Економија
Влада: Успешен повикот за изведувач на делниците Куманово – Бељаковце и Бељаковце – Крива Паланка од железницата на Коридорот 8
Јавното претпријатие за железничка инфраструктура „Железници на Република Северна Македонија“ вчера успешно го заврши јавниот повик за понуди за избор на изведувач за рехабилитација и градба на фаза 1 од пругата Куманово-Бељаковце, и за фаза 2 реконструкција и изградба на делницата Бељаковце-Крива Паланка од железничкото поврзување на Коридорот 8, соопштија од Владата.
Според утврдената постапка, додаваат од таму, во наредниот период следува евалуација на пристигнатите понуди и избор на најповолниот понудувач, по што, откако заврши постапката за избор на надзорен инженер, се создаваат услови за остварување на најавата за отпочнување на градежните работи на овие делници од железницата на Коридорот 8 во првиот квартал на наредната година.
Средствата за целиот овој проект се на располагање и се обезбедени преку кредит од страна на Европската банка за обнова и развој и инвестициски грант одобрен преку инструментот Инвестициски фонд за Западен Балкан на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски од Берлин: Работиме со јасна визија за производство на висококвалитетно флаширано вино
Вечерва министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски имаше можност да го претстави македонското вино на настан кој што го организираше Државното претставништво на Северна Рајна Вестфалија во Берлин и македонската амбасада.
„За нас, како мала земја, македонската винска индустрија е од особена важност бидејќи покажува позитивен потенцијал, позиционирајќи се себеси како втор најголем извозник во земјоделскиот сектор“, истакна министерот Трипуновски на настанот.
„Главната стратешка цел во политиките за лозарство и винарство е да се фокусира производството на локални сорти како Вранец, Станушина, Кратошија, Темјаника, Смедеревка и висококвалитетно грозје“, додаде тој.
Министерот посочи дека климата во Македонија обезбедува идеални услови за да се истакнат најдобрите карактеристики на грозјето, а преку производствени практики воспоставени со Законот за вино, кој е усогласен со европското законодавство, се унапредува вековната традиција на лозарство и винарство.
„Вкупната површина на лозови насади е 23.000 хектари, од кои 21% се во сопственост на индивидуални производители на грозје, а 79% се на винарии. Иако значителен процент им припаѓа на малите семејни винарии со капацитет до 50.000 хектолитри“, појасни министерот Трипуновски.
„Користејќи ги националните и европските фондови за финансиска поддршка, винариите сè повеќе инвестираат во надградба на опрема, реконструкција на плантажи, винарии, како и во инвестирање во човечки потенцијал, со јасна визија за производство на висококвалитетно флаширано вино“, истакна тој.
Министерот при своеото обраќање истакна дека токму преку ваквите настани се отвора можност за промоција на македонското вино и неговиот пласман на европските пазари.
Економија
Халкбанк доби меѓународна потврда за извонредност со две награди од Global Banking & Finance Awards
Халкбанк АД Скопје е добитник на две награди од Global Banking & Finance Awards за 2024 година, кои ја потврдуваат нејзината посветеност на иновативноста, квалитетот и општествената одговорност.
Признанието „Најдобра банка за население во Македонија 2024“ е потврда за водечката позиција на Халкбанк во обезбедувањето современи и високо квалитетни услуги кои ги задоволуваат потребите на клиентите и кореспондираат со најновите банкарски трендови, овозможувајќи им брз, сигурен и лесен пристап до финансиски производи и услуги што го олеснува нивното секојдневие.
Во исто време, наградата „Најдобра банка за општествена одговорност во Македонија 2024“ ја истакнува улогата на Халкбанк како лидер во промовирањето корпоративна општествена одговорност преку поддршка на заедницата, иницијативи за одржлив развој и позитивно влијание врз општеството.
Халкбанк АД Скопје продолжува со својата мисија да биде доверлив партнер на клиентите и општеството, градејќи силни темели за одржлив раст и развој.
ПР
Економија
Се зголемува цената на дизел-горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,01 % во однос на одлуката од 13.01.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,563%, кај дизелот за 4,337%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 4,124% и кај мазутот зголемувањето е за 2,809%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,3152%.
Од 17.1.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 79,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 81,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 75,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 73,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 46,336 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,051 ден/кг и сега ќе изнесува 46,336 ден/кг
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.