Економија
Возовите возат за да може работниците да се исплатат
Откако вработените во МЖ Транспорт решија да го прекинат двонеделниот штрајк, ноќеска билеопслужени девет воза, а за денеска се планирани 13, што според в.д. директорот на претпријатието Ирог Коруновски е основа за располагање со парите од Министерствотот за транспорт и врски и исплата на заостанатите плати.
„Од овој момент сите заедно почнуваме максимално да се ангажираме да ги извршуваме договорите со нашите коминтенти. Само со работа може да го надминеме ова што ни се случуваше во изминатите две недели и да не дозволиме во иднина да имаме вакви долги прекини на железничкиот сообраќај кои значат огромни штети и за нашата компанија, општо за Македонски железници и за македонското стопанство“, изјави в.д директорот на МЖ Транспорт Игор Коруноски.
Најави дека следната недела ќе биде исплатена втората половина од јануарската плата, а на машиновозачите им е исплатен и хонорарот за поминат километар за февруари.
„Почнувањето со работа отвора можност за повлекување средства од Министерството за транспорт и врски и се надеваме дека до крајот на месецот ќе ја исплатиме и февруарската плата“, рече Коруноски.
За да не биде доведена во прашање исплатата на февруарската плата затоа што протестот траеше 15 дена од тој месец, според Коруноски уште од вчера се фокусирале на исполнување на обврските кон договорите.
„Во овој момент имаме најава за голем број возови. Од вчера кога почнавме со работа само во текот на ноќта се примени и опслужени осум возови, а за денеска имаме најавено 13 возови. Тоа е добра динамика на работа што треба да ја искористиме за да можеме да ги обезбедиме средствата за плата за вработените“, наведе Коруноски, одговарајќи на новинарски прашања.
Како што посочи, се уште се прават анализите за штетите што ги претрпе железницата од прекинот на работата.
Одговарајќи на новинарски прашања рече дека Владата редовно ги исплаќа субвенциите во патничкиот сообраќај, и оти работењето на домашното стопанство има директна рефлексија на работата во товарниот сообраќај, кој пак претрпе штети од неодамнешата четиримесечна блокада на границата со Грција./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска: Праведната транзиција ќе успее само ако ја водиме заедно
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на Националниот настан за вмрежување на Локалните економско-социјални совети, каде што уште еднаш ја потврди силната определба на Министерството да работи отворено, во соработка и директен дијалог со сите засегнати страни.
„Транзицијата мора да донесе подобар живот за сите нас. А тоа е можно само ако сме отворени, достапни и ако работиме заедно. Министерството е партнер за секоја општина, секоја организација, секој работник и секоја компанија што носи иницијатива. Можете да ни се обратите во секој момент“, изјави министерката Божиновска.
Локалните економско-социјални совети – се платформа којашто ги обединува општините, синдикатите, бизнис-заедницата, граѓанските организации и институциите во процесот на праведната енергетска транзиција.
„Ако не работиме заедно, ако работниците, општините, локалниот бизнис и граѓанските организации не се во процесот – тогаш процесот нема да успее. Многу е едноставно“, истакна Божиновска.
Божиновска се осврна и на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција, која веќе функционира и создава можност за финансирање на локални проекти:
„Со тоа се отвора реален простор за инвестиции што ќе ја придвижат транзицијата напред. Но мора, сите вклучени чинители, посебно општините, да се поодговорни, да се понудат реални издржани проекти за да ги користиме средствата ефикасно. Нашата задача е да обезбедиме јасна политичка насока, координација меѓу институциите и поддршка за квалитетни локални проекти. Ние не сакаме транзиција само на хартија. Сакам секоја општина да има шанса да развие проект, секој работник да има пристап до нови можности, а секоја заедница да почувствува дека ова е процес што создава вредност — не страв. Затоа сме тука, затоа сме отворени“, додаде Божиновска.
Економија
Петкоска: 32 милиона 260 илјади денари повеќе во буџетот за промоција и поддршка на туризмот и културата
Буџетот е крвната слика на државата, стратешки документ во кој се насликани приоритетите на граѓаните. Сите знаеме дека закрепнувањето на економијата е најважната работа која влијае врз животниот стандард, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петкоска на денешната собраниска седница на која се дискутира за Предлог-буџетот за 2026 година.
