Економија
Втора седница на Економско социјален совет: минимална плата 22. 567 денари во нето износ
На денешната втората седница на Економско социјалниот совет биле разгледувани повеќе точки, меѓу кои и утврдување на висината на минималната плата, имплементацијата на работниот план на прегледот на занимања за периодот 2023 година, Извештајот за работа на Државниот инспекторат за труд за 2023 година и Информација за учество на Меѓународната конференција на трудот во Женева во месец јуни 2024 година.
Според соопштеното од Министерството за труд и социјална политика, по однос на минималната плата, согласно член 4 од Законот за минимална плата, висината на минимална плата во бруто износ за месец март секоја година се усогласува со: 50% од порастот на просечно исплатената нето плата, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика и 50% од порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.
„Порастот по основ на просечно исплатената нето плата е 14,9% според соопштението бр.4.1.24.16 од 22.02.2024 година на Државниот завод за статистика, а порастот на индексот на трошоците на живот изнесува 9,4% според податоци на Државниот завод за статистика објавени со соопштение 4.1.24.02 од 09.01.2024 година.
Согласно членот 4 од Законот за минималната плата за 2023 година треба да се усогласи:50 % од 14,9% = 7,45 %;
50 % од 9,4 % = 4,70 % 7,45 % + 4,70 % = 12,15 % при што минималната плата за 2023 година во износ од 29. 739 денари, усогласена, односно зголемена за 12,15 % ја дава минималната плата за 2024 година, односно истата изнесува 29,739 + 12,15 % = 33 352 денари во бруто износ и 22. 567 денари во нето износ.
Во однос на минималната плата за 2023 година, минималната плата за 2024 година ќе бележи пораст од 3 613 денари во бруто износ, односно 2 392 денари во нето износ.
Извештајот за работа на Државниот инспекторат за труд за 2023 година содржи број на инспекциски надзори од областа на работните односи и безбедноста и здравје при работа, број на инспекциски мерки, број на контролни инспекциски надзори, број на поднесени прекршочни барања за сторителите на прекршокот и исходот од прекршочните барања кои се евидентира од страна на Државниот инспекторат за труд.
Во врска со работниот план на прегледот на занимања за периодот 2023 година изготвени се 10 занимања според предвидениот работен план за преглед на занимања за периодот 2022 – 2026 година и изработката на занимањата оди согласно предвидената методологија“, се наведува во информацијата од МТСП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Деспотовски: Македонија е стабилна земја со вредни работници
Позитивната деловна клима за инвестирање, брзи и ефикасни процедури и постапки за реализација на инвестиции, како и пристап до квалификувана работна сила се клучни за турските инвеститори во земјава. Своето позитивно искуство од инвестирање во ТИРЗ пред повеќе од 30 турски компании го споделија менаџерите на турската компанија Пурпласт и на новиот инвеститор во ТИРЗ, компанијата Шахтерм. На настанот во организација на Стопанската комора на Бурса директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски ги претстави инвестициски можности во С.Македонија како и можностите за турските компании, а свое обраќање имаа и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски како и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
„Македонија има клучна географска положба. Нудиме флексибилност, одлична инфраструктура и квалификувана работна сила. Она што е уште поважно е што успеавме да ја промениме сликата од земја на евтина работна сила, во земја на добро платени работни места за нашите сограѓани. Па така не само што континуирано расте бројот на вработени во Зоните, туку и просечната нето плата веќе достигна над 1100 евра. Македонија е стабилна земја со вредни работници. Покажавме и дека Македонија е вистинска бизнис дестинација со оглед на тоа дека во изминативе три години имаме постигнато договори од 1 милијарда евра, што е исто колку инвестицискиот обем за десет години, “ изјави Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ. Тој додаде и дека „Турција прераснува во сериозен бизнис партнер на земјава, а само во ТИРЗ во последниве три години имаме три нови турски компании кои инвестираат над 125 милиони евра и предвидуваат отворање на над 1200 нови работни места од кои дел веќе се реализираат“.
Генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, чија компанија е најновиот инвеститор во ТИРЗ посочи дека најважно за одлуката за инвестирање била професионалноста и ефикасноста на Владата и ТИРЗ во преговорите.
