Економија
В понеделник почнува 12. конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура во организација на Народната банка
В понеделник, во Охрид ќе почне Дванаесеттата конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, којашто ја организира Народната банка на Република Северна Македонија во соработка со Банката на Холандија. Годинава, конференциската програма ќе биде на тема „Отворени врати за менување на платежниот пејзаж“, при што во текот на трите конференциски дена ќе бидат отворени поголем број актуелни прашања од платежната сфера.
На Конференцијата, којашто традиционално има меѓународен карактер, и годинава со свои презентации ќе учествуваат претставници на Европската комисија (ЕК), Европската централна банка (ЕЦБ) и Банката за меѓународни порамнувања (БИС), што уште еднаш го потврдува високиот квалитет и препознатливоста на оваа конференција во меѓународни рамки. Претстојното конференциско издание, повторно, во Охрид ќе обедини претставници на централните банки коишто му припаѓаат на Европскиот систем на централни банки и на централните банки од регионот на Западен Балкан и Црното Море, овојпат за да споделат мислења и да дискутираат за најновите светски трендови во областа на плаќањата и предизвиците за нивната примена. Според конференциската програма, на настанот ќе бидат споделени експертски гледишта за повеќе клучни прашања поврзани со промените во правната рамка за платежната сфера во Европската Унија, најновите платежни решенија управувани од финтек-компаниите, отвореното банкарство, развојот на инстант плаќањата, дигиталните валути и крипто-средствата. Во рамки на Конференцијата ќе биде одржана и панел-дискусија на која истакнати експерти од банкарскиот сектор и секторот финтек ќе говорат за светот на отвореното банкарство и за финтек во иновациите на плаќањата.
Конференцијата ќе ја отвори гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, по што со своe излагањe ќе се обрати и Михил ван Дуверен од холандската централна банка. Во текот на првиот конференциски ден, свои излагања ќе имаат и претставници на повеќе централни банки од евросистемот, како и претставник на ЕЦБ. Програмата за вториот конференциски ден ќе започне со обраќања на министерот за финансии, Драган Тевдовски и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, по што меѓу другото свое обраќање ќе има претставник на БИС, а ќе биде одржана и тематската панел-дискусија.
Во текот на третиот, завршен ден на Конференцијата, дел од експертите ќе дискутираат за неколку клучни прашања за новите трендови во платежната сфера и во одделни работни групи. Во текот на конференциската завршница ќе се обрати вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, којашто ќе ги изнесе и заклучните согледби од годинешното конференциско издание.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.
Економија
Биткоинот забележа силен пад
Цената на биткоинот денеска падна под 67.000 долари, првпат од ноември 2023 година, во услови на засилена распродажба и намалена доверба кај инвеститорите, објави Си-Ен-Би-Си.
Биткоинот се тргуваше по цена од околу 67.500 долари, откако претходно во текот на денот падна под психолошката граница од 70.000 долари, што дополнително ја засили распродажбата. Само оваа недела вредноста на криптовалутата е намалена за околу 20%, а во однос на рекордното ниво од октомври минатата година е пониска за речиси 47%.
Аналитичарите предупредуваат дека нивото од 70.000 долари претставува клучна техничка и психолошка граница и дека нејзиното пробивање отвора простор за понатамошен пад, потенцијално кон опсегот од 60.000 до 65.000 долари.
Падот на биткоинот се случува паралелно со слабеењето на технолошките акции во САД и зголемените присилни ликвидации на криптопазарот. Според податоци на Coinglass, оваа недела се ликвидирани повеќе од 2 милијарди долари во долги и кратки позиции.
Во исто време, институционалните инвеститори се повлекуваат. Аналитичката куќа CryptoQuant наведува дека побарувачката од институционални инвеститори значително се намалила. Другите криптовалути исто така бележат значителни загуби.
Економија
„Сетек“ отвора нов продажен салон во Godi Retail Park
Сетек – ја зацврстува својата лидерска позиција на македонскиот пазар со повеќе од 32 години доверба и врвна понуда на најновите производи од најпрестижните светски брендови.
Брендот продолжува со својата мисија да ја донесе технологијата поблиску до своите потрошувачи, да ги понуди најдобрите услови, најповолните цени и најдобрата услуга.
Големото отворање ќе се одржи од 6 до 8 февруари, ново место, нова енергија, нов, модерен Сетек продажен салон во Godi Retail Park – Скопје, со промотивни цени, најголеми попусти и над 300 подароци за најверните купувачи.
Во текот на отворањето, посетителите ќе имаат можност да уживаат во интерактивни демо-зони со тестирање и дегустации на врвни производи, како и специјална забавна програма.
СПЕЦИЈАЛНА ПРОГРАМА:
Петок, 6 февруари – забава со Гораст и Тони Зен
Сабота, 7 февруари – забава со Викса и DJ Дела
Подароци ве очекуваат со секоја сметка над 10.000 денари.
Посетете нè и бидете дел од најголемата технолошка забава во градот!
Количините се ограничени. Промотивните цени важат исклучиво во СЕТЕК Godi Retail Park – Скопје.
(ПР)

