Економија
„Гарантирана цена“ – од среда сите производи што ќе имаат намалена цена ќе бидат со ознака, појасни Бектеши

Министерот за економија Крешник Бектеши информира дека сите анализи за поевтинување на производите се направени. Појасни дека идејата е производите што ќе бидат опфатени со мерката да бидат обележани за граѓаните полесно да ги препознаат.
Владата, утре, на седница ќе ја утврди листата на производи што од среда ќе се продаваат по намалена, гарантирана цена, и тие не ќе смеат да поскапат до 30 ноември. Станува збор за 25 категории и над 50 производи од пекарската, месната, млечната и од кондиторската индустрија, кои во маркетите ќе се продаваат со ознака, а ќе чинат колку што се продавале на 1 август и дополнително на тоа, намалени за минус 10 отсто, истакна Бектеши.
Владата ги повикува компаниите, како што рече тој, до среда сами да предложат цени на артикли што би се намалиле 10 %.
Од среда Пазарниот инспекторат ќе ги контролира трговците, а на располагање, како што рече Бектеши, ќе има и нова мерка, односно ќе може да се изрече и забрана за работење, а не како претходно глоба.
„Ги повикувам производителите и дистрибутерите што не се наоѓаат на листата доброволно да се пријават за намалување на цените, односно да не се почувствуваат дискриминирани, да се пријават нивните производи да имаат ознака ‘гарантирана цена’. Јас утре ќе имам разговори со производителите и дистрибутерите на алкохолни и безалкохолни пијалаци и чекам позитивен одговор за да се намалат и нивните цени до 30 ноември. Има интерес од одредени компании во вакво кризно време да станат општествено одговорни компании и да им излезат во пресрет на граѓаните“, изјави Бектеши и најави казни за злоупотреби во согласност со Законот за трговијата и Законот за потрошувачите.
Најави и измени во делот на акциите што може да ги прават маркетите. Тој објасни дека ќе бидат дозволени акции на производи заради уште пониски цени од гарантираната. Но, ако има акција поради истек на рокот на некој производ, тоа јасно мора да им биде нагласено на потрошувачите за да не бидат доведени во заблуда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски најави нова инвестиција во Штип

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на најавата на директорот на Технолошко-индустриските развојни зони за 4 нови странски инвестиции, изјави:
„Во текот на вчерашниот ден, во разговор со директорот, имаме добра вест, нова инвестиција, потврдена во индустриската зона во Штип. Фабрика којашто ќе вработи до 150 луѓе. Фабрика којашто ќе инвестира некаде околу 35 милиони евра. Којашто во својот пик за три години од денес ќе извезува 300 милиони евра коишто ќе влезат во Бруто домашниот производ и ќе произведува батерии и тоа е добро. И тоа е добро, а за сите овие други, да имаме и потврди и полека ќе ги објавуваме. Ова е веќе договорено со инвеститорот и заради тоа го кажав, инаку фабриката е од земја од Европска Унија, да немаме дилема.“
Економија
Дизелот поевтинува за 2,5 денари

Од ноќеска на полноќ дизелот ќе поевтини за 2,5 денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 77,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 79,50 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 70,50 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 72,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,188 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,499 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), не се менуваат.
Економија
Во Народната банка се одржа 54. сесија на Клубот на истражувачите

Во Народната банка се одржа 54. сесија на Клубот на истражувачите на која беше претставен научниот труд „Макроекономски, институционални и финансиски детерминанти на дефицитот на тековната сметка во Северна Македонија: Согледувања преку временски серии“ од авторот Бардул Даути.
Сесијата ја отвори директорката на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика, Султанија Бојчева-Терзијан, која посочи дека презентираниот труд нуди значајни сознанија за макроекономските и институционалните фактори коишто влијаат на дефицитот на тековната сметка во Република Северна Македонија. Таа нагласи дека надворешната позиција на македонската економија има особено значење, имајќи ја предвид стратегија на фиксен девизен курс, што ја спроведуваме. Во таа насока, одржливата тековна сметка претставува клучен елемент за зачувување на севкупната макроекономска стабилност.
Главниот заклучок на емпириската анализа е дека дефицитот на тековната сметка е резултат на макроекономски фактори – производниот јаз, како индикатор на домашната побарувачка, трговската отвореност и реалниот девизен курс. Дополнително, влијание имаат и фискални и финансиски фактори, како што се јавниот долг и паричната маса (М2), соодветно. Сепак, клучниот придонес на овој труд е вклучувањето на т.н. институционални фактори и оцената на нивното влијание врз билансот на тековната сметка. Студијата покажува дека силните институции – особено поефикасното управување, зголемениот квалитет на јавните услуги и заштитата на економските права, како што е правото на сопственост – можат значително да придонесат за подобрување на тековната сметка на платниот биланс. Овие заклучоци упатуваат дека, институционалните реформи се исто така важен сегмент за зајакнување на надворешната стабилност на економијата.
По презентацијата, следеше дискусија меѓу учесниците и презентерите, поттикната од презентацијата на трудот и од изнесените заклучоци. Следната сесија е планирана за септември годинава.