Економија
Втор годишен форум за управување со интернет – ИГФ МКД 2018
Во амфитеатарот на Факултетот за електротехнички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), в среда, 31 октомври, со почеток во 11 часот ќе се одржи вториот годишен Форум за управување со интернет – ИГФ МКД, кој има цел да ја подигне свеста и да промовира подобро разбирање на управувањето со интернетот.
ИГФ МКД – Форум за управување со интернетот Македонија е отворен, инклузивен и неформален простор за дијалог за прашањата на управувањето со интернетот Internet Governance, помеѓу сите засегнати чинители во македонското општество, Владата, пратениците, приватниот сектор, граѓанското општество, техничката заедница, образованието, медиумите, крајните корисници итн.

Целта на форумот е подигнување на свеста и промовирање подобро разбирање на „управувањето со интернетот“, изградба или зајакнување на капацитетот на овие чинители активно да учествуваат во националните процеси за интернет-управување, олеснување на дискусијата, размената на мислења и соработката за прашањата поврзани со интернетот, што се од особен интерес на национално ниво.
Форумот исто така овозможува сите заинтересирани чинители да учествуваат како еднакви, односно рамноправни и да се придонесе во создавањето и одржувањето на блиски врски со регионалните SEEDIG (http://www.seedig.net/) и пан-европски EuroDIG (https://www.eurodig.org/) процеси и процесите на глобалната интернет-заедница за прашањата на управување со интернетот – Internet Governance Forum при UN (http://www.intgovforum.org/multilingual/).

Националната иницијатива ИГФ MKД треба да придонесе за подигнување на јавната свест и за промоција на т.н. multistakeholder пристапот на сите или на повеќето засегнати чинители, како нова форма на партиципативната демократија, односно поттикнување дијалог помеѓу сите засегнати чинители. Институционални партнери во Македонија се Министерството за надворешни работи (МНР) и Министерството за информатичко општество и администрација (MИОА), а домаќин на првиот форум во 2017 година беше токму МНР.
Дополнителни информации во врска со овој настан, односно целата програма може да се погледне на овој ЛИНК.
Регистрацијата ќе биде отворена од 10:00 часот. Ќе може да се следи и онлајн на live-streaming на интернет-страницата: http://igfmkd.mk/mk/ Влезот е слободен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Министерство за енергетика: Се воведува модерен дигитален надзор за ефикасна и зајакната контрола на концесиите за минерални и енергетски ресурси
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека воведува современ дигитален систем и специјализиран дрон за надзор и мониторинг на концесиите за минерални суровини, соларна енергија и ветерни инсталации.
Новата технологија, како што појаснуваат, овозможува прецизно следење на експлоатацијата на минералното богатство, како и проверка на точните координати и инфраструктурата на соларните панели и столбовите за мерење на ветерните паркови.
На овој начин, Министерството, додаваат од таму, ја зајакнува транспарентноста и одговорното користење на природните ресурси.
Новиот систем го зајакнува инспекцискиот надзор, им овозможува на инспекторите да вршат увид без секогаш да бидат физички присутни на терен. Дронот обезбедува побрза реакција, пократко време за контрола и непречено следење на активностите на терен, овозможува подетално следење на работата на концесионерите и значително го намалува ризикот од злоупотреби.
„Со воведувањето на дигиталниот систем и дронот, ја унапредуваме и зајакнуваме инспекциската контрола. Создадовме можност за современ и ефикасен надзор, кој овозможува концесиите да се користат одговорно и согласно законот“, истакна министерката Сања Божиновска.
Вработените во Министерството кои ќе управуваат со дронот поминаа специјализирана обука за негово користење и за правилна интерпретација на податоците добиени од далечинското набљудување. Ова обезбедува професионален, прецизен и современ надзор, усогласен со највисоките стандарди.
Користењето на дронови веќе е дел од стандардната практика во развиените земји, особено за мапирање, инспекциски надзор и мониторинг на енергетски и природни ресурси. Со оваа иновација, Министерството ја следи светската пракса и ја унапредува модернизацијата и ефикасноста во управувањето со ресурсите.
Економија
Поволности за потрошувачки кредити во Халкбанк – што треба да знаете?
Понекогаш човек знае точно што сака да направи, да вложи во нешто важно, да го олесни секојдневието, да поддржи нечија идеја или да создаде поголема удобност во својот дом. Но, исто така знае дека најтешко е да се најде финансиско решение што е стабилно, предвидливо и фер. Во вакви моменти, вистинска разлика прават понудите што носат јасни правила, фиксни услови и чувство на сигурност.
Токму таква е понудата со сет поволности за Промо потрошувачки кредити на Халкбанк кој е наменет за примателите на плата и пензионерите со примања во Банката.
Примателите на плата можат да аплицираат за кредит до 2.500.000 денари, со кредитна способност до 50% од месечните примања. Каматните стапки се фиксни, 5% за отплата до 95 месеци и 5,7% за отплата до 120 месеци, што значи дека месечната обврска останува непроменета во текот на целиот период. Во кредитот е вклучено и осигурување CPI или комбинација Живот + Незгода, како дополнителna безбедност ако се појават неочекувани ситуации.
Пензионерите имаат пристап до посебно прилагодени услови како што е кредит до 600.000 денари, фиксна камата од 5%, кредитна способност до 40% од месечната пензија и рок на отплата до 120 месеци. Овие услови се креирани со цел да создадат сигурност и рамнотежа, без оптоварување на месечниот буџет.
Трошоците се јасно дефинирани и познати уште на почеток, а задолжителното осигурување е дел од вкупната пресметка што дополнително го штити клиентот.
Промотивниот период им дава можност на клиентите да ја искористат стабилноста што оваа понуда ја нуди во време кога фиксните услови се особено вредни. Со вакви производи, Банката продолжува да создава практични и достапни решенија што се усогласени со секојдневните потреби на граѓаните.
ПР
Економија
Гувернерот Славески: Финтек-иновациите ја обликуваат иднината на македонскиот финансиски сектор
Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, на Конференцијата за европска економска интеграција (CEEI 2025) – Финансиската иднина на ЈИЕ: финансирање на растот и иновациите, во организација на Народната банка на Австрија, којашто се одржува во Виена, истакна дека финтек-иновациите значително го олеснуваат пристапот до финансии за граѓаните и за малите и средните претпријатија, ја намалуваат цената на трансакциите и поттикнуваат развој на нови дигитални услуги.
Народната банка веќе создаде платформа за поддршка на финтек-инвестициите, Портата за иновации и Работна група за финтек, како и Стратегија за периодот 2023 – 2027 година, со цел да овозможи поддршка за иновативните компании и компаниите во зародиш (стартап). Законот за платежни услуги и платни системи е усогласен со рамката на ЕУ, овозможувајќи поефикасни и поевтини плаќања и лиценцирање на пет платежни институции и три даватели на електронски пари досега.

Гувернерот Славески посочи дека македонските банки активно инвестираат во дигитализацијата, вклучувајќи биометриска идентификација, технологии во облак и вештачка интелигенција, а соработката со финтек-компаниите расте. Народната банка работи и на регулативни мерки за заштита од онлајн измами и од злоупотреба на личните податоци, како и на подигање на финансиската и дигиталната писменост.
Гувернерот истакна дека довербата во домашната валута е клучот за развојот на локалните пазари на капитал, додека регионалната интеграција и приближувањето кон ЕУ и еврозоната може да донесат пониски трошоци за финансирање, поголема доверба и зголемени инвестиции.
Народната банка и во иднина ќе ги поддржува иновациите во финансискиот сектор, обезбедувајќи стабилност и услови за одржлив економски раст.

