Економија
Втор ден од Самитот на Македонија 2025: Дигитализацијата и елиминирање на корупцијата – предуслови за забрзан економски раст
Дигитализацијата, како една од приоритетните области на делување и платформата за забрзан економски раст на Македонија2025, беше една од темите во фокусот на вториот ден од Самитот што се одржува во Скопје. Токму во насока на значително продлабочување на соработката во областа на дигиталната трансформација, во рамки на Самитот беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Македонија2025, Центарот за дигитална трансформација „ГоДигитал“, Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), „ВИЗА Југоисточна Европа“ и „Клириншка куќа – Клириншки интербанкарски системи АД Скопје“ (КИБС).
Целта од ова партнерство е да се овозможи конкретна поддршка на домашните мали и средни претпријатија во имплементацијата на нови дигитални технологии и производи.
Претседавачот на Одборот на директори на Македонија2025, Мајкл Чкламовски, изрази големо задоволство од воспоставувањето на оваа соработка потенцирајќи дека: „Македонија2025 е целосно посветена на поддршка на Центарот за дигитална трансформација – ГоДигитал. Веруваме дека креирањето на екосистем за дигитална трансформација ќе придонесе кон засилување на конкурентноста и иновативноста на македонската економија”.
На официјалното потпишување на меморандумот присуствуваше и амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија Н.Е. Вероник Улман, која во оваа прилика изјави: „Швајцарија е силно посветена на поддршката на земјата во нејзиниот пат кон одржлив економски развој. Преку нашата развојна програма ги поддржуваме процесите на дигитална трансформација на микро, малите и средни претпријатија, со фокус на агробизнисот и одржливиот активен туризам. Го поддржуваме и ИКТ секторот и веруваме дека ова ново партнерство создава нови деловни можности за ИКТ компаниите во земјата”.
За Горан Анастасовски од КИБС „оваа иницијатива претставува значајна можност за едукација на кадарот во малите и средни претпријатија, а се надеваме и јавната администрација“, со што реално ќе се поттикне процесот на дигитализација во земјата.
Потсетувајќи дека формирањето и поддршката за „ГоДигитал“ од страна на Македонија2025 е дел од стратешката определба на организацијата за нејзино поголемо вклучување во процесот на дигитализација на општеството, со посебен акцент на малите и средни претпријатија, членот на Одборот на директори на Македонија2025 Васко Кроневски истакна: „Целата поддршка која ја дава Македонија2025, преку ресурси и експертиза, е насочена иницијално да го постави и да го креира екосистемот на консултанти и компании кои ќе нудат иновативни решенија, кои ќе овозможат дигитализација на компаниите каде што тие ќе бидат имплементирани, истовремено работејќи сето тоа да биде одржливо на долг рок“.
Искажувајќи задоволство од воспоставувањето на новото партнерство, извршната директорка на Македонија2025 проф. Никица Мојсоска Блажевски оцени дека „со здружување на нашите ресурси и напори заедно ќе придонесеме кон побрза дигитализација барем во еден дел од општеството, конкретно на бизнисите“. Таа најави дека набрзо очекува приклучување и на други организации и компании кон оваа иницијатива.
Инаку, покрај дигитализацијата, во фокусот на вториот ден од годинешниот Самит на Македонија2025 беше и темата за начините за справување со корупцијата како еден од предусловите за забрзан развој, а значајно внимание привлече и панел-сесијата за ефикасните стратегии за привлекување инвестиции во новата глобална ера. На вториот ден од Самитот, на сесијата посветена на демократија и слобода на говор се обрати Крис Павловски, основач на „Рамбл“ и член на Одборот на директори на МК2025, еден од најуспешните Македонци во дијаспората, со големи инвестиции во домашната економија.
Дискусиите во овој дел од Самитот се насочени и кон креирање на нови стратегии за градење прилагодливи синџири за снабдување во услови на глобални нарушувања, околу предизвиците и перспективите за натамошен раст на автомобилската индустрија, за начините на искористување на дигиталните здравствени иновации за подобри медицински услуги во Југоисточна Европа, како и за значењето на податоците и нивната анализа во успехот на бизнисите.
Конференцискиот дел од годинешниот Самит на Македонија 2025, на кој учество зедоа над 50 говорници во 12 панел-сесии и на кој присуствуваа над 500 претставници од домашни, регионални и компании од дијаспората, експерти и лидери, ќе биде затворен со обраќање на потенцијалниот мандатар за состав на новата влада Христијан Мицковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.

