Економија
Групацијата АРИКОМА ја презема шведската компанија Stratiteq
Кон крајот на 2020 година Групацијата АРИКОМА, ИТ-холдинг, во сопственост на чешката KKCG, ја купи компанијата за развој на софтвер и консалтинг „Сеавус“. Деновиве, АРИКОМА направи уште еден чекор кон својата меѓународна експанзија преземајќи ја шведската компанија Stratiteq. Со оваа аквизиција АРИКОМА ќе ја зајакне својата позиција не само на пазарите во Шведска и Скандинавија туку, пред сѐ, и во областа на деловните решенија базирани на податоци и стратешки консултации. Stratiteq, со канцеларии во Малме и Стокхолм, носи над 100 нови вработени во АРИКОМА.
„Во Stratiteq гледаме комапнија со големи вредности и одлични луѓе. Нивното портфолио е импресивно, со многу иновативни проекти и за регионални и за меѓународни компании, како што се Haldex, Skånetrafiken, Securitas и Vattenfall. Тие го знаат целиот процес на работа – од напреден развој на софтвер до иновативни стратегии што го трансформираат начинот како компаниите може да работат во дигиталниот свет базиран на податоци. Тие ќе ја зајакнат нашата групација, а ние ќе го забрзаме нивниот раст. Станува збор за совршено вклопување“, вели Лудовик Гауде, раководител на секторот за развој на софтвер (custom software development) во Групацијата АРИКОМА.

Јохан Алквист, претседател на одборот на Stratiteq, додава: „Задоволни сме што ѝ се приклучивме на Групацијата АРИКОМА. За нас, ова е природен чекор во приказната на Stratiteq, со брзо следење на новата стратешка насока што ја почнавме во 2020 година, истовремено почитувајќи ги основните вредности на кои е основана компанијата пред 17 години. Со нетрпение очекуваме да работиме со компаниите во Групацијата и заедно да создаваме иновативни решенија“.
Групацијата АРИКОМА работи кон тоа да стане силен европски играч во областа на ICT и SW-решенија. Според Микал Томанек, директор за инвестиции во KKCG, оваа аквизиција е уште еден чекор кон таа цел: „Stratiteq ќе ни помогне не само да го збогатиме нашето портфолио во Скандинавија туку и да ги подобриме нашите способности во исклучително атрактивниот простор на дигиталната трансформација“.
Со оваа аквизиција сите операции и деловни активности на Stratiteq ќе останат непроменети во блиска иднина. Групацијата АРИКОМА е посветена на одржување на лидерството и основните вредности врз кои е изградена компанијата.
Френк Хенекенс, извршен директор на Stratiteq, вели: „Имаме големи амбиции и досега бевме 100 % фокусирани на создавање сопствен раст. Веруваме дека нашата компетентност е природно дополнување на оваа групација и возбудени сме што ќе станеме дел од неа. Таа има и знаење и сила да ни помогне да го развиеме нашиот бизнис“.
Договорот за продажба на 100 % удел во компанијата беше потпишан овој понеделник од страна на сопствениците на Stratiteq и претставници на АРИКОМА. Трансакцијата сѐ уште е предмет на одобрување од страна на соодветните антимонополски канцеларии и се очекува да заврши на почетокот на октомври.
Откога ќе заврши овој процес, Групацијата АРИКОМА ќе се состои од 9 компании со консолидиран промет од над 340 милиони евра и EBITDA (заработка пред камати, даноци и амортизација) од речиси 37 милиони евра, со над 3.000 вработени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

