Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Задолжувањето ги урна психолошките граници

Задолжувањето ги урна психолошките граници за помалку од една година од владеењето на економското цунами наречено влада на Заев. Државата тоне во долгови, а капитални инвестиции нема. Ваков е ставот на опозицијата во однос на јавниот и државниот долг.
Преку соопштение од ВМРО-ДПМНЕ велат дека за првпат во историјата јавниот долг скокнал над 5 милијарди евра, а државниот над 4 милијарди евра.
„Заклучно со последните информации кои ги објавува Министерството за финансии за првото тромесечие во 2018 година, и покрај фризирањата преку вештачки напумпаните проценки на БДП, јавниот долг ја надмина психолошката граница од 5 милијарди евра, односно изнесува над 5 милијарди и 84 милиони евра. Државниот долг исто така ја надмина психолошката граница од 4 милијарди евра и сега тој изнесува над 4 милијарди и 270 милиони евра“, тврди ВМРО-ДПМНЕ.
Најголемата опозициска партија обвинува дека СДСМ, Зоран Заев и Министерството за финансии ја излажеле јавноста за состојбата на долгот на Република Македонија, а граѓаните ги задолжуваат за да си обезбедат пари за тендери кои си ги делат меѓусебно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Министерството за енергетика: Методологија за енергетска сиромаштија – Македонија првпат добива јасни критериуми за ранливите домаќинства

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини доби позитивен одговор од Секретаријатот на Енергетската Заедница за драфт-верзијата на Методологијата за мерење на нивото на енергетска сиромаштија. Во нивниот коментар, беше потврдено дека документот е во согласност со европските стандарди и со обврските кои произлегуваат од Директивата (ЕУ) 2019/944, која ги задолжува земјите да воспостават и објават критериуми за утврдување на енергетската сиромаштија.
Тоа значи дека методологијата е целосно прифатлива за објава, а воедно претставува и прв ваков систематизиран документ во земјава кој ќе овозможи реално мерење и следење на овој феномен.
Со оваа методологија, за првпат се воспоставуваат јасни критериуми за препознавање на ранливите домаќинства – како што се ниските приходи, високите трошоци за енергија во семејниот буџет и ниската енергетска ефикасност на домаќинствата. Овие параметри ќе бидат основа за понатамошни годишни програми за заштита на ранливите енергетски потрошувачи, велат од Министерството за енергетика.
Зошто е важна методологијата?
· Таа ќе овозможи институциите да имаат јасна слика за обемот и структурата на енергетската сиромаштија во земјата.
· Ќе послужи како основа за креирање таргетирани политики и мерки за заштита на домаќинствата кои најмногу се соочуваат со тешкотии при обезбедување енергија.
· Ќе придонесе кон усогласување со европските практики и стандарди, како дел од пошироката агенда за енергетска транзиција и социјална одржливост.
Министерството за енергетика веќе работи на следните чекори – подготвување на годишна програма за заштита на ранливите потрошувачи, каде методологијата ќе биде централна алатка за дефинирање на приоритетите и интервенциите.
„Со оваа методологија за првпат систематски ќе ја измериме енергетската сиромаштија во земјава. Тоа ќе ни овозможи јасно да ги идентификуваме домаќинствата кои се најпогодени и да креираме прецизни, таргетирани мерки за нивна заштита. Нашата цел е никој да не биде оставен на маргините. Ова е силен чекор напред кон една поправедна и посоцијално одржлива енергетска политика“, истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Со ова, Македонија прави значаен исчекор во градењето на праведна енергетска политика која се грижи за граѓаните и ја става социјалната димензија на енергетската транзиција во фокусот, се додава во соопштението на Министерството за енергетика.
Економија
Премиерот Мицкоски го посети логистичкиот центар на Лидл – инвестиција од 115 милиони евра

Премиерот Христијан Мицкоски денеска го посети Регионалниот дистрибутивен центар на Лидл Северна Македонија во Речица, Куманово, кој е во завршна фаза на изградба и се очекува да отпочне со работа во пролет 2026 година.
Инвестицијата е вредна 115 милиони евра, ќе овозможи отворање на 230 нови работни места, а во изградбата Лидл соработува со над 75 македонски компании.
Покрај премиерот Мицкоски на настанот присуствуваа и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и заменик министерот Марјан Ристески, директорот на Царинската управа Бобан Николовски, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Милена Драгијска, извршна претставничка на Лидл, изрази благодарност за соработката со Владата, во кои, како што рече гледаат големи партнери.
„Овој логистички центар подразбира свежи производи за македонските потрошувачи во секоја продавница, секој ден. Ова е можност и за македонските производители да ги намалат трошоците, односно да ги складираат своите производи овде како централна локација, а дополнително ние располагаме со механизми за контрола на квалитет, бидејќи гарантираме за свежината и за квалитетот на производите“, изјави Драгијска.
Со површина од 170 000 м2 и оперативна површина од 63 000 м2, ова е најголемиот логистички центар во Северна Македонија. Преку иновативната технологија, стандардите на градба, енергетската ефикасност и начин на работа, со логистичкиот центар се поставуваат нови стандарди за логистичка инфраструктура во Северна Македонија.
Лидл е дел од групацијата „Шварц“, со седиште во Некарзулм, Германија, и е еден од водечките трговци на мало со храна во Германија и Европа. Лидл моментално управува со околу 12.600 продавници и повеќе од 230 дистрибутивни и логистички центри во 31 земја и вработува над 382.400 луѓе.
ПР
Економија
Мицкоски: Трговијата во индустријата е зголемена за 13-14 отсто во јули, споредено со истиот месец лани

Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека економијата се опоравува и какви се макроекономските показатели во индустријата, изјави:
„Државниот завод за статистика објави параметар вчера, во којшто вели дека трговијата во индустријата е зголемена за 13-14% во јули, споредено со истиот месец претходната година. И тоа е тренд кој што нѐ следи цела година, но она кое што за мене е забележливо, е фактот што таа трговија во индустријата, во делот на размена со странство е дури и повеќе зголемена, отколку трговијата во индустријата дома.
Кога зборувам повеќе надвор, зборувам за повеќе од 15% и тоа е единствен резултат во Европа каде што имаме толку силна, зголемена трговија во индустријата. И тоа е добар показател, бидејќи јули е првиот месец од третиот квартал. Во првиот квартал имавме 3,2% раст на БДП, во вториот квартал 3,4 иако номиналниот е 7,8. Очекувам во третиот и четвртиот квартал тој раст да продолжи до крајот на годината. Така што ова се сѐ индикатори коишто ние со години наназад, не сме биле ни блиску да ги постигнеме, а камо ли пак да ги коментираме.“