Економија
Во Германија голема акција против работењето на црно и исплатата под минималец

Германската царина почна дводневна акција за контрола на работата на црно и исплата под законскиот минималец.
„Во акцијата учествуваат 6.000 службеници, а главната цел е утврдување на бројот на работници што примаат саатница помала од законскиот минималец од 8,84 евра“, се вели во соопштението на Сојузната царинска управа во Потсдам.
Како што се наведува, во дел од земјата ќе има засилена контрола врз секторите што најмногу се подложни кон прекршување во подрачјето на исплата на минималните примања, меѓу кои угостителството, градежништвото, шпедицијата, преработувачката индустрија за месо и претпријатијата што даваат услуги за чистење објекти.
Истовремено, ќе се спроведува контрола против илегалните вработувања.
Според информациите на Министерството за финансии во земјата, Германија годишно поради илегалните вработувања губи приходи во висина од милијарда евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, лицемерен бил предлогот на СДСМ за намалување на ДДВ-то на храната и струјата

Лицемерни се предложените измени од пратениците од СДСМ за намалување на ДДВ-то на храната и струјата, изјави Игор Здравковски од пратеничкта група на ВМРО-ДПМНЕ откако владејачкото мнозинство не даде поддршка за овој предлог во законодавниот дом.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека по седум години власт, социјалдемократите предлагаат мерка за намалување на ДДВ на храната и струјата, а претходно ги зголемија стапките на ДДВ на стотици артикли.
„Во ситуација на енергетска криза, кога цената на берзите беше над 800Е за MWh, тие беа глуви на барањата на потрошувачите, на опозицијата и на граѓаните, па не дадоа ниту време, ниту модус да застанат на страна на граѓаните. Напротив, го искористија моментот да го искрадат и уништат енергетскиот сектор преку матни тендери. Економските и енергетските генијалци, успеаја цената на производот на електрична енергија да ја качат од 45Е на 133Е за MWh. Денес цената на струјата е стабилна, а покачувањето е 1,48 отсто во последните 8 месеци“, рече Здравковски.
Како што додаде, со активните мерки со ограничување на маржите ќе има запирање на инфлацијата на храната, а со тоа и заштита на стандардот на граѓаните.
До СДСМ порача, наместо да се однесуваат лицемерно,во иднина да ги прифатат мерките на Владата и конструктивно заедно да работат за доброто на граѓаните.
Предлогот на СДСМ предвидуваше намалување на ДДВ-то за струјата, што, како што велат предлагачите, ќе значеше 13 отсто пониски сметки за над 600 илјади домаќинства. За сметка од 3.000 денари, граѓаните ќе заштедеа 400 денари месечно, а за повисоките сметки, заштедата ќе беше уште поголема. Истото тоа важи и за основните прехранбени производи. Пратеникот Фатмир Битиќи изјави дека нмалувањето на ДДВ на нула проценти ќе значеше директно поевтинување на храната, односно над 3.000 производи ќе беа поевтини, меѓу кои лебот, брашното, млекото, јајцата, маслото, шеќерот и сите други основни продукти што секојдневно ги купуваат граѓаните.
Економија
Од полноќ поевтинуваат горивата

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 1,256% или за 9,300 $/тон, кај дизелот намалувањето е во просек за 0,356% или за 2,550 $/тон, кај екстра лесното масло намалувањето е во просек за 0,325% или за 2,300 $/тон и кај мазутот зголемување во просек за околу 0,247% или за 1,200 $/тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, се намалуваат за 1,00 ден/лит, во однос на малопродажните цени утврдени со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 20.02.2025 година и со тоа, малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 79,00 ден/лит, додека малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 81,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ1), се намалуваат за 0,50 ден/лит, во однос на малопродажните цени утврдени со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 20.02.2025 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 73,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) изнесува 73,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 0,012 ден/кг, во однос на малопродажната цена утврдена со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на
нафтените деривати и горива за транспорт од 20.02.2025 година и со тоа малопродажната цена на Мазутот М-1 НС изнесува 46,178 ден/кг.
Економија
Не помина предлогот на СДСМ за намалување на ДДВ-то на струјата и храната

Наместо да донесат одлука што директно ќе го олесни товарот врз семејните буџети, пратениците од владејачката коалиција одбија да ги поддржат измените и дополнувањата на Законот за ДДВ, со кои предложивме намалување на ДДВ-то за електричната енергија од 18 на 5 отсто и укинување на ДДВ-то за основните прехранбени производи, објави пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи.
Како што рече, во време кога цените на храната растат без контрола, кога електричната енергија стана најскапа во регионот, кога граѓаните се принудени да живеат во постојана неизвесност за наредниот месец, мнозинството ги отфрли конкретните мерки, што веднаш ќе значеа помали сметки за струја и поевтина храна.
Предлогот предвидуваше намалување на ДДВ-то за струјата, што, како што велат предлагачите, ќе значеше 13 отсто пониски сметки за над 600 илјади домаќинства. За сметка од 3.000 денари, граѓаните ќе заштедеа 400 денари месечно, а за повисоките сметки, заштедата ќе беше уште поголема.
Истото тоа важи и за основните прехранбени производи. Намалувањето на ДДВ на нула проценти ќе значеше директно поевтинување на храната, односно над 3.000 производи ќе беа поевтини, меѓу кои лебот, брашното, млекото, јајцата, маслото, шеќерот и сите други основни продукти што секојдневно ги купуваат граѓаните, рече Битиќи.
Најави дека СДСМ ќе продолжи политички да се бори за системски решенија за замрзнување на цените на основните производи, за фиксни маржи што ќе спречат злоупотреби, за итна примена на Законот за нефер трговските практики, за поевтин зелен картон и за зголемување на платите преку замрзнување на придонесите.