Економија
Германските железници им исплаќаат на работниците бонус од 100 евра за заштеда на енергија

Германската железница (Deutsche Bahn DB), како еден од најголемите потрошувачи на електрична енергија во земјава, како дел од акцијата за заштеда на енергија, сака на сите вработени да им исплати бонус од 100 евра за да ги мотивира да штедат.
„Без разлика дали станува збор за осветлување, греење или користење на скалите наместо лифтот, дури и малите заштеди на крајот можат да додадат значителна сума“, рече шефот за човечки ресурси на ДБ, Мартин Сеилер.
Бонусот изнесува 100 евра, а дополнителни 50 евра за работниците со идеи за дополнителна заштеда
Сто евра бонус за повеќе од 200.000 вработени ќе чини околу 20 милиони евра, за кои концернот верува дека ќе може да заштедат на струја преку дополнителна мотивација на вработените.
Секоја идеја што придонесува за дополнителна заштеда на енергија администрацијата ќе ја награди со дополнителни 50 евра. Од вторникот вечерта, ЛЕД панелите за осветлување на административната зграда на ДБ на плоштадот Потсдам во Берлин се исклучени. Слични подготовки се прават и со останатите административни згради на компанијата.
Со околу десет терават часови годишно, ДБ е еден од најголемите потрошувачи на електрична енергија во Германија. Повеќе од 62 отсто од потрошената енергија сега доаѓа од електрична енергија од обновливи извори.
Како подготовка за можен недостиг на гас, кој делумно се користи за производство на електрична енергија, федералните и покраинските власти донесоа уредби за зачувување на енергијата кои вклучуваат правила за ограничување на загревањето на јавните простори оваа зима.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Николоски-Казидакис: истакната одлучноста на двете влади за изградба на брзата пруга на Коридорот 10

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска во Атина оствари работна средба со вицепремиерот на Владата на Грција, Костис Казидакис.
Ова е прва средба на двајцата вицепремиери со која се истакна важноста и промоција на економската соработка и регионалните инфраструктурни проекти.
На средбата беа потврдени заложбите на двете земји за подобра регионална соработка во делот на инфраструктурата, транспортот и услугите.
Беа презентирани стратешките приоритети на Владата во инфраструктурата и се потенцира важноста од поефикасно регионално поврзување како предуслов за забрзан економски развој на регионот.
Се истакна силната одлучност на двете Влади за изградба на брзата пруга на коридорот 10, регионален проект кој ќе овозможи развој на трговијата, зголемување на размената меѓу двете држави и брза врска на пристаништата во Грција со пазарите во Централна Европа.
На средбата се презентираа условите за инвестирање во земјата како и можноста за поголема економска и трговска соработка меѓу бизнис заедницата на двете земји.
Соговорниците заклучија дека соработката и реализацијата на проектите од регионално значење ќе продолжи во следниот период во насока на зголемување на ефикасноста на транспорот и меѓуграничната соработка.
Економија
Дурмиши со раководството на ЦАМЛ: Заеднички чекори за одржлив развој со фокус на работни места

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска оствари работна средба со главниот извршен директор на „Централ Азија Металс“ (ЦАМЛ), Гавин Ферар. На средбата присуствуваше и директорот за одржливост на Рудник САСА, Ивица Талевски.
Разговорите беа насочени кон досегашниот развој на рударскиот комплекс „САСА“, кој е една од најзначајните компании во рударската индустрија во државата, како и кон плановите за понатамошни инвестиции и примена на меѓународни стандарди во одржливото работење.
ЦАМЛ е во процес на завршување на повеќегодишна програма за капитални инвестиции во САСА, во вкупна вредност од приближно 47 милиони американски долари. Оваа програма има за цел воведување нови рударски методи и усогласување на складирањето на минералниот отпад со најдобрите меѓународни практики.
Менаџментот на компанијата го информираше Дурмиши за досегашните резултати од работењето и потенцијалот за понатамошен раст, вклучително и во делот на заштита на животната средина и подобрување на условите за работа на вработените. Притоа беше истакнато дека создавање на поволни услови за натамошен одржлив развој на рудникот и неговиот придонес за локалниот економски развој во Македонска Каменица остануваат врвен приоритет на компанијата.
Министерот ја нагласи поддршката од Владата за сите инвеститори кои покажуваат долгорочна визија и одговорност кон локалната заедница.
„Со успешни инвестиции како оваа, ја зајакнуваме економијата, обезбедуваме услови за стабилни работни места и испраќаме јасна порака дека Северна Македонија е сигурна и атрактивна дестинација за инвестирање. За нас како министерство и Влада секое работно место значи подобар стандард за граѓаните“, рече министерот.
На средбата, соговорниците се согласија дека клучно е продолжувањето на соработката во насока на развој на рударската индустрија со почитување на највисоки стандарди за здравје и безбедност на работниците, како и заштита на животната средина.
Економија
Народната банка почна проект за модернизација и за унапредување на статистиката и на платните системи

