Економија
Групацијата Арикома ја купува компанијата „Мусала Софт“
Групацијата АРИКОМА (ARICOMA) и „Мусала Софт“ најавуваат договор за аквизиција на „Мусала Софт“. Групацијата АРИКОМА, која е дел од KKCG, е европски давател нa ИТ услуги и напредни технологии, кој се развива со забрзано темпо. Оваа инвестиција е уште еден чекор напред во стратешкиот развој на АРИКОМА.
Со „Мусала Софт“, Групацијата АРИКОМА ќе се состои од 10 технолошки компании со консолидирани приходи од 400 милиони евра, добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA) од 39 милиони евра, и повеќе од 4000 вработени.
„Со преземањето на ‘Мусала Софт’, стануваме лидер во развојот на софтвер од Југоисточна Европа. ‘Мусала‘ природно се вклопува кон АРИКОМА и нашата цел да станеме европски лидер, и токму затоа се радуваме што ќе работиме заедно. Нивната иновативна култура и извонреден кадар дополнително ќе ги зајакнат нашите вештини како и нашиот потенцијал на пазарот. Принципите за развој на бизнис што ги има инкорпорирано лидерскиот тим на компанијата, во фокус го ставаат клиентот и се темелат на пристапот за решавање на проблеми. Веруваме дека, како дел од АРИКОМА, ‘Мусала‘ ќе доживее значителен успех и дека заеднички ќе ги забрзаме нашите долгорочни планови за раст и создавање вредност“, вели Лудовик Гауде, извршен директор на АРИКОМА Дигитал.
„Со нетрпение чекаме да ги здружиме нашите сили со АРИКОМА и KKCG и да започнеме ново и побрзо поглавје од нашиот развој. Взаемната синергија, која се должи на заедничка и комплементарна база на клиенти и експертиза, ни дава доверба и ја зголемува возбудата за она што е пред нас. Се разбира, ние ќе ја задржиме, а заедно и ќе ја продлабочиме посветеноста за развојот на ИТ заедницата, деловната клима, информатичкото образование, науката, иновациите и поддршката на млади таленти“, вели Елена Маринова, претседател на Одборот на „Мусала Софт“.
„Задоволен сум што успеавме да постигнеме договор со ‘Мусала‘. Ова е наша втора аквизиција годинава и е дел од нашата стратегија да ја издигнеме АРИКОМА во значаен играч во Европа. ‘Мусала‘ има интересно портфолио на клиенти, што ќе ги зајакне нашите вертикали во телекомуникацискиот, финансискиот и автомобилскиот сектор. И покрај предизвиците со кои се соочува денешницата, ИТ секторот продолжува да расте и да ја зголемува својата релевантност. Ние остануваме оптимисти во однос на долгорочниот потенцијал на индустријата“, додава Михал Томанек, директор за инвестиции во технологија на Групацијата KKCG, инвестициската компанија што стои позади Групацијата АРИКОМА.
Договорот кој го потпишаа сопствениците на „Мусала Софт“ и групацијата АРИКОМА е за продажба на 100-процентен удел во компанијата. Целокупниот менаџерски тим на „Мусала Софт“ ќе остане во одборот на долг рок и активно ќе учествува во градењето на иднината на АРИКОМА. Се очекува трансакцијата да биде одобрена од соодветните антимонополски институции и да се реализира во четвртото тромесечие од оваа година.
За финансиската страна на продажбата, „Мусала Софт“ се советуваше со Deepak Bhandari од Marylebone Capital Advisors Private Limited, додека CMS Cameron McKenna беше во улога на правен советник.
