Економија
Германскиот регулатор не гледа правна пречка за Северен тек 2
Германскиот мрежен регулатор Bundesnetzagentur смета дека не постојат законски пречки за градење на гасоводот Северен тек 2, пренесува агенцијата ТАСС наведувајќи го написот за оваа тема на германскиот весник Frankfurter Allgemeine Zeitung кој се повикува на писмото на челникот на споменатата агенција Јохен Хоман до Европската комисија.
Според написот, Јохен Хоман не гледа законски пречки ниту на ниво на Европската унија ниту според германското законодавство, истакнувајќи дека подморскиот дел од гасоводот не е во надлежност на европските регулатори.
„Промената на дополнителните услови за проектот Северен ток 2 би претставувала очигледна дискриминација“, рекол Хоман.
Агенцијата ТАСС потсетува на истапот на сегашниот германски министер за надворешни работи Зигмар Габриел кој во февруари оцени дека Европската унија треба да се придржува до своите одлуки за либерализацијата на пазарот на гасот, бидејќи Европската унија е заинтересирана за диверзификацијата на снабдувањето.
Компанијата „Nord Stream“, филијала на рускиот енергетски гигант „Газпром“ објави на 22-ри февруари дека со швајцарската компанија „Allseas“ договорила полагање на цевките од гасоводот на морскиот дел од гасоводот Северен тек 2.
Проектот Северен тек 2 вклучува изградба на две траси на гасоводот, со вкупен капацитет од 55 милијарди кубни метри гас годишно, од Русија во Германија преку Балтичкото Море. Трасата е идентична како и постојниот гасовод Северен тек, со кој управува компанијата „Nord Stream“.
Претходно беше планирано „Газпром“ во заедничкиот проект Северен тек 2 во компанијата којашто би го реализирала проектот да има 50 отсто удел, додека остатокот од по 10 отсто да им припадне на компаниите „Uniper“ (поранешен E.ON), BASF/Wintershall, Shell, OMV и ENGIE. Меѓутоа, партнерите се откажаа откако се појавија проблемите со полската агенција за антимонопол.
Полска се противи на градењето на Северен тек 2 стравувајќи дека преку Германија ќе има преголем удел на рускиот гас на нејзиниот пазар. Полска, исто така, изјави дека плановите за изградба на уште еден гасовод кој би ги поврзувал Русија и Германија, ткн Северен тек-2, не се економски мотивирани, туку имаат политички причини.
Уште неколку држави од средна и источна Европа му пишаа протесно писмо на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, сметајќи дека овој гасовод не е во согласност со европското енергетско законодавство и стратешките цели. САД, пак, овој проект го сметаа за „давање ветер в грбот“ на европската зависност од рускиот гас.
Во декември 2015-та Италија се обиде да го блокира продолжувањето на санкциите на ЕУ против Русија поради украинската криза и истапи противи изградбата на рускиот гасовод Северен тек-2, кој го форсира и делумно финансира Германија, откако Европската комисија со своите активности всушност предизвика Москва да се повлече од проектот Јужен тек, со кој со природен гас требаше да се снабдува и Италија. Тогашниот премиер Матео Ренци отворено ја обвини Унијата за „двојни стандарди“.
Од друга страна, пак, Германија го поддржува проектот Северен тек 2, како и австриската компанија OMV која оцени дека е овој гасовод е многу важен за европската енергетска безбедност, бидејќи алтернативното снабдување со гасот низ Украина, која е исполитизирана со затегнатите руско-украински односи и во минатото доведе до три ткн „гасни војни“ со што беа оштетени корисниците во Европа.
Според достапните информации, снабдувањето преку Северен тек во 2015 година изнесувало 39 милијарди кубни метри гас, или 70 отсто од проектираните капацитети на гасоводот.
Почетокот на функционирањето на гасоводот Северен тек -2 (Nord Stream 2 AG) е предвиден за крајот на 2019 година. Тој ќе минува по дното од Балтичкото Море од рускиот брег до брегот на Германија. Капацитетот на секоја од овие две маршрути е 27,5 милијарди кубни метри гаса годишно. Капиталните расходи за проектот се проценуваат на 8 милијарди евра, а вкупните трошоци врз основа на привлекување на финансиите за проектот се процените на 9,9 милијарди евра./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
ОКТА АД – Скопје со силни резултати во 2025 година во пазарна средина исполнета со предизвици
Финансиски резултати за 4-тиот квартал / 12 месеци од 2025 година

*Прилагодена за ефектот на вреднување на залихите
ОКТА АД – Скопје Годишни резултати за 2025 година
Во 2025 година, глобалниот пазар на деривати беше обликуван од геополитичка несигурност и еволуирачки енергетски политики, што резултираше со повремена нестабилност на цените. Ризиците по снабдувањето поврзани со регионалните конфликти и нестабилните трговски рути беа делумно компензирани со зголемено производство од главните извозници, ублажувајќи ги ценовните притисоци во споредба со 2024 година. Намалената индустриска активност на клучните пазари го ограничи растот на побарувачката и придонесе за стабилизација на цените во втората половина од годината.
