Економија
В понеделник продолжува обесштетувањето на необезбедените доверители на ФЕНИ

В понеделник продолжува обесштетувањето на необезбедените доверители на ФЕНИ, чиишто исплати започнаа минатата недела. ГСОЛ досега инвестирал над 60 милиони евра во рестартирање на фабриката и откуп на побарувањата кон оваа компанија, со план за дополнителни инвестиции во наредните недели.
Компанијата Еуриникел соопшти дека по објавата минатата недела, пристапила кон комерцијални разговори со необезбедените доверители чии побарувања беа утврдени во стечајната постапка на ФЕНИ.
„Повеќе од 80 проценти од вкупниот број необезбедени доверители одговорија позитивно и досега се потпишани договори со поголемиот дел од нив. Првите исплати по потпишаните договори беа направени минатиот четврток и петок, а процесот ќе продолжи од понеделник следната недела. Покрај необезбедените доверители, ГСОЛ го заврши и преземањето на побарувањата на трите локални банки кон ФЕНИ, по што во петокот поднесе официјално известување до Судот во Велес дека тие побарувања се преземени и ја потврди намерата за поднесување план за реорганизација, заради континуитет на активностите за производство на фероникел“, соопшти компанијата.
ЕуроНикел ги охрабрува сите останати доверители кои сé уште не ги контактирале и не започнале преговори, да стапат во контакт со правните советници, Адвокатското друштво Поленак, за преземање следни чекори.
„Ние сме големи оптимисти во врска со динамиката со која се одвиваат работите и брзината со која ги започнуваме позитивните промени во ФЕНИ. Секоја од овие промени значи чекор напред кон сигурна, продуктивна и профитабилна иднина за комбинатот и колку побрзо ги поместиме активностите на ФЕНИ надвор од стечајната постапка, ќе можеме да се посветиме кон засилено производство и пласман на производите на фероникел на европскиот и светскиот пазар. Плаќањето на утврдените обезбедени и необезбедени доверители е еден од клучните чекори во таа насока“, рече Маркос Камхис, директор на ГСОЛ, матичната компанија на ЕуроНикел, по неговата посета на Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Владата: Обезбедени 550 милиони денари за раст на платите во здравството

Од државниот буџет се обезбедени 550 милиони денари за раст на платите во здравството, соопшти Владата.
За само 6 месеци, велат од таму, здравствените работници, медицински сестри, технички и административен персонал добија второ покачување од 5 проценти, со што платата на докторите е зголемена за 4.815 денари, додека на медицинските сестри за 6.200 денари.
„Дополнително, со Буџетот се издвојуваат околу 4.5 милијарди денари за зголемување на капитациониот бод за матичните доктори од општа медицина и гинекологија од 75 на 100 денари или зголемување од 33 проценти, додека за стоматологија од 61 на 75 денари односно зголемување од 23 проценти. Со ова покажуваме дека никој не е заборавен и изоставен, напротив максимално се трудиме за унапредување и поддршка на здравствениот систем и поттикнување на мотивацијата на матичните лекари“, соопштија од Владата.
Наша цел, додаваат од таму, е до крајот на мандатот, платите во здравството да се покачат за 50 проценти.
Економија
Дурмиши: Цените на основните прехранбени производи се стабилизираат, инфлацијата во март е намалена

Инфлацијата во март 2025 година, во споредба со февруари, бележи намалување од 1,3 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, објави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на „Фејсбук“.
„Мерките на Министерството за економија и труд даваат резултати. Цените на основните прехранбени производи се стабилизираат и се намалуваат. На годишно ниво во март 2025 година, во споредба со март 2024, инфлацијата мерена преку трошоците за живот изнесува 2,7 отсто. Континуирано работиме на мерки за подобрување на стандардот на граѓаните и стабилизација на цените“, напиша министерот Дурмиши.
Владата на предлог на Министерството за економија и труд донесе одлука за ограничување на профитната бруто-маржа на 102 групи со основни прехранбени производи, како и одлука за утврдување највисоки цени на 8 групи со основни прехранбени производи. Овие две одлуки стапија во сила на 20 февруари и ќе важат до 30 април 2025 година.
Со одлуката за ограничување на профитната бруто-маржа во трговијата на големо и мало на 102 групи на производи или над 1.000 перехранбени и непрехранбени производи се опфатени:
– 5 отсто профитна бруто-маржа на основите 8 прехранбени производи – млеко, леб, брашно (тип 400 и тип 500), јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко;
– 10 отсто профитна бруто-маржа на прехранбени производи, кои опфаќаат група од 55 прехранбени производи (месо и преработки од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервирани зеленчук и овошје, грав, ориз, тестенини);
– 15 отсто профитна бруто-маржа на 39 прехранбени производи и средства за хигена (свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и друго.
Замрзнати беа цените на 8 групи со основни прехранбени производи: млеко,леб, брашно (тип 400 и тип 500), јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко.
Целта на овие мерки, како што велат од Владата, е заштита на стандардот на граѓаните, намалување на цените на основните прехранбени производи и стабилизација на инфлацијата.
Економија
Од полноќ пониски цени на бензинот, дизелот, мазутот и на екстра-лесното масло за домаќинство

Регулаторната комисија за енергетика донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,87 отсто во однос на одлуката од 1 април.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 0,730%, кај дизелот за 1,046%, кај екстра лесното масло за 1,189% и кај мазутот намалувањето е за 1,815%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,4386%.
Од 8 април од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 76,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 78,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 41,025 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,680 ден/кг и сега ќе изнесува 41,025 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 8.4.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.