Народната банка, со поддршка од Европската Унија, започна со остварување на проектот „Зајакнување на капацитетот на Народната банка во областа на екстерните статистики, платежната статистика и платните системи“. Целта на проектот е модернизација на институцијата и приближување до европските стандарди, што ќе овозможи посигурни услуги и поголема доверба кај јавноста.
Проектот се состои од две клучни компоненти: статистиката и платните системи – области коишто претставуваат темел на монетарната политика и модерната финансиска инфраструктура.
Првата компонента се однесува на воспоставување склад на податоци за екстерните статистики. Овој податочен склад ќе овозможи современ, автоматизиран и флексибилен модел за собирање, обработка и анализа на податоците за билансот на плаќања, странските директни инвестиции и меѓународната инвестициска позиција. И покрај високото ниво на усогласеност со европските барања, дигитализацијата на процесите ќе овозможи попрецизни, подетални и меѓународно споредливи податоци. Модернизацијата на техничките решенија коишто се користат во процесот на подготовка на квалитетна и навремена статистика, ќе овозможи подобар пристап до информации за граѓаните, компаниите и за институциите, ќе ја зголеми ефикасноста и транспарентноста во работењето и ќе ја поддржи земјата во подготовките за пристапување кон Европската Унија.
Втората компонента е усвојување на новиот светски стандард ISO 20022 во платниот систем МИПС. Усвојувањето на овој меѓународен стандард ќе ја засили интероперабилноста помеѓу домашните и меѓународните платни системи, а особено платните системи со кои управува Европската централна банка и во рамките на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), како основа за забрзување, поедноставување и поевтинување на прекуграничните плаќања во иднина. Придобивките од овие промени несомнено ќе ги почувствуваат сите сегменти на економијата – банките, компаниите, населението и државата. Со оваа трансформација се создаваат предуслови за поефикасни финансиски пазари, посилна конкурентност и поефикасно управување со ликвидноста на банките и компаниите, како и за подобро корисничко искуство за граѓаните.
Гувернерот Трајко Славески посочи: „Европската Унија, како една од најзначајните партнерки на Народната банка, постојано ги поддржува нашите заложби, благодарение на што, нашата централна банка постигна значителен напредок во унапредувањето на централнобанкарските активности ‒ од создавање алатки за објавување податоци (модерен веб-портал), преку поддршка за развивање нова статистичка област ‒ статистиката на финансиските сметки, како и поддршка на голем број активности поврзани со новиот Закон за платежни услуги и платни системи и со пристапувањето во СЕПА. Заедно со европското централнобанкарско семејство, учиме и се приближуваме кон најдобрите меѓународни стандарди, но и градиме ИТ-инфраструктура за нивна примена.“
Амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас посочи: „Ова не е само технички проект, туку инвестиција во отпорноста, транспарентноста и довербата — инвестиција во модернизацијата на банкарскиот систем. Приклучувањето на Северна Македонија кон единствената област за плаќања во евра оваа година ќе придонесе за надградба на статистичката и платежната инфраструктура, што дополнително ќе ја усогласи земјата со европските стандарди и ќе донесе конкретни придобивки за граѓаните, компаниите и за економијата во целина.“