За Мусала Софт
Мусала Софт нуди напредна генерација на софтверски производи и корпоративни решенија за влијателни организации ширум светот, обезбедувајќи висококвалитетни софтверски инженерски услуги во областа на AI, Big Data, IoT, Analytics, Cloud, и Integration. Професионалниот тим на Мусала Софт поседува експертиза и креативност за справување со сите елементи од животниот циклус на софтверот. Клиентите на Мусала Софт се сложени, иновативни и современи претпријатија од информатичкиот, телекомуникацискиот, финансискиот и автомобилскиот сектор, кои се посветени на растот и стабилноста и ја градат својата иднина смело воведувајќи нови идеи. Некои од нив се IBM, SAP, VMware, Deutsche Telecom, A1, Generali, Canaccord, Experian, Procredit Bank, PTV Group, EDAG, Bosch, KPMG, PerkinElmer, Siemens Energy, и Financial Times.
Основана во 2000 година со седиште во Бугарија, Мусала Софт има тим од 750 вработени од над 10 националности кои се лоцирани во Бугарија, Северна Македонија, Египет, Албанија и Косово. Мусала Софт е горд добитник на повеќе државни и меѓународни почести и признанија за развој на таленти, наука и иновации, квалитет на софтверски решенија, лидерство и корпоративна општествена одговорност.
За групацијата АРИКОМА
Групацијата АРИКОМА е водечки давател на ИТ услуги од Централна Европа со значително присуство во Скандинавија. Од своите 8 центри за испорака со седиште во Европа, АРИКОМА обезбедува услуги за над 1000 клиенти на 15 пазари. Фокусот на АРИКОМА е да им помогне на клиентите од приватниот и јавниот сектор да се справат со променливите барања, ризици и деловни можности. Преку компаниите од своето портфолио, АРИКОМА испорачува сеопфатни решенија за дигитална трансформација, вклучувајќи UX дизајн и консалтинг, сопствен развој на софтвер, ИТ инфраструктура и управување со ИТ операции, операции во cloud и безбедносни услуги во cloud. Меѓу позначајните членови на групацијата АРИКОМА се вбројуваат: Seavus – компанија за развој на сопствени софтверски решенија со седиште во Шведска, Централна и Источна Европа, Stratiteq – шведска компанија за развој на софтвер, AUTOCONT – системски интегратор со седиште во Чешка и Словачка, Cleverlance Enterprise Solutions и KOMIX – компании за развој на сопствен софтвер, AEC – специјалист за услуги од областа на кибер безбедноста, и CESEA – владин специјалист за дигитална трансформација.
За KKCG
Групацијата KKCG, предводена од Карел Комарек, еден од најуспешните претприемачи во Чешка, е меѓународна инвестициска компанија со вкупна вредност од над 9 милијарди евра. KKCG ги развива своите бизнис активности во 33 земји ширум светот, а нејзини клучни сектори вклучуваат игри на среќа, енергетика, технологија и недвижнини. Поседува акции во многу водечки компании, како Allwyn (лотарија и игри), групацијата АРИКОМА (информатички технологии), групацијата MND (недвижнини), и Springtide Ventures (фонд за ризичен капитал со инвестиции во европски и израелски старт-ап компании).
Семејната фондација Карел Комарек поддржува најразлични проекти, меѓу кои: изградба на новиот REACH објект во Центарот за изведувачки уметности Џон Ф. Кенеди, поддршка за украинскиот народ и украинските бегалци во Чешка, веднаш по избувнувањето на војната, реставрација на Јужна Морава која беше оштетена од торнадото во 2021 година, и многу проекти за зачувување на чешкото културно наследство, вклучувајќи го и водечкиот меѓународен музички фестивал Дворжак Прага.
ПР-текст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Владата, бизнисот и синдикатите во координирана акција за намалување на сивата економија
Владата, бизнис заедницата, синдикатите и академската заедница денеска на Годишна конференција на тема „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“ упатија порака за заедничка борба во намалување на сивата економија. Конференцијата се одржа во организација на Владата на РС Македонија/Министерството за финансии, заедно со Организацијата за развој на Обединетите нации – УНДП, Меѓународната организација на трудот – МОТ и Економскиот факултет – Скопје.
На официјалното отворање на Конференцијата се обратија претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, деканот на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Мијалче Санта, националниот координатор на Меѓународната организација на трудот за РС Македонија, Емил Крстановски и постојаниот претставник на УНДП во РС Македонија Армен Григоријан.