За жал, посочи Петкоска, поминавме години кога и небото не беше граница за висината на јавниот долг, а дното на буџетската дупка немаше крај, но за среќа денес говориме за стабилизирање на јавните финансии со, буквално, воена дисциплина при трошењето на народните пари.
„Инвестициите, инфраструктурните проекти, поддршката на приватниот сектор, како и транспарентноста и отчетноста во работата кои веќе станаа препознатливи и видливи во работењето на Владата, ми даваат за право, конечно да бидеме горди на фактот што после долги години говориме за последователен економски раст. Денес имаме реални инвестиции, а не трансфери кои завршуваа за исплати на плати. Денес имаме држава што инвестира и Влада што знае што прави, затоа што за оваа Влада зборот навистина има тежина“, истакна Петкоска.
Во своето излагање, таа истакна дека ќе се задржи на делот од Буџетот за следната година, што се однесува на растот и развојот на македонскиот туризам.
„Во Буџетот за 2026 година туризмот добива 32 милиони 260 илјади денари повеќе, за промоција и поддршка на културата и туризмот. Секако, средствата за туризам сè уште не се доволни, но сепак, зголемувањето на средствата е охрабрувачки правец во интерес на целокупниот македонски туризам“, рече Петкоска.
Додаде дека туризмот никогаш не стои сам, посочувајќи дека тука се патиштата, културата, дигитализацијата и општинскиот развој, се неговата вистинска инфраструктура.
„Па така од огромна важност е да се напомни дека имаме 40,5 милијарди денари капитални инвестиции за 2026 година, средства во кои спаѓаат патна и комунална инфраструктура, железничка инфраструктура, поддршка на општините, културна заштита и т.н. Секој пат што се гради, секој локален проект што се финансира, секоја подобрена инфраструктурна точка, директно го зголемува туристичкиот потенцијал, бидејќи туризмот е резултат на инвестиции во инфраструктурата“, подвлече Петкоска.
Економија
Халкбанк ја овозможи услугата Apple Pay за своите корисници
Халкбанк ја овозможи услугата Apple Pay, со што корисниците на банката можат да ги користат своите дебитни и кредитни Mastercard картички преку уредите на Apple. Плаќањето може да се изведе со iPhone, Apple Watch, iPad или Mac, без носење физичка картичка и без внесување податоци при секоја трансакција.
Apple Pay функционира како дигитален паричник во кој се додава картичката од Халкбанк. При плаќање, уредот се доближува до POS терминал, а потврдата се изведува со Face ID, Touch ID или лозинка. На овој начин, податоците од картичката не се изложуваат во процесот, што ја прави употребата дополнително безбедна.
Услугата може да се користи и за онлајн купување. Корисниците ја избираат опцијата „Pay with Apple Pay“, со што го избегнуваат рачното внесување информации од картичката. Apple Pay е достапен и на банкомати кои поддржуваат бесконтактно подигнување готовина.
Активацијата се прави во апликацијата Apple Wallet, со скенирање или внесување на податоците од картичката, а може да се започне и преку мобилното банкарство на Халкбанк. Користењето на Apple Pay е бесплатно, лимитите на картичката остануваат исти, а сите трансакции се прикажуваат во Apple Wallet, како и во дигиталните канали на банката.
Во случај уредот да биде изгубен, податоците остануваат заштитени. Корисникот преку iCloud може да го заклучи или избрише уредот, со што се оневозможува користење на дигитализираните картички. Доколку при додавање на картичката се појави потреба од дополнителна проверка, тоа може да се реши преку мобилното или електронското банкарство или преку контакт центарот Хелп24.
Со ова Халкбанк ја продолжува својата пракса на навремено усвојување решенија што се веќе дел од современите финансиски стандарди. Банката останува насочена кон развој на дигитални можности кои го олеснуваат секојдневието и создаваат поконкурентно и поусогласено банкарско искуство, во чекор со глобалните трендови и потребите на корисниците.
(ПР)