„Исклучително брз процес и посветеност кој резултираше во договор по само четири месеци. Во Македонија пронајдовме вистински партнери и ефикасна администрација што беше клучна за нас како бизнисмени, бидејќи времето чини пари. Она што особено не радува е дека во земјата има доволно квалификуван кадар кој сме подготвени добро да го платиме,“ нагласи Шахин. Тој додаде дека почетната плата за неквалификуван кадар ќе почнува од 550 евра, а додаде дека планира новата фабрика во ТИРЗ Скопје 2 да биде центар за снабдување на клиентите во западните земји, од Европа и САД. Компанијата “Шахтерм“ која има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство ќе инвестира над 100 милиони евра и планира отворање на 1000 нови работни места. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција. Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.
Мехмед Шишманоглу, извршниот директор на Пурпласт, која има 40 годишно искуство во автомобилската индустрија, посочи дека со поддршката од Владата и соработката со ТИРЗ веќе три години градат успешна приказна во земјава. Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса истакна дека ваквите настани за вмрежување се важни за турските инвеститори, како и дека ќе ги поддржат турските компании во нивниот потфат на македонскиот пазар. Тој додаде и дека според позитивните искуства на турските компании особено верува во потенцијалот на С.Македонија како стратешка дестинација за инвестирање.
Во своето обраќање и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски истакна дека Република Турција како наш стратешки партнер е многу важен инвеститор во различни инфраструктурни и капитални инвестиции, како и гринфилд и браунфилд инвестиции од турски компании, кои го препознаа потенцијалот и ги користат предностите и придобивките од водењето бизнис во С.Македонија.
Претставниците на компаниите најмногу се интересираа за пристапот до квалификувана работна сила, елементите на државна поддршка и условите за инвестирање. Инаку Турција е рангирана на прво место по бројот на странски компании во земјава, и во моментов речиси 2000 турски компании се регистрирани и работат во различни сектори.
Економија
Народната банка ја додели Годишната награда за млади истражувачи за 2024 година
Народната банка, на денот на монетарната самостојност, 26 април, традиционално ја додели Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството. Овогодишниот добитник на првата награда е младиот истражувач Никита Ристовски за неговиот труд „Економски раст поттикнат од интеграцијата: Случајот на интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија“. Годинава, беше доделена и втора награда за трудот „Монетарната политика и каналите на цените на средствата во контекст на регионализацијата на берзите во земјите на поранешна Југославија“ на Стефан Таневски.
При доделувањето на наградите, младите истражувачи остварија средба со гувернерката на Народната банка, како и со Одборот за оценување трудови, којшто го сочинуваат вицегувернерката Ана Митреска, претседател и членовите Билјана Давидовска-Стојанова, директорка и Гани Рамадани, заменик-директор во Дирекцијата за монетарна политика и истражување. На средбата со младите истражувачи беше искажана поддршка за нивниот придонес кон научноистражувачката работа. Беше истакнато дека основната цел на Народната банка за организирање на Конкурсот за Годишната награда, веќе осумнаесет години, е да се афирмираат младите истражувачи и да се даде придонес кон развојот на истражувачката дејност во земјава во областа на макроекономијата и банкарството.
Во согласност со досегашната практика, наградените трудови ќе бидат презентирани на некоја од следните сесиите на Клубот на истражувачите на Народната банка, којшто служи како центар за развој на истражувачката мисла и мрежа за поврзување на истражувачите од ова поле на интерес.
Пригодното одбележување на монетарната самостојност преку чинот на доделување на Годишната награда ги отсликува залагањата на Народната банка за постојано јакнење на научноистражувачката мисла во прилог на макроекономската стабилност, раст и развој. Инаку, Народната банка одбележа 32 години од монетарното осамостојување, односно од осамостојувањето како централна банка и од воведувањето на националната валута – денарот. За овие 32 години, напорите на централната банка беа насочени кон обезбедување макроекономска и финансиска стабилност, како фундаменти за економскиот раст и развој, работејќи особено на јакнењето на сопствените капацитети, односно на напредокот на човечките ресурси. Залагањата и резултатите на Народната банка во изминатите години се признаени од сите релевантни меѓународни организации, а таа е согледана како современа професионална институција, со висок кредибилитет.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.