„Нашата цел е јасна – формалната економија да стане попривлечна од неформалната. Да биде полесно, поисплатливо и посигурно да се работи легално. Но, да бидеме искрени оваа борба не може да биде само инспекциска, таа мора да биде и системска. Затоа работиме на: дигитализација на процесите – е-фактурирање, електронски пријави, поврзување на бази на податоци, намалување на административните бариери за регистрација на бизнис, стимулации за формално вработување и поддршка за микро и мали претпријатија, како и зголемена транспарентност и размена на податоци меѓу институциите“, истакна премиерот во воведното обраќање и додаде дека стратегијата на Владата се темели на три принципи, а тоа е поедноставување, правичност и поддршка.
Министерката за финансии Димитриеска-Кочоска порача дека Владата со системски и одлучен пристап преку адресирање на нелојалната конкуренција создавање фер и транспарентни услови за работа ќе работи на формализација на неформалната економија.
„Нашата цел е формализација, правичност и создавање еднакви правила за сите. Ќе пристапиме системски и одлучно преку адресирање на нелојалната конкуренција, создавање фер и транспрентни услови за работа и обезбедување чесните компании да не бидат ставени во подредена позиција. Формализација која ќе ја поттикнеме преку поедноставени административни процедури, олеснет пристап до регистрација и јасни правила. Ќе ги охрабриме субјектите од неформалниот сектор да преминат во формалната економија преку поддршка, а не само преку санкции“, истакна министерката.
Министерот за економија Бесар Дурмиши наведе дека намалувањето на неформалната економија бара системски, конзистентни и одржливи решенија.
„Работата во неформалната економија често значи небезбедни услови, долги работни часови, недефинирани работни односи и отсуство на социјална и правна заштита. Непријавените работници се лишени од основните права што произлегуваат од работниот однос, додека компаниите што работат легално се ставаат во понеповолна позиција. Затоа, намалувањето на неформалната економија бара системски, конзистентни и одржливи решенија. Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Министерството за економија и труд и досега спроведуваше активни политики преку Оперативниот план за вработување. Но, анализите покажаа дека дел од лицата и понатаму остануваат надвор од формалните текови. Токму затоа, оваа година се издвоени 40 милиони евра за новиот Оперативен план за вработување, со мерки што директно ќе придонесат за формализација и отворање нови работни места. Дополнително, донесен е Законот за работно ангажирање на лица, чија основна цел е формализација на одредени форми на работа и одговор на реалните потреби на пазарот на труд. Од 1 јануари 2026 година започнува примената и на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој стимулира компании што инвестираат, отвораат нови работни места и остваруваат раст“, посочи Дурмиши.
Деканот на Економски факултет – Скопје при УКИМ, Мијалче Санта рече дека борбата против неформалната економија е долгорочен процес. „Таа, посочи, бара стабилни институции, предвидлива регулаторна рамка, стимули за формализација и постојан дијалог меѓу државата, бизнисите, работниците и експертската јавност. Економскиот факултет – Скопје ќе продолжи да биде сигурен партнер во овој процес преку истражување, анализа, едукација и јавна дебата. Нашата мисија е да придонесуваме кон креирање политики засновани на знаење и факти, во интерес на одржлив економски и национален развој. Доколку сакаме пониска неформална економија, мора да градиме посилна, поправедна и поконкурентна формална економија – економија во која правилата се јасни, институциите се ефикасни, а довербата е заедничка вредност“, рече деканот на Економскиот факултет.
Националниот координатор на Меѓународната организација на трудот, Емил Крстановски истакна дека формализацијата на неформалната економија, од перспектива на МОТ, е клучна за унапредување на достоинствената работа, социјалната правда и инклузивниот економски раст.
„Неформалноста често значи отсуство на работнички права, социјална заштита и безбедни и здрави услови за работа, а воедно ја поткопува продуктивноста, јавните приходи и фер конкуренцијата. Преку промовирање на избалансиран пристап, кој комбинира поддржувачки мерки за претпријатијата, посилна заштита на трудот, социјален дијалог и ефективно, но правично спроведување, формализацијата помага работниците да уживаат сигурност и права, бизнисите да се натпреваруваат на рамноправна основа, а Владата да го прошири опфатот на социјалната заштита и одржливиот развој“, рече Крстановски.
Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП Армен Григоријан рече дека преку проектот „Поддршка на реформите во јавните финансии“ финансиран од Министерството за финансии на Словачката Република, изграден е софистициран систем кој јасно ги согледува вистинските размери на неформалната економија.
„Со опремување на ревизорите со нови аналитички алатки, овозможивме секоја фискална препорака да биде поткрепена со прецизни податоци. Покрај ова, придонесовме и за синхронизација на националните стратегии и воведување на дигитални алатки за мониторинг во реално време, со што помогнавме одлуките и решенијата што ќе се носат да бидат засновани на факти“, рече постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП.
Во рамки на Конференцијата беше потпишана „Декларација за партнерство и акција: Заедничка посветеност за формализација на неформалната економија во Северна Македонија“. Потписници беа претставници на клучни министерства во формализација на неформалната економиија, претставници на стопански комори, организации на работодавачи, синдикати, како и претставници на академската заедница.
Во панел дискусии на Конференцијата учесниците дебатираа за креирање политики за ефикасен процес на формализација на неформалната економија и на тема „Како до пазар на труд, деловно и институционално окружување што ги поттикнува граѓаните, работниците и бизнисите да функционираат во формалниот сектор“. Од страна на професорите Борче Треновски и Биљана Ташевска од Економскиот факултет при УКИМ, беше одржана презентација на тема „Детерминанти и ефекти од неформалната економија – со посебен осврт на Република Северна Македонија“.
Економија
Трипуновски: Зголемување од 15 проценти на откупот и продажбата на земјоделски производи во последното тримесечје, споредбено со лани
„Минатата година, следејќи ги сите тримесечја во споредба со 2024 година, и последниот извештај потврди позитивни трендови во земјоделството. Според официјалните податоци, откупот и продажбата на земјоделските производи во последното тримесечје изнесуваат 12,5 милијарди денари, што претставува раст од 15% во однос на истиот период од 2024 година“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Струмица.
Тој додаде дека растот не се однесува само на откупните и продажните цени, туку и на зголемениот квантитет на земјоделски производи.
„Според табелите објавени од Државниот завод за статистика, речиси кај сите земјоделски производи се бележи зголемување на количините. Особено се издвојуваат грозјето, пченицата и јаболката, како и производството во сточарството, особено во свињарството, овчарството и производството на говедско месо“, појасни Трипуновски.
Тој додаде дека зголемувањето на количините е забележано и кај останатите земјоделски култури, што претставува значаен показател дека 2025 година може да се оцени како успешна, со зголемен интензитет и на откупот и на извозот на земјоделски производи.
Економија
Мицкоски: Очекувам инфлацијата да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека Државниот завод за статистика излезе со извештај за инфлацијата и какви се очекувањата за оваа година, изјави:
„Во делот на храната, минатата година имаше „божиќна кошничка“, „јануарска кошничка“ и така ќе биде и во април. Инаку ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3% на ниво на годишна инфлација оваа година. Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионов. Освен во соседна Србија каде што е 2,2 – 2,3 поради тоа што они имаат мерка, онаа мерка со ограничување на цените на производите. Првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира и наеднаш ќе имаат пик, бидејќи ние тоа го видовме една година пред они тоа да го имплементираат и затоа одлучивме преку други механизми да се бориме против инфлацијата.
Инаку што се однесува до другите месеци, јас очекувам да бидат под 3%. Да речеме има држави во Европа како што е Романија, каде што инфлацијата во јануари е 9,8%, има Турција каде што е двоцифрена инфлацијата, преку 30%, соседна Бугарија, Хрватска и така натаму, да ги редам, голем број примери во Европа, каде што инфлацијата е многу поголема од таа што е кај нас. Јас очекувам кај нас инфлацијата оваа година на годишно ниво да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме.“

