Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Трошоците за живот галопирачки растат, а СДСМ парите ги арчи за криминални зделки

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека платите и пензиите ја изгубија трката со инфлацијата и поскапувањето на цените на основните трошоци на живот.
Според нивните проценки, поради погрешните политики на власта на СДСМ и ДУИ 35 % од граѓаните се во ризик од сиромаштија. Цените на горивата за само година дена поскапеа за 70%, струјата поскапе за 30%, парното за 15%, лебот поскапе за 110%, а основните намирници се поскапи за 30-50%, посочуваат од партијата на Мицкоски.
„Во исто време долгот на Македонија достигна 61% од БДП и ја надмина психолошката граница од 7 милијарди евра, а ефектот од тоа никаде го нема. Нема нови автопати, нема нови болници, училишта, нема капитални инвестиции. Парите од задолжувањето и од буџетите завршија во коруптивните и криминални тендери, исплата на криминални “семинарски трудови“ и софтвери, набавки на позлатен прибор за јадење, службени возила, цвеќиња, кафиња, хотелски услуги, фстаци и слични непродуктивни трошења. Ова покажува дека додека трошоците за живот галопирачки растат, СДСМ парите наместо за повисоки плати и заштита на стандардот на граѓаните, ги арчи за криминални зделки“ е наведено во нивната реакција.
Сега кога вработените во образованието бараат повисоки плати, од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека СДСМ без срам им вели дека тоа може да предизвика инфлација, а во исто време на криминален начин испумпува милион евра за фиктивни студии. Лицемерието и криминалот на СДСМ немаат лимит.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Поскапуваат бензините и дизелот

Од ноќеска на полноќ цените на бензините и на дизелот ќе се зголемат за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 10.9.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 76,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 78,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 37,148 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,245 ден/кг и сега изнесува 37,148 ден/кг.
Економија
Славески на средба со извршниот директор на АФИ: Поттикнување на финансиската вклученост како предуслов за економскиот развој

За време на Глобалниот форум на Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), кој се одржува во Намибија, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со извршниот директор на АФИ, Алфред Ханиг. На средбата се разговараше за напорите на Народната банка за подобрување на пристапот до финансиски услуги, зголемување на финансиската писменост и промовирање на дигиталните финансиски канали.
„Финансиската вклученост е клучен предуслов за повисока економска активност и доход. Народната банка континуирано работи на олеснување на пристапот до финансии, заштитата на потрошувачите и промовирaњето на дигиталните и зелените финансии,“ истакна гувернерот Славески.
Според последните податоци од Светската банка, 84% од населението над 15 години во земјава поседува сметка, што претставува највисоко ниво во регионот на Западен Балкан. Користењето дебитни и кредитни картички расте, при што 76% од граѓаните ги користат за плаќања, а 62% од сопствениците на сметка вршат онлајн плаќања.
На средбата беше истакнато дека натамошното унапредување на финансиската вклученост, особено кај младите, жените и ранливите групи, е од стратегиско значење за економскиот развој и стабилноста на земјата.
Гувернерот Славески и извршниот директор на АФИ, Ханиг се согласија дека размената на искуствата и соработката меѓу централните банки и меѓународните институции ќе придонесе за натамошно зајакнување на финансиската вклученост и зголемување на довербата на населението во финансискиот систем.
АФИ е глобална мрежа за финансиска вклученост, која опфаќа централни банки и финансиски регулатори од 84 земји во светот, овозможувајќи размена на знаење и искуства, како и развој на ефективни политики за финансиска вклученост.
Економија
Апел од Стопанската комора по големиот пожар во Виница: Поддршката на „Макпрогрес“ е поддршка за македонската економија

В петок, 12 септември 2025 година, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, ќе одржи состанок со ланците маркети, на кој ќе треба да се разговара каква форма на кампања ќе биде реализирана преку малопродажбата со цел засилена продажба на производите на Макпрогрес Виница, креатор на серија докажани и потврдено квалитетни брендови (Винчини, Сончева Долина, Натура, Дониа, Фантазиа) како и голем дел од производите кои се произведуваат под приватни трговски марки на водечките малопродажни ланци на маркети во Македонија.
Идејата на ваквата заедничка обединета бизнис активност во организација на Комората, е во насока на поддршка на Макпрогрес по пожарот кој сериозно уништи дел од имотот, опремата и капиталот на фабриката, а имајќи ја во предвид неговата извозна веќе докажана афирмација.
Стимулирањето на зголемената домашна потрошувачка на производите на Макпрогрес според проекциите на менџаментот на Макпрогрес, а во координација со активностите во Комората може да биде сериозна поддршка за обезбедување опстанок на фабриката, но најбитно и единствен начин за задржување на сите работници на работа во компанијата со што нема да се предизвика негативен ефект врз вработените и нивниот животен стандард.
Концептот за идното работење на Макпрогрес, но и случувањата во саботата во фабриката, првиот човек на Макпрогрес, Глигор Цветанов лично ќе им го соопшти на присутните на состанокот во Комората во петок.
„Паралелно ако се следат масовните објави и повиците на социјалните мрежи за поддршка на Макпрогрес и иницијативите за акции на купување на нивните производи од различни индивидуалци, инфлуенсери, истакнати личности, за само два дена од случувањето на немилиот настан (пожарот што се случи во фабриката), може да се констатира дека станува збор за исклучително невообичаен настан, односно креирање таков позитивен амбиент во јавноста, што само ја потврдува големината и квалитетот на Макпрогрес како домашен македонски бренд за што менаџментот на компанијата изразува голема благодарност до сите оние кои деновиве несебично иницираат и даваат идеи за поддршка“, велат од Стопанската комора.
И како што вели првиот човек на Макпрогрес Глигор Цветанов, „солидарноста која ја видовме деновиве, уште еднаш потврди дека Македонија знае да застане заедно кога е најтешко“.