкупниот капацитет за преработка на грозје во вино е речиси два пати поголем од годишното производство на вино. Се овозможи финансиска поддршка до 10.000 евра за малите семејни винарници за набавка на опрема за производство, мерка која предизвика голем интерес.
Поддршката на оваа земјоделска гранка од страна на Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство продолжува и во следниот период, како стратешки сектор чиј извоз позитивно влијае во јакнење на домашната економија, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Една година нема проблем со откуп и со висина на откупна цена на земјоделски производи

ВМРО-ДПМНЕ реагира на прес-конференцијата на Трајан Димковски, претседател на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ.
„СДС имаше неисплатени субвенции од 2021 година па навака. Кога дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт, ги исплати сите заостанати субвенции и продолжи со редовна исплата.
За разлика од времето на СДС, сега субвенциите се исплаќаат редовно и завршуваат кај вистинските земјоделци.
Веќе една година нема проблем ниту со откупот ниту со висината на откупната цена, напротив, имаме досега највисоки откупни цени и за тутунот и за грозјето и за пченицата и за раноградинарските култури.
Пченицата се откупува сега за 12 денари, а министерството ќе покрие и други трошоци на земјоделците.
Откупните цени на винското грозје за 2025 година, поконкретно за Вранец се 21.3 денари, а за Смедеревка 18.9 денари.
МЗШВ нема скратено средства за земјоделците. Тоа е одлика на СДС, кога не им ги исплаќаа субвенциите и ги оставаа со празни раце, па си делеа тендери и фотелји меѓу нив.
Земјоделците јасно го имаа искажано револтот кон СДС, а го искажаа и сите останати граѓани“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
(Видео) Мицевски: Обезбедени се средства од двата повици на Владата за Крива Паланка, ВМРО-ДПМНЕ се грижи за сите општини и сите граѓани

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, денеска од Крива Паланка изјави дека преку двата повици на Владата, за општината се обезбедени вкупно 3,3 милиони евра. Тој истакна дека токму тоа е доказ дека новата влада се грижи подеднакво за сите општини и сите граѓани.
„Во последната година, со централна власт од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, обезбедени се 800 илјади евра од првиот повик за општините и уште 2,5 милиони евра од вториот повик – само за Крива Паланка“, рече Мицевски.
Тој ја критикуваше актуелната локална самоуправа, посочувајќи дека во изминатите три години биле реализирани капитални инвестиции од само 3 милиони евра, што, според него, е резултат на „безидејноста“ на градоначалникот.
„Денеска разговараме со граѓаните за сите проблеми, нереализирани проекти и лажни ветувања кои ги добиваа со години“, изјави Мицевски.
Во својата изјава тој потенцираше дека „Крива Паланка има потреба од промени“ и најави дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе понудат ново раководство кое ќе одговори на потребите на граѓаните.
Економија
(Видео) Димковски: Со 10 денари за откуп на пченица ВМРО-ДПМНЕ го закопа македонското земјоделство

Се случува хаос во земјоделието, земјоделците се оставени сами на себе едвај да преживуваат во тешки услови, кажа денеска на прес-конференција, Трајан Димковски, претседател на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ.
Димковски вели дека ВМРО-ДПМНЕ и Цветан Трипуновски не знаат да креираат вистински политики за развој на земјоделството.
„Лажeа пред избори дека ќе донесат нови мерки, дека ќе има повеќе пари за субвенции. Реалноста на терен е сè посурова, а македонското земјоделството тоне секој ден. Оваа година, откупната цена на пченицата падна драстично, само 12 денари за килограм, па дури и помалку. 25.000 земјоделци кои произведуваат пченица на 70.000 хектари се директно засегнати. И овие 12 денари што Трипуновски сака да ги преставува како висока откупна цена, на терен се пониски. По 12 денари за килограм ќе биде откупен само еден мал дел или околу 20%, а другото од околу 80% ќе биде откупено по цена од 10 денари“, кажа Димковски.
Тој истакна дека во времето на СДСМ, пречницата се продавала и по 17 денари за килограм.
„За да им помогне, СДСМ заедно со земјоделците поднесе и амандман за поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица. Но власта немаше слух. Не е само проблемот со откупот на пченицата и ниските цени. Власта скрати пари за земјоделците, 478 милиони денари помалку има со новиот ребаланс. Од вкупниот годишен буџет за субвенции кој во моментот е 7,2 милијарди денари се крати на 6,7 милијарди денари. Само за споредба во 2024 година се исплати 8,4 милијарди денари од овие бројки се гледа дека буџетот за субвенции е намален за близу 30 милиони евра. Лозарите и ова година повторно беа превеслани од Трипуновски. Според Законот за вино обврската на министерството е да објави производна цена најдоцна до 15 јули на двете најзастапени сорти грозје – „вранец“ и „смедеревка“. Тоа не се случи. Бидејќи рокот е поминат го повикуваме Трипуновски веднаш да ја објави. Во интерес на јавноста, лозарите и откупувачите на грозје треба да се знае дека по објавување на производната цена се формира продажна цена а таа треба да е зголемена за 25% од производната. Очајно е тоа што оваа година Трипуновски како историска цена се обиде да ја прикажува откупната цена од 21,3 денари за вранец и 18,9 денари за смедеревка. Замислете за „историската цена“ се зборува која е зголемена само за 50 дени. Срамно и понижувачко“, рече Димковски на прес-конференцијата.