Во Југоисточна Европа, геополитичките случувања и регулаторните промени продолжија да влијаат врз пазарните услови. Во Северна Македонија, воведувањето на новиот Закон за енергетика во средината на 2025 година и тековните регулаторни прилагодувања влијаеја врз динамиката на цените и конкуренцијата. По благиот пад во 2024 година, локалниот пазар покажа знаци на закрепнување во текот на 2025 година.
Во овие услови, ОКТА успешно се справи со регионалните флуктуации во снабдувањето и силните притисоци од конкуренцијата како на домашниот така и на извозниот пазар. Компанијата ја задржа својата утврдена водечка позиција во големопродажбата, додека структурата на малопродажниот пазар остана во голема мера непроменета. Во текот на целата година, ОКТА се фокусираше на дисциплинирано комерцијално извршување, разумно управување со маржите и насочени, стратешки иницијативи.
Финансиски остварувања
Приходите од продажба за фискалната 2025 година изнесуваа 38.492 милиони денари, во споредба со 44.263 милиони денари во 2024 година, првенствено поради пониските меѓународни цени на горивата и намалениот обем на извоз. Во четвртиот квартал од 2025 година, приходите од продажба се зголемија за 5% на годишно ниво на 10.179 милиони денари.
Бруто добивката порасна на 1.324 милиони денари во фискалната 2025 година од 1.169 милиони денари во претходната година, поткрепена од поголемата домашна продажба, зголемените испораки кон Државните резерви и зголемено тргување со електрична енергија. ЕБИТДА достигна 652 милиони денари, во споредба со 501 милион денари во 2024 година, што одразува поголем домашен обем, намалена изложеност на нестабилност на цените и поголема продажба на електрична енергија. ЕБИТДА во четвртиот квартал од 2025 година изнесуваше 139 милиони денари, што е намалување од 16% на годишно ниво, главно предизвикано од нестабилноста на цените на горивата и пониските маржи на електричната енергија.
Добивката пред оданочување во фискалната 2025 година значително се зголеми на 667 милиони денари, во споредба со 238 милиони денари во 2024 година. Покрај подобрените оперативни остварувања, резултатот е одраз и на помала амортизација по еднократната забрзана амортизација во 2024 година, предвидениот поврат на Данокот на солидарност од 50 милиони денари платен во 2023 година и оптимизирано управување со готовината. Во четвртиот квартал од 2025 година, добивката пред оданочување изнесуваше 177 милиони денари во споредба со 87 милиони денари во четвртиот квартал од 2024 година.
Оперативните трошоци останаа генерално стабилни на годишно ниво. Во 2025 година компанијата продолжи да работи без долг, во континуитет со претходните години. На 29 мај 2025 година, Собранието на акционери одобри распределба на дивиденда од 182,8 милиони денари, што е еднакво на 240,00 денари по акција.
Стратегија и перспектива
ОКТА ја заврши 2025 година со пазарен удел од 67% во Северна Македонија и 29% во Косово, надминувајќи ги планираните цели за профитабилност. Компанијата останува посветена на зајакнувањето на својата лидерска позиција на пазарот, оптимално користење на продуктоводот Солун – Скопје и складишната инфраструктура, како и обезбедување долгорочна сигурност во снабдувањето.
ОКТА продолжува да ја развива својата стратегија за диверзификација, при што значајно вложува и во обновливи извори на енергија. Во текот на годината, компанијата инвестираше 63 милиони денари во проекти од оваа област и се фокусира на максимално искористување на инсталираниот соларен капацитет од 12 мегавати како и идниот систем за батериско складирање. Плановите вклучуваат понатамошно проширување на фотоволтаичните системи и решенијата за складирање.
Корпоративна оштествена одговорност
Во четвртиот квартал, ОКТА дополнително ја зацврсти својата стратешка посветеност кон одржливоста, проширувајќи ги донациите на кровни фотоволтаични системи за образовни институции во Скопје, Битола и Штип. Овие инвестиции ја подржуваат националната цел за зголемување на енергетската ефикасност и обезбедуваат мерливи еколошки продобивки преку значително намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Дополнително, компанијата спроведе иницијатива за општествена одговорност кон животната средина, организирајќи акција за пошумување во Националниот парк Јасен, во склоп на тим-билдинг програмата.
Паралелно со овие иницијативи, ОКТА продолжи да го негува и промовира националното културно наследство преку поддршка на реномираните културни фестивали и продлабочена соработка со релевантните културни институции во земјата. Годината ја заокружи со засилен фокус на вклучувањето на заедницата, акцентирајќи ја поддршката за образованието и ранливите групи преку целни донации и општествени иницијативи. За да го сподели напредокот на транспарентен начин и да ја зајакне својата улога како одговорен корпоративен лидер, ОКТА одржа брифинг за медиумите на кој ги претстави клучните достигнувања во текот на годината.
ПР
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.

